Почетна Вера Која е историјата на Водици?
Која е историјата на Водици?

Која е историјата на Водици?

356
0

Богојавление, или кај народор попознат како „Водици“ е еден од најголемите христијански презници. Според јулијанскиот календар, по кој се води и МПЦ, се чествува на 19 јануари. Во григоријанскиот календар пак е запишан на 6 јануари.

Во Македонија, како и во многу држави во Европа има традиција на скокање по светиот крст, со кој се осветуваат водите.

Но која е историјата на овој празник? Ви го пренесуваме краткиот историскиот опис од монасите од „Бигорскиот манастир“.

Поврзаноста на празниците Рождество Христово и Богојавление е воочлива во самата содржина на богослужбените песни. Во стихирите на празникот Рождество Христово наоѓаме мисли и изрази кои се однесуваат на празникот Богојавление, а во Богојавленската служба изрази кои се однесуваат на Рождеството. Тоа се оправдува со фактот дека во почетокот на 6 / 19 јануари се славел еден колективен празник (επιφὰνεια, ϑεοφὰνεια = Богојавление), кој соединувал повеќе настани од Христовиот живот на земјата, односно се празнувало општото Божјо јавување на земјата. Подоцна кога од празникот на 6 јануари се издвоиле останатите спомени (како на пример Рождеството Христово), главниот спомен кој останал да се празнува на овој ден било Крштението на Господ Исус Христос на реката Јордан.

Во историјата на празникот Богојавление можеме да следиме три периоди: првиот е периодот на III век кога Богојавлението е главниот настан кој се празнува на 6 јануари, но е поврзан со повеќе настани од Божјото јавување на земјата; потоа вториот период е IV век, кога Рождеството Христово станува центар на празнувањата во овој ден; и третиот период е крајот од IV век и подоцна, кога споменот на Рождеството Христово се издвојува од Богојавлението.

Празникот Богојавление се нарекува така зашто во мигот на Крштението Христово „се покажа поклонувањето на Света Троица“. Отецот зборуваше од небото за Синот Кој се крштева, Синот Божји се крштеваше од св. Јован и како таков беше посведочен од Бога Отецот, а Светиот Дух Кој слезе во вид на гулаб го потврди гласот на Отецот. Уште се нарекува и „Просвештение“, зашто во древноста во навечерието на празникот, по примерот на Христа се крштевале и со Божјата благодат се просветлувале огласените.

Овој празник започнал да се слави на Истокот уште во III век и тоа особено во Египет. Првото сведоштво за него го наоѓаме кај св. Климент Александриски (215 г.), во неговото дело „Стромата“, каде што вели дека следбениците на гностичкиот еретик Василид уште пред православните започнале да го слават овој празник. Имено, за нив овој празник имал големо значење – нивното учење вели дека Христос бил само обичен човек, а станал Син Божји во мигот на Неговото Крштение. Православните, пак, спротивставувајќи му се на ваквото погрешно учење на гностиците, го востановиле овој празник објавувајќи ја преку него особено силната и длабока смисла на Божјото јавување. До почетокот на IV век Богојавлението веќе се славело насекаде. Неговата самостојност започнува на Истокот, од каде што подоцна е пренесен на Запад.

Според главниот спомен на Богојавление – Крштението Христово, во древноста, во навечерието на празникот се извршувало осветување на водите за крштение и биле крштевани огласените. Исто така особено значајна е традицијата на големото торжество на реката Јордан, во која на полноќ многумина влегувале во водата да се искапат, а ова капење ги очистувало телесните и духовните рани. Според Уставот, во навечерието на празникот и на самиот негов ден се врши осветување на водите. Стихири за богослужбата на овој празник имаме од: Јован монах, Визант, Козма монах, Анатолиј, Патријархот Герман, а каноните ги напишале св. Јован Дамаскин и св. Козма Мајумски.

Специфично за празникот е и тоа што во древноста, Александриските епископи според одредбите на Првиот вселенски собор, секоја година за Богојавление ги испраќале и своите посланија до старешините на црквите во кои бил објавуван датумот на празникот Воскресение за таа година. Старешините потоа им го објавувале тој датум на верните. Тоа го практикувале зашто токму во Александрија цветала астрономската наука. Така, Црквата зачувала многу пасхални посланија од Александриските епископи, меѓу кои се и оние на светите Теофил, Дионисиј, Атанасиј и Кирил Александриски.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *