Почетна Коментар Која е тајната на црквата „Свети Пантелејмон“ во Нерези?
Која е тајната на црквата „Свети Пантелејмон“ во Нерези?

Која е тајната на црквата „Свети Пантелејмон“ во Нерези?

2.05K
0

Во тивкото сеќавање на благоверните чувари на светите преданија се негува сведоштвото дека ктиторството не е само израз на дарежливоста на верниците, туку тоа произлегува првенствено од чувствувањето на соборноста како духовно единство и сплотување на народот со Бога. „Сакам да изградам мала црква, но со голема душа!“ рекол византискиот принц Алексеј Комнен, ктиторот на црквата „Св. Пантелејмон“ која се наоѓа денес во скопското село Нерези. Потоа ги викнал највидните фрескосликари да ја живописат со најубавите фрески кои денес се ремек-дела на византиското средновековно сликарство.

Кога ќе влезете во црквата „Свети Пантелејмон“ на падините на Водно и ги погледнете нејзините фрески, ќе ве обвие мирисот на византиската мистика и чувство на воодушевеност. Плачот и длабоката тага на светците ќе ве погоди во срцето. Мајсторот од Нерези како сакал да не убеди дека дури и светците крварат! Нивната човечка димензија грее толку силно, што боли. Ниеден сликар пред Нерези не успеал да даде таков реален приказ на внатрешните чувства. Дури два века подоцна тој ќе доминира во делата на италијанската ренесанса.

Но, дали знаете како се откриени фреските во Нерези? Познатиот историчар на уметност, рускиот професор Николај Окуњев добил стипендија во 1921 година да ги проучува средновековните манастири на Балканот. Тој пишува: „Патот ме одведе сред едно големо село во кое се наоѓаше многу убава, но запуштена црква со пет куполи. Откако ја фотографирав нејзината внатрешност, на ѕидовите забележав нешто чудно. На грубите невешто нацртани слики од 19-тиот век, видов мешавина од лепак и боја која на некои места беше проѕирна. Под нив се наѕираа некакви контури. Го отстранив малтерот со стариот слој на фрески и под нив заблеска нешто чисто, исконско. Не можев да си поверувам на своите очи!“. Под сликите на невештиот зограф од 19-тиот век заблеска исконското лице на Христос заедно со плачливото лице на Богородица, светиот Никодим како со клешти ги вади клиновите од Христовите нозе, светителите-воини во нивната чиста, сина експресивна боја, убавиот портрет на младиот Пантелејмон, светецот-чувар на здравјето и патрон на црквата…

Приказната за откривањето на фреските ме одведе во прекрасното Нерези. Волшебната есен не го заобиколи и овој дел од градот. Угостителскиот објект кој се наоѓаше на терасата со прекрасен поглед кон градот повеќе не постои. Старите жители велат дека порано на тоа место постоело училиште. Сега имаше само клупи на кои седеа монаси кои разговараа со туристите. Ветерот си играше со последните есенски лисја и со нив правеше некаков мелодичен шум.

Влегувајќи во наосот на црквата ги забележав двете прочуени фрески „Оплакување Христово“ и „Симнување од крстот“. Местоположбата на фреските откриваше некаква тајна. Самите сцени со Христовото погребување кои се наоѓаа на северната страна беа несвојствени за ваков тип на цркви. Во погребните капели обично овие сцени се свртени кон олтарот и источната страна. Тука, телото на Христос беше свртено кон запад, во насока на гробната пештера од левата страна на фреската, кон северозападната купола. Токму позади ѕидот со фреската Симнување Христово се наоѓа параклис во форма на гроб. Големината на параклисот и формата во облик на лак укажува на место за саркофаг, дека тука се изведувале некој вид погребни ритуали. Се прашував, кој би можел да биде погребан тука? Средновековен монах или можеби основачот на манастирот-византискиот принц Алексеј Комнен?

Единствен пристап кој водеше до гробот беше само од страната на нартексот. Но, влегувајќи внатре затекнав-празнина. Немаше никакви остатоци од човечки коски, ниту дарови. Само еден оштетен напис кој тешко можеше да се одгатне…

„Сакам да изградам црква, мала, но со голема душа“ рекол византискиот принц Алексеј, ктиторот на црквата „Св. Пантелејмон“.  А од тајниот гроб во Нерези ги слушнав зборовите: „Во смртта да бидам погребан заедно со воскреснатиот за да можам и јас еден ден, да воскреснам заедно со мојот погребан Бог!“ .

Ако ни импонира раскошната духовна традиција со која се идентификуваме тогаш кога сакаме да му се претставиме на светот, треба да го имаме на ум фактот дека тоа е пред се, убавината на оние кои се дарувале за црквата. Тоа е народот. Тоа се монасите. Нивниот украс никогаш не бил икона на нивното богатство или моќ, туку икона на нивната добродетел и себежртвување за другиот.

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *