Почетна Коментар Колку Делчев ја сакаше Црквата?
Колку Делчев ја сакаше Црквата?

Колку Делчев ја сакаше Црквата?

447
0

Заветна желба била на Гоце неговите посмртни останки да бидат пренесени еден ден во слободната татковина, во нејзиниот престолен град. Неговата желба била исполнета 43 години по неговата смрт. За сето време тие биле повеќе пати ископувани, криени, пренесувани и конечно на најсвечен начин, на 10 октомври 1946 година положени во слободно Скопје. И оттогаш почива спокојно во црквата „Свети Спас“ во мермерен саркофаг кој е дело на македонски мајстори каменоресци.

Монументалниот саркофаг во црквата „Свети Спас“ сведочи токму за една таква љубов, за еден незаборав, и често ќе се прашате, зошто токму овде, во дворот на оваа црква е поставен неговиот вечен дом? Патината на црквата со нејзините меки и топли архитектонски форми, се судрува со тврдиот и корав, грубо исечен саркофаг. Но, како што внатре се крие ремек-делото на македонското резбарство, она кое доби потврда за највредно во светот, така и во гробот се крие хуманоста, љубовта и сочуството, токму оние форми што го сочинуваат патосот на македонската душа.

Ова место црквата го прогласи за најголема национална светост. Ете, со таков еден пиетет и почит кон црквата и црковните вредности бил истакнатиот револуционер Гоце Делчев. Неговиот гроб е симбол на саможртвен подвиг, за живот со љубов кој тој не се плашеше да го жртвува, дури и во најтешките времиња.

Значајно е да се спомене и тоа, во кругот на гоцевите соработници имало и голем број свештеници од Македонија. Со мнозина од нив тој бил многу близок пријател. Веднаш по донесувањето на неговите посмртни останки во Скопје, беше исполнета неговата мисија, зошто тој ја сакаше македонската црква. Нејзиното име тој секогаш го изговарал со трепет.

Неговиот биограф, бугарскиот поет Пеју Јаворов ќе рече: „Тој ги создаде првите комитети по селата, првите чети по шумите, првите конгреси во градовите. И покрај сè, неговата скромност беше неспоредлива, единствена. Со таа негова особина тој ги зачудуваше сите“. Така скромен, никогаш на ум не му паѓало дека генерациите по него со благодарност ќе го изговараат неговото име, а уште помалку дека ќе се расправаат на чиј народ тој му припаѓа.

Не случајно, во молитвите на парастосите кои нашата црква ги изведува на неговите комеморации и јубилејни чествувања е нарекуван „македонски народен апостол и борец за слобода“. Црквата во Македонија го призна неговото служење на Бога. Веднаш по неговата смрт, свештениците од три цркви во Крушево отслужиле заупокоена света литургија каде бил присутен цел народ. Гоце бил син Божји кого го водел духот Божји. Народот го чувствувал  неговиот свет дух, преку кого се прославувал Отецот Небесен. Затоа бил аманетот негов да биде закопан во оваа земја. „Така, необичната љубов и вера на тој необичен човек стана љубов и вера на целиот народ. И Македонија се колнеше во неговото име“, вели неговиот биограф Јаворов.

Во улога на добриот самарјанин во Библијата, бил светлина дури и за непријателот. „Мислиме ли дека тие сиромаси се во подобра положба од нас иако се Турци? Напротив!“, рекол додека поминувале покрај мизеријата на едно турско село. „Но, јас не ги мразам Османлиите како народ, јас се борам против османската тиранија како наметнувачка сила“. Тој наоѓал сили, во духот на христијанството, да ги разбере и да им прости на сите оние коишто згрешиле против најскапото за него-ослободително движење. Со своето хумано однесување тој успевал мнозина Савлевци да преобрати во Павлевци. Секогаш во духот на македонската христијанска традиција, тој проштевал и советувал. Затоа, еден негов современик раскажува дека кога биле фатени врховистите Георги Китанов и Димитар Белев, додека некои настојувале да ги убијат, Делчев ги укорил со надеж дека ќе се осознаат и покајат. Во Христов дух ги ослободил со зборовите: „Ве ослободувам, зашто ќе бидете полезни за делото“. За време Божиќ, празникот на раѓањето на Спасителот,наместо безмислосна казна за обвинетите, колкумина ли грешници беа простени? –пишуваат четниците во своите мемоари.

Кога би бил Гоце денес жив, дали би бил задоволен со сегашните случувања во Македонија? Сигурно не. Ниту со спокојно срце би го гледал она што тој целиот свој живот го градеше и за што се залагаше. А тоа е искрена соработка меѓу народите што живеат на Балканот, за нивното културно издигнување и заеднички економски напредок. Не е работата кој е поголем, кој е прв, туку подавање рака братски на оној што е поназад. Во оваа смисла во која упатува и евангелието: „Поголемиот меѓу вас да биде како најмалиот“.  (Лука 22,26).

„Не се борете за великаните. Јас со моите слаби сили не можам да ги стигнам великаните. Најдов дека можам да му дадам смисла на мојот живот ако слезам таму каде што има добри наши браќа што гинат не во една неволја, туку во едно ропство. Бидејќи ропството е во главите на луѓето. Кога луѓето ќе престанат да бидат робови во душата, тоа исчезнува само по себеси. Нашата ропска положба во Македонија определува јасно што треба да правам: она што го правеле сите потиснати. Да одам кај нив, да ги прегрнам во мојата душа, да ги стоплам со љубов нивните срца, да им кажам да не се караат, да не се судат, да не си прават пакости, сами да си ги решаваат споровите, да не робуваат на беговите. “ Со ова Делчев јасно и недвосмислено укажува на најтешкото од сите ропства, ропството на великаните, на историските толкувања кои наместо да нè водат напред и да не прават синови Божји, нè прават робови на човечката алчност и суета.

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *