Почетна Анализа Краток преглед на историјатот на Охридската Архиепископија
Краток преглед на историјатот на Охридската Архиепископија

Краток преглед на историјатот на Охридската Архиепископија

3.76K
2

Историјата на Црквата треба, всушност, да се нарекува историја на вистината

Блез Паскал (1623 – 1662)

 

На 9. мај 2022 г., Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, на голема радост за православните верници кај нас, но и ширум православната екумена, го исцели повеќе деценискиот црковен раскол и ја „прими јерархијата, клирот и народот на Црквата под водство на Архиепископот Стефан во евхаристиско единство“, признавајќи ја под нејзиното историско и еклисиолошки исправно име „Охридска Архиепископија“. Тоа е прекрасен повод сосема накратко да се потсетиме на историјата на древната Охридска Архиепископија, која во многу нешта ги задолжила сите православни народи што живееле на просторот на нејзината диецеза и пошироко на Балканот.

Создадена непосредно по ликвидирањето на Самоиловата држава, древната Охридска Архиепископија својот црковно-канонски легитимитет на автокефална црква го добива врз основа на три хрисовули издадени од ромејскиот (византиски) император Василиј II, датирани во 1019 и во 1020 година. Определувајќи го градот Охрид за нејзино единствено седиште, во следните 800 години од своето постоење, сè до укинувањето во 1767 г., таа ќе биде една од највлијателните православни помесни цркви на просторот на византискиот балкански комонвелт, веднаш зад Вселенската Патријаршија во Константинопол.

Големиот познавач на историјата на Охридската Архиепископија, охриѓанецот Иван Снегаров, во предговорот кон вториот том на неговата История на охридската архиепископия – патријаршия, издадена во Софија во 1932 г., ќе напише дека Охридската Архиепископија е плод на величественото дрво посадено од Св. Климент Охридски за време на неговата мионерска и епископска работа. И навистина, иако нејзините почетоци се повеќе од 50 години по смртта на св. Климент, за цело време од своето постоење, Охридската Архиепископија е ревносен чувар на духовното наследство на светецот кој е нејзин духовен покровител и патрон. Така е во времето на познатиот охридски Архиепископ Теофилакт (11. – 12. век), така е во времето на уште попознатиот Архиепископ Димитриј Хоматијан (13. век), и така останало сè до наши дни.

Изворите сведочат за тоа дека уште во времето на Самоиловата династија (976 – 1018) градот Охрид станал седиште на Архиепископија. Сепак, вистинскиот канонски легитимитет Охридската Црква го добила во првите години од целосното воспоставување на ромејската власт на тие простори. Имено, со повелбите на царот Василиј II мошне прецизно бил уреден нејзиниот самостоен и автокефален канонски статус во ранг на Архиепископија. Во нив, византискиот суверен, мошне мудро и визионерски, прецизно ги утврдил диецезата, правата и обврските на ново формираната архиепископија. Тоа е периодот кога Охридската Архиепископија го доживеала својот најголем процут во секој поглед.

Формирана, значи, со императорска повелба, Охридската Архиепископија функционирала како ромејска институција, обединувајќи во својата диецеза различни средновековни етницитети – сите народности кои живееле во балканскиот ареал на нејзината диецеза. И притоа кон сите се однесувала подеднакво; како кон свои чеда, независно дали станувало збор за славјанофоно, гркофоно, албанофоно и др. православно население. Таа, всушност, доследно го следела примерот и политиката на својата мајка црква Вселенската Патријаршија, која строго се држела до новозаветниот принцип дека во Црквата нема разлика меѓу Јудеец и Елин. (сп. Рим. 10,12)

Најдобар пример за блиските релации и нераскинливи врски меѓу Охридската Архиепископија и Вселенската Патријаршија во Константинопол е фактот што речиси без исклучок сите охридски архиепископи потекнувале од редовите на клирот на Вселенската Патријаршија. Истото е карактеристика и за високата јерархија на Охридската Архиепископија. За нејзината суштинска поврзаност со византиската престолнина, Царицата на градовите – Константинопол, дополнително сведочи и фактот што ромејскиот василевс лично го избирал идниот претстојател од тројца кандидати предложени од Синодот на Архиепископијата. Така останало сè до потпаѓањето под османлиска власт.

По паѓањето на Константинопол и освојувањето на Византиската Империја од страна на крстоносците (1204), Охридската Архиепископија и понатаму продолжила да егзистира како автокефална црква. Таа го задржала автокефалниот статус за време на епирската држава во првата половина на 13. век, како и во времето кога поголемиот дел од нејзината диецеза влегол во границите на Второто Бугарско Царство, по битката кај Клокотница во 1230 година.

Задржувањето на статусот на автокефална црква го бележиме и во периодот по возобновувањето на Византија (1261), кога Охридската Архиепископија не само што ја зачувала својата автокефалија, туку ги вратила угледот и влијанието кои ги уживала во времето на императорот Василиј II и неговите наследници. Статусот останал непроменет и по српските освојувања на поголемиот дел од византиска Македонија кон крајот на 13. и почетокот на 14. век. Единствено нотираме дека се намалува нејзината диецеза, за сметка на Пеќската Патријаршија.

Разгледувајќи ја неколкувековната историја на Охридската Архиепископија во периодот пред османлиските завладувања на Балканот, забележуваме дека границите на нејзината диецезата постојано се менувале и зависеле од политичките прилики во регионот. Делови од нејзината диецеза, во различни периоди биле под власт на различни владетели. Сепак, она што предизвикува внимание е фактот дека нејзиниот канонскиот статус на автокефална црква никогаш не бил нарушен и оспорен, ниту од страна на Вселенската Патријаршија, ниту од страна на политичките власти. Врските меѓу црковен Константинопол и Охрид продолжиле во континуитет да се продлабочуваат и јакнат. Охридските архиепископи речиси без исклучок го признавале приматот на Вселенската Патријаршија во православната екумена и посебно на просторот на византискиот балкански комонвелт. Воедно и Патријаршијата го почитувала угледот на јерархијата во Охрид. Историските извори не бележат години на раскол помеѓу Константинопол и Охрид, што не е случај со другите средновековни помесни цркви на Балканот.

За време на својата осумвековна историја, Охридската Архиепископија изнедрила и голем број просветени и истакнати архиереи. Во редот на угледните охридски архипастири најпрво го вбројуваме првиот Архиепископ Св. Јован Дебранин (1018 – 1037), назначен на таа функција од императорот Василиј ΙΙ; потем, двајцата извонредно големи охридски архиереи – Теофилакт Охридски (ок. 1084 – 1107) и Димитриј Хоматијан (1216 – 1234). Тие, меѓу другото, нè задолжиле со својата богословска и хагиографска дејност, оставајќи зад себе бројни пишани дела. Во нив се содржани толкувања на многу сложени канонски прашања. Архиепископот Јован бил познат преведувач на теолошка и аскетска литература, а блажениот Теофилакт и учениот Димитриј се автори на двете житија на Св. Климент и оттука се најзаслужни за воскреснувањето на неговиот култ кај паствата на Охридската Архиепископија. По нив следуваат Константин Кавасила (ок. 1250), Макариј Охридски (крај на 13. – поч. на 14. век) и др.

Интересен и мошне податлив за научен интерес е османлискиот период од историјата на Охридската Архиепископија. Тоа е времето на османлиското владеење на Балканот, сè до укинувањето на Архиепископијата во 1767 година. Па така, во првите два века под османлиска власт, на охридските архиепископи им биле потврдени старите и признаени дополнителни привилегии од страна на султаните. Во тоа време особено истакната улога имал Архиепископот Прохор Охридски (ок. 1528 – ок. 1550).

Во тој периодот продолжиле и извонредно добрите односи меѓу Охридската Архиепископија и Вселенската Патријаршија. Традицијата на избор на охридската висока јерархија, вклучитено и изборот на охридскиот архиепископ од редовите на клирот на Патријаршијата во Константинопол продолжила и понатаму да се негува. Иако речиси сите митрополити на Архиепископијата биле Грци или гркофони, сепак мора да се потенцира дека тие благонаклоно се однесувале кон целата нивна паства, подеднакво правично кон сите, независно дали станувало збор за славјанофоно, гркофоно, албанофоно, влахофоно или др. православно население. Оттука, со полно право констатираме дека Архиепископијата во Охрид, впрочем како и Вселенската Патријаршија во Константинопол и Пеќската Патријаршија се институции кои се најзаслужни за зачувување на православниот идентитет на Балканот.

Веќе во 17. век состојбите се менуваат. Поради низа внатрешнополитички прилики во Османлиската Империја, дошло до осиромашување на многу православни цркви и манастири. Економската криза и сè позачестеното политичко самоволие на локалните османлиски власти довело до тоа многу храмови да бидат опустошени и парализирани за извршување црковна дејност. Охридските архиереи и ереи почнале се почесто да се соочуваат со сериозни финансиски проблеми.

Тешката материјална положба на православното население под јурисдикција на Охридската Архиепископија дополнително се усложнила во првата половина на 18. век. Причина биле економската криза и зачестените непринципиелни провокации на локалните власти. Епархиите на Архиепископијата осиромашиле до мера што повеќе не можеле да ги подмируваат ниту основните финансиски и други побарувања. Долговите постојано растеле, вклучително и даночните и други обврски кон османлиските институции. Во идентична ситуација се нашла и Патријаршијата во Пеќ. Во едни такви услови на финансиска немоќ да ги подмирува долговите кон османлиската држава, во 1766, односно во 1767 г., султанот Мустафа III доследен на неговата строга фискална политика, прво ја укинал Пеќската Патријаршија, а неколку месеци потоа и Охридската Архиепископија. Притоа, сите нивни епархии по автоматизам се нашле под јурисдикција на Вселенската Патријаршијата, којашто практично останала единствената влијателна православна црква во Османлиската Империја.

Она што во овој контекст сакаме да остане забележано е потеклото на историската нарација за улогата на Вселенската Патријаршија во донесувањето на султанската одлука за укинување на Охридската Архиепископија, која, пак, не се разликува во многу со онаа за укинувањето на Пеќската Патријаршија. Имено, во 19. век најпрво во Западна Европа, а потоа и на Балканот се јавува феноменот на формирање на нациите. Притоа, секоја од тогаш младите балкански славјански нации, пред сè, тука мислиме на српската и бугарската, почнале да градат сопствени национални митови. Во нив меѓу другото влегувале и политички конструираните нарации за црковните состојби во минатото, гледани низ призмата „ние“ наспроти „другите“. Овие нарации постепено се „одомаќиниле“ во балканските национални историографии, што со тек на времето речиси никој не ги доведувал во прашање.

Денес времињата се поинакви. Историјата како современа научна дисциплина изградила строго утврдена научна методологија на иследување на историските процеси, настани и личности. Секој сериозен научник мора строго да се држи до научната методологија, затоа што само така се доаѓа до објективната историска вистина чија крајна цел е еманципација на општеството.

Во контекст на сето кажано сметаме дека научните факти недвосмислено укажуваат на тоа дека единствената причина за укинувањето на Охридската Архиепископија во 1767 г. е строгата фискална политика на султанот Мустафа III и неможноста на Архиепископијата да ги исплати сериозните долгови кон османлиската држава. За скриени национални агенди и денационаторски политики во 17. – 18. век е несериозно да говориме од причина што тогаш нациите сè уште не се појавени на историската сцена – ниту во Западна Европа, а уште помалку на Балканот.

Она што, исто така, е дел од објективната историска вистина е фактот дека Охридската Архиепископија го достигнала својот зенит во времето на византиската епоха. Тоа е периодот кога во себе ја обединувала речиси сета територија на ромејските владенија на Балканот. Под нејзина јурисдикција било целото славјанско, дел од грчкото и албанското православно население на Балканот. Оттука, историјата на Охридската Архиепископија не е ексклузивен дел од ничија теснонационална историја. Напротив, таа е, можеби, една од ретките која во себе ги обединува историите на сите православни балканските народи.

На крајот од овој кус преглед на историјата на Охридската Архиепископија завршуваме со евангелскиот цитат: „И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, зошто беше изградена од камен“. (Матеј 7, 25) А, пак, Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј го исцели повеќе деценискиот раскол и ја стави последната тула во изградбата на старо-новата Охридска Архиепископија, на радост на сите добронамерни православни верници, каде и да се.

Пишува: Проф. д-р Драган Зајковски, црковен историчар и медиевист

Коментар(2)

  1. Ако можи и подолг преглед … и тоа сега пред Педесетница, да ја загрееме работата малку повеќе …

  2. ПРВ АРХИЕПИСКОП Е Св.Климент од 893 по време на балгарското цар Борис 1ви !
    После него се Теофилакт и Хоматјан кој за Св.Климент пишат.
    Статијата е манипулативна игнорирсјки балгарското карактер на ОА

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *