Почетна Проповеди „Kој верува во Мене, и да умре, ќе живее“
„Kој верува во Мене, и да умре, ќе живее“

„Kој верува во Мене, и да умре, ќе живее“

527
0

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено на Вечерната богослужба во Рајчица, на споменот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец

Размислувајќи, мили мои, за величието на нашата Божествена вера додека ги слушав прекрасните песнопенија и читања на оваа празнична Вечерна богослужба, моето срце не може а да не воскликне: слава и благодарност на нашиот Спасител, Кој го обдари целиот човечки род со таква убавина и чест! Слава и вечна благодарност на Оној Кој заради нас беше биен, плукан, срамотен, распнат, погребан и Кој воскресна, за да го совоскресне со себе и целиот човечки род! Во Своето Евангелие Он вели: Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее (Јован 11,25).

Со Неговото Воскресение практично, повторно се воспостави заедницата помеѓу Бога и човекот, предвидена во неиспитливиот и недостижен Домострој на Светата Троица, уште пред создавањето на светот. Имено, предвечното Слово на Бог Отецот се соедини со Своето највозљубено создание – човекот. А тоа што ова соединување се изврши на еден комплициран, макотрпен и трнлив начин – тоа што Бог Словото мораше да пострада како човек во човечко тело, да биде понижен и убиен од рацете на оние што Самиот ги создаде – е последица од злоупотребата на слободната волја од страна на човекот, кој своеволно го избра патот на гревот и распадливоста. Меѓутоа, и покрај страшниот пад, добриот и милосрден Татко Небесен не ја остави Својата најсакана творба. Затоа што бескрајно нè љуби! Затоа што нè направи според Својот образ и подобие! И уште повеќе, кога човекот се усмрти себеси, оттргнувајќи се од својот Бог и Создател, и прилепувајќи се до гревот, за Него беше чест да ја пролее Својата крв за да го оживее. Тоа и го стори на крстот, од каде и му излеа живот на целиот род човечки. Едноставно, го разреши најстрашниот наш проблем – смртта, која влезе во светот поради гревот. И ни го остави ветувањето, како влезница за во Царството Негово: кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.

Денес славиме еден величествен сведок на оваа Христова победа над смртта. Еден римски војник, поточно еден висок военоначалник, трибун, со многу успеси во својата служба. Но, таа негова слава заради службата на земското царство губи значење во споредба со онаа другата, небесната, што ја стекнал како силен Христов војник, бестрашно исповедајќи го името на воскреснатиот Спасител. И неслучајно, споменот на Светиот Великомаченик Георгиј секогаш се слави во воскресенскиот период, па така и богослужбените стихири во негова чест се поврзани со Воскресението. Би можело да се каже дека, после апостолите, тој е еден од најславните сведоци на Христовото Воскресение и на вечниот живот. Впрочем, сите тие, и апостолите и жените мироносици и недобројните маченици и безбројните преподобни низ историјата, се сведоци на преславниот Христов триумф над смртта. Сведоци, кои како светлини сведочат и на Небесата, но и во овој свет за вистинитоста на зборовите: „кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“.

Во една од литијните стихири што ги испеавме вечерва, помеѓу другото се вели: „Светлиот храбар борец Георгиј, со своето славно страдање ги весели небесните сили и со нив сега радувајќи се, како Христов слуга дојде на земјата, за и нас, верните, да нè собере заедно…“ Да нè собере заедно, за торжествено да Го славиме нашиот воскреснат Господ. Гледате? Црковниот поет морал претходно длабоко да го почувствува присуството на Светиот, за да може тоа така јасно да го опише. Свети Георгиј, значи, е еден силен сведок кој до ден денес моќно сведочи дека Христос воскресна. А тој пострадал толку одамна, уште на почетокот од 4 век… Сепак, неговото сведоштво е далеку посилно и подолготрајно и од Римското царство и од многу други славни царства и држави. Колку само храмови ширум светов се посветени на него! Колку ли луѓе го носат негово богопрославено име! Тој станал заштитник и на држави, на градови, на армии… Што мислите? Да беше тој Христов војник и сведок, ќе имаше ли толкава слава и сила на Земјата? Ќе го чувствуваме ли вака живо неговото присуство? Ќе ги примаше ли тој нашите молитви, за кои сите ние овде со сигурност можеме да потврдиме дека ги слуша? Се разбира, не. Но, ете, тој е жив и прославен во Христа и затоа живо е неговото присуство среде нас.

И да знаете, сите ние сме повикани на тој удел. Свети Георгиј е маченик чиешто име и житие се запишани во страниците на историјата, за утврдување на нашата вера. Меѓутоа, колку само маченици има кои пострадале заради Христа во текот на овие две илјади години, а чиишто имиња не се спомнуваат во земските книги, но затоа, пак, се засекогаш запишани во Книгата на животот и живеат во Татковината на вечно живите. Меѓу нив колку ли само се од нашиот род – подвижници, монаси, праведници, почнувајќи од Рамноапостолите Кирил и Методиј, па безбројните знајни и незнајни Светии и угодници Божји, сè до оние од поново време, како на пример, преподобниот отец наш Јоаникиј Ракотински и светиот отец наш Гаврил Величко, кои беа впишани во Диптихот на Светиите од страна на нашата света МПЦ – Охридска Архиепископија.

Затоа, мили мои, да Му благодариме од сè срце на нашиот Бог и Спасител, што нè удостоил и ние да знаеме за отвореното царство Божјо, за поканата да се биде син на трпезата во тоа Царство, за призивот да се биде вечно жив. Ете ние сè повеќе стануваме свесни за тоа во каква беда се наоѓа овој свет; гревот на човекот го претворил светот од рај во долина на плачот. Колку е жална и трагична судбината човечка, па тој самиот себе се исмеа, оддалечувајќи се од Бога. Но колку што е тешка бедата на безбожните, неспоредливо поголемо е достоинството што Он им го дава на оние што ќе посакаат да бидат со Него! Погледнете што се случи со еден римски војник пострадан во 4 век! Каква сила има тој до денес! Овој Манастир не е ли сведоштво за таа негова благодатна сила?! Дури и овде, во овој, би рекол, зафрлен крај, тој ја докажа својата победоносна моќ! Во еден манастир, кој некогаш беше просто обична штала, заборавен од сите, тој донесе воскресение! Неговиот силен дух, неговите смели молитви пред Бога направија тој повторно да си избере и донесе овде свои слуги, свои сведоци. Да, токму сведоци! Тоа сте вие. Што вели текстот од Стариот Завет кој пред малку го прочитавме? А Мои сведоци, вели Господ, сте вие и Мојот слуга, што го избрав, за да знаете и да Ми верувате, да разберете дека сум тоа Јас: пред Мене немаше Бог, и по Мене нема да има. Јас, Јас сум Господ, и нема Спасител освен Мене (Иса. 43,10-11). Како Го сведочите Господа? Пролевајќи духовна крв низ секојдневниот монашки подвиг. И затоа, да внимаваме, мили мои, да не Го изневериме нашиот штедар Господ. Големо достоинство ни даде. Држете се силно. Немојте да мислите дека Свети Георгиј немал големи искушенија и борби. Напротив, и тој бил човек како нас, кој се борел со искушенијата, но во секоја борба Го избирал Христа. И нему ѓаволот му подметнувал лукави помисли: „Ах, какви победи му извојував јас на римскиот цар! Кога влегував во раскошниот Рим, сите ме пречекуваа со венци на победа, со лаворови лисја, мене, великиот трибун Георгиј, најсилниот, кој му донесов на царот Диоклецијан и на целата империја голема слава. Па и сега можам да си ја вратам таа моја слава и богатство и моќ – ќе речам само пред овие тука: добро, се одрекувам од Христа и ќе принесам жртва на лажните богови…“ Мислите ли дека не му доаѓале такви помисли? Во неговото Житие неслучајно се наведени таквите предлози од луѓето на императорот, а и од самиот император, кој му ветувал големи почести само за да се откаже од Христа. Но, љубовта кон Христа која пламтела во него, победила. Тој се покажал подготвен да остави сè и да претрпи секакви страданија заради Него. Да ја остави и земската слава и моќта и богатството и честа и роднините и пријателите. Оставил сè заради името Негово и влегол во семејството на вечно живите. Ниеден друг римски војник, освен мачениците Христови, не останал овековечен на света икона. А тие, децата Божји, живеат вечно во Царството Небесно, во неискажлива слава и радост и имаат слобода да се молат за нас. До ден денес Свети Георгиј прави големи чуда и ни говори во срцата наши.

Затоа, мили мои монаси, знаејќи го ова, да стоиме право и силно во верата, бидејќи искушенијата се навистина големи. И ние непрестајно добиваме примамливи предлози од овој лажен свет. „Па, чекај, можеш да го правиш ова, да го направиш она… Погледни што прават твоите врсници и другари, како уживаат, а ти седиш тука затворен и не правиш ништо…“ Не! Всушност, ти го правиш најголемото. Затоа, издигни се над световната суета, над тие минливи наслади и направи жртва за твоите пријатели. Оти, и Христос ја положи душата Своја за овој грешен свет и рече: Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели (Јован 15,13). А ние треба секој човек на овој свет да го гледаме како свој пријател. Ако сме Христови, нема да се залажуваме по минливото и по земното, туку ќе бидеме пријатели на луѓето, иако тие, можеби, прават погрешни нешта. Само Господ знае нема ли тие некогаш, како разбојникот на крстот, по твоите молитви и по твојот подвиг, труд и жртва, да извикаат: „Спомни си за мене, Господи, во Царството твое!“ Бидејќи Божјото милосрдие е големо и им ја дава истата награда и на оние кои Му приоѓаат на крајот, во единаесеттиот час, како на оние што се со Него уште од првиот. Следствено, Христијаните, а особено ние монасите, треба да посакуваме и да се молиме сите луѓе да се спасат, без разлика какви и да се тие. Да дојдат до познавање на вистината. Ете зошто во никој случај не смееме да ги презираме Евреите, муслиманите, будистите, индуистите, атеистите… Да не презираме, а само да се молиме сите да дојдат до познавање на вистинското Божјо откровение.

Во овој манастир посветен на храбриот Христов воин Георгиј Победоносец живеат и се подвизуваат жени, монахињи. Интересно. Светот обично ги смета жените за послаби суштества. Но, тоа не е точно. Доколку жените се со Христа, тие се рамни на мажите, а честопати и посилни во подвигот и во жртвата. Колку само жени маченички имало во христијанската историја, коишто се покажале похрабри и од најсилните мажи. Па така, секоја монахиња којашто докрај ќе остане верна на призивот да го сведочи воскресението како мироносица, ќе биде светлина во Царството што Христос за нас го отвори. Затоа, бидете храбри и не плашете се!

Исто така и вие, возљубени мои Христијани, останете верни на најсветото име што го носите! Бог нè повикал да Му бидеме сведоци, како што некогаш го повикал и Свети Георгиј. Од многуте римски воини, тој со љубов одговорил на неговиот призив, не правејќи никаков компромис со верата и со тоа се впишал во вечноста. Станал и до денес останува најголем сведок на Животот. Немојте да правите компромис со верата. Во животот честопати треба да направиме компромис со многу нешта, но никогаш не смееме да направиме во врска со верата во Христа. Зашто тоа е прашање на смрт или на живот. Го предадеш ли Христа – одиш во сигурна смрт.

Светиот и славен Великомаченик Георгиј, чии молитви се многу силни, да ни даде да го изодиме нашиот пат до крај со вера во воскреснатиот Христос и да Му бидеме Негови сведоци. Амин!

Христос воскресе!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *