Почетна Коментар Копнеж – духовно да се прогледа
Копнеж – духовно да се прогледа

Копнеж – духовно да се прогледа

148
0

Во денешното евангелие (Лука 18, 35–43), слепиот повикува кон Господ Христос: „Исусе, Сине Давидов, помилуј ме“. Оваа состојба го покажува првиот степен од духовниот раст – чистењето на срцето од страстите.

За овој степен од духовниот развој се карактеристични усно-умствената молитва и очистувањето на енергијата на умот; но, исто така, и непристапноста на срцето за умот и непросветленоста, т.е. духовното слепило.

Кај слепиот ја забележуваме не само упорноста во усната молитва, туку и свеста дека е слеп и потребата да се ослободи од таа слепост. Има луѓе кои немаат свесност дека се духовно слепи и тие ги гледаат работите согласно своите страсти – што, според Господ, е полошо и од слепило (Матеј 5, 29).

И, како со копнеж ќе повикаш кон Господа да ти ги отвори духовните очи ако си мислиш дека веќе духовно си прогледал? Ваквата прелест покажува безверие и неспремност за духовен подвиг. А секој подвиг си бара време.

Слепиот верува дека Господ Исус може да го исцели и затоа никој, и покрај забраните, не може да го спречи неговиот молитвен повик кон Него. Тоа е вистинска пројава на вера поврзана со дела.

Истото важи за нас денес. Треба да го освестиме своето духовно слепило, треба да веруваме дека Богочовекот Исус Христос може да нè исцели и треба оваа наша вера да ја докажеме на дело – со што почесто призивање на името Негово, без да дозволиме некој или нешто да нè попречува.

Кога, преку усниот и умствен молитвен подвиг, ќе почнеме постепено да ја чистиме енергијата на умот, истовремено и неосетно ќе почне да се очистува и суштината на умот и ќе стекнуваме благодатна светлина која ќе ни овозможи да согледаме какви сме, да видиме колку сме душевно болни и духовно слепи.

Господ заповеда да Му го доведат. Тоа е икона на, од Господ основаното, духовно раководство, преку коешто слепиот и единствено може да дојде до Христос. Оној што е под правилно духовно раководство и е свесен за својата духовна слепост, знае и што најнапред да побара: „Господи, да прогледам!“

Втората состојба почнува кога Христос направи слепиот да прогледа. Оваа состојба го покажува вториот степен од духовниот раст, а тоа е просветлувањето на умот преку умно-срдечната молитва.

Просветлувањето, од една страна, си бара подвиг за доволно очистена суштина на срцето од страстите, а од друга страна, тоа е Божји дар. Чистотата на срцето ја овозможува пројавата на благодатта на Крштението во него, како и симнувањето на умот таму. Бидејќи умот веќе го знае местото на срцето, тој ја напушта усно-умствената молитва и продолжува да се моли внатре во срцето. Таму, соединет молитвено со Божјата благодат, тој се просветлува.

Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *