Почетна Анализа КОЈ е навистина ИСУС ХРИСТОС и ЗОШТО е ТОЈ важен за човештвото?
КОЈ е навистина ИСУС ХРИСТОС и ЗОШТО е ТОЈ важен за човештвото?

КОЈ е навистина ИСУС ХРИСТОС и ЗОШТО е ТОЈ важен за човештвото?

2.50K
0

И ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој треба да владее во Израилот и чие потекло е од почетокот, од вечноста.
(книга на пророкот Михеј. 5, 2)

1. Од година во година, веќе со векови, на 25 декември според јулијанскиот (стар) или грегорјанскиот (нов) календар милиони христијани си спомнуваат за настанот кој се случи во гратчето Витлеем (еврејски – Беит Лехем, мак – Куќа на Лебот).
Милиони пред своите очи ја имаат сликата на која праведниот Јосиф заштитнички стои над новороденчето и над Неговата пречиста мајка Марија (на јудео-арамејски – Мирјам).
Милиони во оваа слика гледаат исполнување на вековните очекувања претскажани од еврејските пророците во периодот на Стариот Завет.

Милиони гледаат надеж, одговор, пат, победа, разрешница, контакт , смисла. спасение. . .
Милиони и милиони низ вековите пред нас, но и во ова наше време, а и во времето по нас – во новороденчето што се роди таа ноќ во Витлеем гледаат Излез, Одговор, Ослободување, Спасение од онаа состојба во која се најде човештвото откако отпадна, откако се отклони од она што Творецот му го подари, промисли и благослови.

Милиони во Оној што се роди во Витлеем гледаат единствено решение за проблемот со злото, гревот, неправдата, духовната смрт, телесната смрт и сатанското ропство на излузијата и промашувањето.

2. Но Кој е всушност Оној, кој заради нас и заради нашето спасение, стана човек, беше новороденче и како незаштитено детенце, раѓајќи се во штала, се всели во историјата, влезе во времето на отпаднатото и со злото инфицирано човештво и на истото тоа човештво му вдахна толку силен духовен импулс – што по Него – веќе не е се исто – како што беше пред Него?

Светите книги на Стариот и Новиот Завет (Библијата), односно, светите пророци, праведници, маченици и учители на Црквата ни сведочат дека Творецот на се што постои – во сите нивоа на постоење, како духовни, така и материјални – е ЕДЕН и ЕДИНСТВЕН.
Ни сведочат дека Тој е Вечен, од ништо не’ условен, дека е над просторот и времето, дека е Совршен, дека е Љубов, суштина на Доброто, дека е наш ОТЕЦ, зашто љубовта родителска од Него е создадена и благословена. И затоа што е Љубов – Тој е ТВОРЕЦ, а Љубов е и затоа што во вечноста Тој го љуби своето Слово (Логос/ Збор), својот совечен Син, а го љуби и Оној преку кого живот твори, Духот Свет, Дух кој ги исполнува сите оние кои се отворени за љубовното живото – одржувачко единство со Вечниот, со нашиот БОГ, Отецот и Синот и Светиот Дух!

За Овој и Ваков Бог и Отец Небесен ни сведочат сите оние кои стапиле во контакт со Него. И Овој и Ваков Творец, кога се исполни времето за да се исполнат пророштвата на пророците од Стариот Завет, во овој наш свет се ОБЈАВИ најдиректно преку тоа што во истиот го ИСПРАТИ своето СЛОВО (Логос/ Збор), го испрати својот совечен Син – Кој преку Духот Свет и пречистат девојка Марија – ја прими човечката природа и се роди како човек, како новороденче во Витлеем.

И затоа Нему му пееа со восхит ангелските сили:
„Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра воља“ (Лука. 2, 14). И затоа ангел им посведочи на пастирите: „Еве, ви соопштувам ГОЛЕМА РАДОСТ, која ќе биде за СИТЕ ЛУЃЕ; зашто денес се РОДИ во градот Давидов СПАСИТЕЛ, МЕСИЈА (Христос) и ГОСПОД (Господар)“ (Лука. 2, 10 – 11).
Затоа Нему му се поклонија и најмудрите, кои до Него беа водени преку ѕвезда, и кои му дарија дарови како на Цар над сите цареви (Матеј. 2, 1 – 11).

3. Ете кој се РОДИ во Витлеем, во градот на пророкот и кралот Давид. Ете, КОЈ е ОНОЈ кој како новороденче лежи во јаслите пред восхитените погледи на Јосиф и Марија, но и пред очите на несловесните животни кои го препознаа својот вистински Стопан.
Ете зошто оваа слика истиот тој восхит го поттикнува кај милиони и милиони луѓе.

Ете зошто не’ се радуваат само срцата човечки туку и сето создание – затоа што ОНОЈ преку Кого и за Кого е се создадено (Јован. 1, 1 – 18) – дојде како Ослободител од ропството на злото, гревот, смртта, незнаењето, неизвесноста, распадливоста. . . . Од вечноста во времето влезе Оној кој е совечен со ВЕЧНИОТ, за да нас – кои сме создадени за вечност – повторно не приведе таму каде што е нашето вистинско место и состојба на постоење.

Над двеилјади години оваа СВЕТЛИНА – за живот во СВЕТЛИНА – го повикува секое човечко битие (Јован. 3, 16 – 21) без при тоа да му ја нарушува слободата тоа да избере СЛОБОДНО.

Над двеилјади години оние што ја прифатија СВЕТЛИНАТА станаа свети, и во себе ја остварија онаа состојба на постоење за која не’ повикува единствениот Свет, Изворот на светоста, нашиот небесен Отец.

Но, и над двеилјади години многумина се мачат барајќи компромис помеѓу Светлината и Темнината, многумина се мачат да му угодат и на Бога и Неговиот Месија, но и на интересите, страстите, заблудите и суетните игри на отпадниатиот свет – претварајќи си го и својот и животот на своите ближни во кошмар – затоа што не разбраа дека Светлината/ Вистината нема ништо заедничко со Темнината/ Лагата.

4. Месијата/ Христос, Синот на живиот Бог, Словото Божјо, во овој свет не дојде, не се роди, за во него да формира уште една од многуте религии или филозофско – идеолошки правци.

Не дојде ни да ни даде некаква утеха во бесмисленоста, лажна надеж во изгубеноста. . . Не, ТОЈ ДОЈДЕ, се роди, живееше, сведочеше, беше распнат и смрт телесна вкуси, воскресна и смртта ја победи, се вознесе кај својот вечен Отец и го испрати Духот Свет да биде Патеводител на Неговите ученици, на Негова ЦРКВА.

И ТОЈ повторно ќе дојде на крајот на времето на овој свет како Судија на сето човештво, и на живите и мртвите – и сето тоа ТОЈ – ИСУС ХРИСТОС – го направи, прави и ќе го прави затоа што е ЉУБОВ и ЖИВОТ и затоа што не сака никој да се загуби и да загине – туку сите да се спасат и стекнат вечно постоење во Владеењето (Царството/ совршената состојба на постоење) на Отецот и Синот и Светиот Дух.

5. Тоа е смислата на раѓањето на Месијата како човек, тоа е смислата на сето она што Тој го прави за нас – и затоа Тој Е, заедно со Беспочетниот Отец и Животворниот Дух Свети, наша единставена Светлина во темнината, единствена Радост во тагата, единствена вистинска Надеж во овој свет во кој секоја лажна надеж се топи како што се топи восокот во допир со огнот.
—-
Почитувани пријатели, браќа и сестри, доколку повеќе и посуштински сакате да се запознаете со оваа тема тогаш ви предлагаме да го погледнете долепостираното видео.
Доколку истото ви се допадне можете да ги погледнете и останатите видеа на нашиот you tube канал „православно христијанство МК.“

За во иднина да можете да ги следите нашите нови постирани видеа ве замолуваме да кликнете на „subscribe“ (во десниот долен агол од видеото).

Пишува: презвитер Ивица Тодоров

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *