Стариот конак на лешочкиот манастир ќе биде целосно реставриран. За начинот на кој ќе се реконструира овој дел од манастирскиот комплекс, вчера на консултативна средба во Лешок разговарале Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Ѓурѓица Лековска, архитект од Националниот конзерваторски центар, нејзините соработници – познатите црковни архитекти Владо и Искра Лековски, како и Архимандрит г. Партениј.
Стручните лица од козерваторскиот центар имаат големо искуство во традиционалната народна и манастирска архитектура. Отец Партени пак, како опитен и долгогодишен игумен на живи општежителни манастири, дал свои совети за изнаоѓање решение на прашања од голема важност за идната ревитализација на Лешочкиот манастир.
Иницијативата за реконструкција на стариот конак е на надлежниот Архиереј, Владиката Јосиф, кој, како што велат од неговата епархија, негува особена љубов кон Лешочкиот Манастир и таму е често присутен.
Стариот конак на Лешочкиот манастир е изграден во 19-ти век, и тој е веќе во многу лоша состојба.
Проектот, кој е почеток на планот за потполно обновување на Лешочкиот манастир, ќе биде финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.

