Почетна Коментар Кучешки живот
Кучешки живот

Кучешки живот

199
0

Беше топло претпладне. Белиот мермер на плоштадот беше усвитен од жешкото пролетно сонце. Никој немаше да му се порадува на сонцето, освен Шарко. Си се топлеше распослан со целата своја снага на болскотниот бел мермер, зашто зимата му ја изѕемна снагата, а студот уште му ги гризеше коските. Навикнат беше Шарко да му го кршат раатот и тоа во најслатката дремка, ама тоа е, та нели е куче скитник. Го скорна човечка сенка и уште пред да ги отвори очите веќе беше уловен. Во целата своја избезуменост чу смирувачки зборови:

– Будалче бушаво, па немој да се плашиш. За твое добро е ова. Ќе те избањаме, вакцинираме, кастрираме, ќе добиеш жолта обетка и пак ќе те вратиме на улицата. Нели чувствуваш колку љубов има во нас?

Шарко беше престрашен, но реши да не протестира. Се помири со судбината, а искрено поверува и во љубовта која ја промовираше неговиот нов пријател. Кога одеднаш идилата ја пресече гласот на некој минувач:

– Убаво е бре дете што помагате, ама па што се фатиле за ова кучињава, па има многу луѓе на кои може да им се помогне?

– Ај гледај си патот. Овие душички се на улица токму од такви клети луѓе што не водат грижа за нив, а потоа и ги бркаат од улица, фрлаат со камења по нив. Немој да си и ти од оние што јадат месо, па да станам да ти ја скршам главата на плочников? А? – се обрати љубовно кон постариот скромен човек со ќеса мелено месо во својата рака.

Минувачот си плукна во пазуви за да не му се повтори и молчешкум се оддалечи. Во истиот момент Шарко исплашен да не треба да ја лока крвта од скршената глава на стариот, збунет, чудејќи се како може некој него да го сака, а вака се заканува на луѓе, летна да бега колку што го држеа нозете. Попусти беа обидите да го стигнат и да му помогнат.

Откако се смири брканицата реши да влезе во едно кафуле да си легне под некоја маса. На два -три чекори зад него беше еден продавач на весници, кој уште недовлезен беше опоменат да го напушти објектот. Кога праша зошто, му одговорија дека не му е тука местото.

– А кучево? – праша зачуден.

– Душичка е тоа, нека одмори – му одговорија.

– Ама и јас имам душа…

– А бре излегувај да не викнам обезбедување, па да ти ја извади таа твоја душа – му се заканија повторно.

Со наведната глава и насолзени очи се оддалечуваше од местото. На Шарко му падна незгодно, оти сепак беше суштество со осет, па уште незалегнат излезе од кафулето.

Лутајќи така помина покрај група од неколку ученици седнати на една клупа и не сакајќи им го чу разговорот.

– Како беше Евровизијата?

– Тапа, брат. А нашите шо да ти кажам?

– Ги гледаше?

– Не, ама читав на Твитер, најлоши.

– Остај Твитер и ФБ. Може и не биле толку лоши.

– Убедливо најлоша песна. Јас ја слушнав.

– Како беше песната…

– Знаеш дека кец имам по музичко и ме прашуваш да ти ја запеам?

Шарко ја спушти главата, му клапнаа ушите и продолжи, за да чуе друг муабет во блискиот ресторан од масата на која седеше млад пар.

– Златце, ај ти плати пак.

– Ама миличок, па се јас ли?

– Си имаш ти парички се уште, си заработи со ова твоиве.

– Да, ама дојде животот сега, па сега вие ќе правите пари, еве ќе ви проработи ксметот.

– Иии, има после да те носам во кој сакаш ресторан, туку кај и да е деновиве ќе земе баба ми пензија, па одиме на ќебапи. Што велиш љубави?

Кучето се усрами наместо нив. Таман да го напушти плоштадот, одеднаш се зачу тропот од многу нозе. Голема група се движеше по улицата. Штом ја подигна главата ги забележа црните маици со големи крстови прописно растегнати на горостасни момци. Си помисли: Море, да не се ова попчиња млади што решиле да ги смената мантиите со нешто помодерно, та сега вака здружно одат на пиво за да гледаат фудбал. Извикуваа дека и во МПЦ има предавници кои треба да се избричат оти ја продавале црквата. Како се осудил некој да каже дека Бугарија ни е мајка. Да умрат Бугарите, да живеат Македонците. Попови, лопови со џипови…

Во целата таа гужва пред нозете на Шарко падна торбулето на еден од лидерите. Испадна се од него, нов бугарски пасош, сообраќајна дозвола за џип со бугарски таблички, неколку зелени банкноти. Сопственикот се наведна малку подзасрамен за да си ги собере “ситниците”, но другарите го тешеа дека многумина од толпата имаат европски пасоши, а и колите им се со странски таблички.

Шарко бесен од се што виде и чу за еден ден, зеде бесцелно да трча низ улиците. Му падна снагата лутајќи, па си се врати на плоштадот за да се напие вода од барокната фонтана. Таму ги најде сите луѓе што ги сретна дента. Не можеше веќе да издржи, многу тежина му налегна на кучешката му душа, па залаја гласно и бесно, за да сврти внимание кон себеси, а потоа на чист македонски јазик без примеси на сленг или дијалект им се обрати на сите:

– Кога животот ви е тежок велите живот кучешки. Море јас не би го сменил мојот кучешки живот со вашиот ниту за еден ден. Ниту со тебе што ќе ме спасуваше мене, а ќе му ја кршеше главата на стариот, ниту со тебе девојко што мислиш дека јас сум душа, а ти немаш душа па викаш обезбедување да извади душа некому. Ниту со тебе што имаш единица музичко, а коментираш за музика, ниту со тебе што не проверуваш дали има вистина во коментарите на ФБ и Твитер, ниту со тебе, девојко, што си направила пари додека твоите биле на власт, ниту со тебе, бедна душо, што мислиш дека една власт паднала за друга да се богати, ниту со тебе со џипот, што мислиш дека само твојот е од пот, а туѓиот од крадење, ниту со тебе со избричената глава што мислиш дека можеш да бричиш попови, ниту со тебе што БПЦ не ти е мајка, ама пасошот ти е бугарски, ниту со тие шо не знам шо мајка бараат во Бугарија. Пуст да ви е животот кучешки, кучиња бесни – го заврши своето обраќање Шарко.

Замолчеа сите. Тишина.

– Куче што зборува видовте?

– Ај шо зборува, ама нешто многу зборува. Памет ни соли згора не се.

– Убиј го. Тоа ќе не учи нас…

Се стрчаа кон него. Шарко не се помрдна од местото.

– Поарно ќе умрам отепан повикувајќи ја вашата совест, отколку да живеам како вас, без неа – рече низ заби Шарко и испушти душа.

– Нека зборува и нека соли памет сега. Пес ни еден. Ајде сега раат да се разотидеме – задоволни од завршената работа коментираа убијците разотидувајќи се.

– Што направивте бре магариња едни? – се чу гласно прашање од залутаното куцо магаре на плоштадот, кое ја нишаше главата во неверување од она што го виде. Сите се направија дека не го чуја.

Лозана-Крањ 
15.05.2018

Пишува: Отец Пимен Митрополит на Европска епархија/ Дневен весник Вечер

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *