Почетна Анализа Куриозитети за Богородица Заумска во село Трпејца
Куриозитети за Богородица Заумска во село Трпејца

Куриозитети за Богородица Заумска во село Трпејца

660
0

Најпосетувана црква во летниот период, пристапна само по езерските води, во близина на селото Трпејца, црквата Богородица Заумска е уникатна по многу нешта. Еве некои факти (куриозитети) за неа кои не сте ги знаеле.

ПРИКАЗНАТА ЗА КЕСАРОТ ГРГУР И КУЛТОТ НА БОГОРОДИЦА ЗАУМСКА

Од натписот на влезната врата дознаваме дека Заумската црква е подигната за време на владеењето на цар Урош во 1361 година, дека ктитор на архитектурата бил кесарот Гргур, а на сликарството кир Григориј, епископ деволски и прототрон (провпрестолен епископ) на Архиепископијата. Кој бил Гргур е предмет на сериозна дебата кај научниците.

Во тие години намесник во Охрид бил севастократорот Бранко, чиј син, кесарот Гргур управувал во Девол, на што укажува неговото ктиторство во рамките на Деволската епархија. Севастократорот Бранко со синовите Гргур, Никола и Вук му останале верни на Урош. Гргур бил еден од моќниците кој во овој дел учествувал во запирањето на Симеоновиот притисок. Во спомен на старото родно место на неговиот татко, кесарот ја изградил Богородица Заумска на Охридското езеро воедно и како спомен за светото место од родниот крај во Захумље (Херцеговина). Оттаму, Гргур го префрлил култот на Богородица Захумска на овие краишта врзувајќи го така своето име со овој голем култ. Со себе понел чудотворна икона позната како Неракотворена која била главна олтарна икона во црквата. Археолозите ја наоѓаат уникатната икона во реставрацијата на црквата во 60-тите години од минатиот век и ја сместуваат во црквата Св. Никола во село Трпејца. Таму стои извесно време се до нејзиното исченување. Во 2006 година со реставрацијата на оваа црква многу нејзини раритетни вредности се губат во неповрат.

Во областа Захумље, во 14-тиот век се наоѓало седиштето на Захумската епископија во градот Стон (денес село Бјело во Бока Которска). Таму постоел манастир посветен на Појасот или Риза на Пресвета Богородица. Но, веќе во половината на 14тиот век тој крај потпаднал под власт на Дубровник, а манастирот бил разурнат и претворен во католички храм. Хумскиот епископ Данило го преселил седиштето на епископијата во манастирот Св. Петар и Павле на Лим. До ден денес не се знае точната локација на овој манастир и кој култ на Богородица или на нејзините чуда бил посветен. Богородичната катедрална црква во Стон можеби била наречена Богородица Захумска. Во исто време, кога се губи секаква трага од  манастирот, кесарот Гргур го пренел култот на богородичната икона од Захумље што е резултат на необичната посвета на Охридската црква.

Денес, во манастирот е обновена традицијата да се вршат богослужби на 4 јули и за Мала Богородица. Риза на Богородица се празнувал непосредно, на ден 2 јули, а во манастирот има фреска на која е насликана токму богородичната риза.

ФРЕСКАТА СМРТТА НА БОГОРОДИЦА ЈА ИМА САМО ВО ЗАУМ

Дали знаете дека во црквата Св. Заум се наоѓа ретка слика, која ги опишува настаните кои се случиле непосредно пред  Успението, мигот кога Богородица му ја соопштува блиската смрт на апостолот Јован? Оваа слика е откриена уште само во јужната капела на Афендико во Мистра, а нејзиното вообличување своја текстуална основа ја има во хомилија за Успението на Богородица на солунскиот архиепископ Јован.

На таа сцена  прво се јавува ангелот кој и навестува дека наскоро „ќе излезе од своето тело“ и дека доаѓа крајот на нејзиниот земен живот. Богородица оди да се моли на Маслиновата гора, а потоа следи проштевањето со познатите. На трогателноста на сцената, пред влегувањето на Јован, укажуваат двете жени во аголот од фреската. Расплакани, со лица низ кои минува грч на тага. Рацете им се подадени кон Богородица. Сцената која е ретка и единствено претставена во Заум, е влегувањето на Јован, во веќе мачната атмосфера, и неговиот разговор со Богородица. Разговор за скорешната смрт. Богородица седи на висок трон, со прекрстени раце. Гори свеќа од високиот свеќник кој е запален пред неа. Апостол Јован е насликан по мигот кога ја отворил вратата и стои, зачуден и вџашен. Во грч и неверување тој ги подава рацете кон неа. Во напнатата атмосфера, се е во знакот на претскажување и исчекување на смртта. Последната порака на Богородица е да им ги предаде нејзините фустани на двете жени. Но, наместо тоа, мајсторот тој чин го врзал за Богородица, која сама ги предава фустаните.

Дали ова навестување на своето заминување го симболизира самото име Заум, во смисла на Замин? И не е ли тоа заминување чекор поблиску до една друга димензија-новиот живот? Просторно веднаш до фреската за смртта се надоврзуваат фреските од јужниот ѕид на наосот на кој е насликан циклусот на детството на Богородица и Благовеста на Јоаким. Завршува еден циклус од живот на светицата и веднаш почнува нов- радосната вест за зачнувањето на мајката која ќе го роди спасителот на светот. Овие спротивности–исчекување на смртта и исчекување на раѓањето, препуштање на судбината, но и пркос на непоколебливата вера се уникатно споени само овде, на овој простор, во овој ум на мајсторот кој бил исклучителен во својата дарба.

 ГОЛА ГРАДА ВО ЦРКВА ОД 14ти ВЕК

Ана Mлекопитателница од Заум како ја дои малата Богородица е една од најдобрите студии во византиското сликарство. За разлика од другите фрески на оваа тема, сликарот во Заум  насликал млада жена, со голема, разголена дојка. Фреска со најголема града има само во Заум, но големината има длабока психолошка симболика. Ликот и е наведнат, а погледот нејзин како од друг свет. Како да знае дека кога ќе порасне нејзиното чедо ќе има многу маки. Знае дека од нејзе ќе започне едно ново поглавје во историјата на човештвото-спасот од гревот. Маките на нејзиното чедо ќе бидат многу големи, а нејзиниот живот со голема болка поради жртвувањето на нејзиниот сакан син. Големината на градата е само симбол на емпатија, вселенска, духовна. Ваквата уникатност во претставата на Ана со Богородица на градите може да се спореди само со онаа на цибориумот на Св. Марко во Венеција и во Перивлепта во Мистра.

РИБАРОТ ОД ТРПЕЈЦА КОЈ ЈА ПРЕТСКАЖАЛ СВОЈАТА СМРТ

Една зима, во 1953 година, во близина на Заум, ненадејно се превртува тешко кајче со четворица рибари . Од нив, единствено рибарот Ристе ќе остане мртов на дното од езерото. Во долгите рибарски чизми, со вкочанет поглед во сините води вплетен во мрежите.

Уште понеобично беше откривањето на податокот дека стариот рибар-ја претскажал својата смрт! Велел дека ќе умре на истиот начин: во вителот на водите. Во неговиот однос немало страв, туку препуштеност на неминовноста, на настанот кој не можел да го избегне. Како во миг на провидение тој го гледал својот крај во темните води на езерото. Дали ваквото необично претскажување на смртта може да се спореди со она Богородичното, каде блескаво и храбро Богородица му соопштува на Јован за нејзината набрза смрт?

Познати се легендите за Охридскиот бермудски триаголник, дека во близина на Заум се наоѓа најдлабоката точка на езерото каде се случуваат многу несреќи. Смртната иконографија во црквата е во склад на она што се случува реално. Дали исчезнувањето на чудотворната икона на Богородица е причина за ваквите несреќи? Кој може да ги открие непредвидливите, недофатни патишта на земното и небесното претскажување на смртта?

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *