Почетна Вести Курбиново ќе прерасне во значаен туристички центар
Курбиново ќе прерасне во значаен туристички центар

Курбиново ќе прерасне во значаен туристички центар

284
0

Францускиот архитект Ерве Декломенил, реномиран специјалист за заштита на споменичното културно наследство од Нормандија, ќе ја понуди својата експертиза со цел преспанското село Курбиново да прерасне во значаен туристички центар.

Со таа цел ќе се подготви проект за изработка на инфраструктура на локалитетот околу црквата „Св. Ѓорѓи“, еден од најзначајните културно историски споменици во Македонија.

Таму паралелно течат и конзерваторски зафати кои ги спроведуваат стручните тимови на Заводот, Музеј-Битола.

-Истражувачките работи се уште траат, а во нив учествуваат преку 40 експерти, врвни имиња од областа на заштитата. Со привремениот заштитен покрив видно се подобри состојбата во храмот, односно се стабилизира состојбата со влажноста која ги предизвикуваше деформирачките процеси.- рече Ристо Палигора, Завод Музеј Битола.

Сега ова вредно културно наследство треба да стане подостапно за туристите, со цел истите во поголем број да се привлечат во овој регион.

-Целта е да го доведеме овој споменик на она вистинското ниво и да го постигнеме развојот на културниот туризам во тој регион. Од Франција ќе се вклучат со стручната помош во делот на урбанистички планови. Во селото има потреба за уште еден пат бидејќи мошне е тешко да се стигне до црквата.- вели Зоран Алтипармаков, Завод и музеј Битола.

Францускиот архитект Декломенил вели дека е импресиониран од поставеноста и природното опкружување на црквата.

-Она што ме импресионира е едноставноста во надворешната конструкција со исклучително богат ентериер. Целта на мојата посета е да се обидам да ги истражам работите кои досега беа реализирани, а потоа да придонесам со мојата експертиза да може на најдобар начин да се изврши ревитализацијата на нешто што е толку вредно и што го поседувате овде во Македонија.- рече Декломенил.

Црквата Св. Ѓорѓи датира од 11 век. Истата е споменик на културата заштитен со закон. Сликарството од оваа црква е светски познато како ремек-дело на византиската уметност во Македонија.

/KANAL 5

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *