Почетна Анализа Кој беше прв – Фанар или Белград?
Кој беше прв  – Фанар или Белград?

Кој беше прв – Фанар или Белград?

888
2

Секогаш кога една нација ќе се соочи со пораз на светската сцена – елитата е длабоко свесна за тоа. Таа што со сите свои погрешни политики довела до таквиот исход.

Народната маса, особено во нашиот балкански словенски контекст – не е, и елитата ги користи сите средства за да, заштитувајќи се, нејзината вина не излезе пред судот на народот, туку пропагандистички се обидува да го претстави црното како бело, поразот како победа или, ако не може до толку, тогаш игра на сè уште успешната карта во балканскиот контекст – националистичката.

Оваа платформа не само што има за цел да го дефокусира јавното мислење, користејќи ја националната историја до ниво на обожување – често со еднострано на „ура“ толкување, и секогаш потребниот, за вакви ситуации, вокабулар на посочување на непријатели кои придонесоа “да не се победи“ зашто “нè мразат“, тие се “олицетворение на злото“ и “служители на сатаната“, туку иницира и популистичка програма со големонационални идеи – како компензација за загубите и намалувањето. Вака поставената трпеза е за да се нахранат домашните, но бидејќи не е добра за стомакот – разболува, па така добиваме болни луѓе. Разболените ја шират болеста, а за болеста нема граници.

Од една ваква болест „боледува“ Александар Раковиќ – креаторот на платформата, наречена „српски свет“. По својата конструкција таа е слична на „руски свет“. И да не се лажеме дека тоа е културно-историска пропаганда, во принцип е националистичка и често, ако не и секогаш, преминува во фашистичка и националшовинистичка (сетете се на национал-социјализмот и денес на путинизмот). Главната одлика на овие “светови“ е големодржавниот романтизам – искажуван како емотивно страдање по тоа што било и во историјата се имало. Најчесто во тоа имање – нема место за другиот или има место ако се прилагоди – милом или силом. Но секогаш, освен ако не се докаже доволно, иако и за окупаторот непријателите немаат морална вредност и се само предмет со рок на употреба, „окупираниот“ ќе биде служител на вишата раса.

Српскиот и рускиот свет се различни по контекстот, односно таргетот, но се  идентични по методите: силна сеопшта пропаганда, најмногу преку мас-медиумите и социјалните мрежи преку алатката лажни вести, што треба да придонесе следната фаза – на додворување, добри намери и слика на „очекуваните спасители“, помогнто со некоја коска фрлена на кучињата, да помине глатко и да се потисне негативната меморија од минатото. Откако ќе се освои просторот на срцето со лажни симпатии – зашто намерите се користољубиви, и ќе се исполни умот со позитивизам, читај „празна слама“, се владее полесно. Е после доаѓа времето за репресија, што ќе води до обезличување и до интегрирање во „светот“.

Тука некаде помеѓу, низ фазите, ќе се појават и домашните пропагатори, одработувачи за лична корист, кои ќе убедуваат дека врапчето е во рака, а тоа е всушност на гранка, и дека и да ти ги см’кнат гаќите и како што следи понатаму, најдобро е да си молчиш.

Да се вратиме на Раковиќ, кој го подзаборавивме. Тој е протагонист на т.н. црковен аспект на „српскиот свет“, кој идентично го има и во рускиот (таму пандан на ПОА е УПЦ-МП, но контекстот е поразличен, а соодветно и успехот). Таргет е македонскиот црковен простор. Бидејќи не успеа ПОА како повеќе посакуван проект, бидејќи страното тело побрзо го труе здравото ткиво, пропагандата се усмери со методите на „фрли рипче – фати крапче“, па полесно е кога ќе почнеш да го репрограмираш самото тело, отколку да инсистираш на вирусот – имунитетот може да го победи, а ти не само што трошиш ресурси, туку и ги губиш позициите на подолг рок. Без да навлегуваме во посеопфатна анализа на сите аспекти поврзани со не(томосот) на СПЦ, ќе посочиме само на една инсинуација, поточно невистина на еден од готвачите на трпезата на великосрпската идеја.

Во своето гостување на некоја си интернет платформа „Нов АСНОМ“ (се сеќавате на погоререченото за освојувањето на медиумскиот простор, а и ова називот на профилот е толку губитнички, што повеќе е исмевање и газење на делото на асномци, но затоа во друга прилика), кажа дека Вселенската Патријаршија почнала да се меша, неповикана, во решавањето на македонското црковно прашање само за да покаже контрола над православните процеси. Во ова суптилно обвинение (за покажувањето контрола – чисто новоруска елитистичка пропаганда што за цел има преземање на Вселенскиот примат) се крие манипулација од најпримитивен вид, зашто Вселенската Патријаршија нема што да се меша за тоа што ѝ е ем канонска надлежност, според соборските прерогативи од Халкидон и традицијата на Православната Црква, ем македонското црковно прашање, како што беше обзнането во јавноста, премина во нејзина надлежност по обраќањето на МПЦ кон БПЦ, што според мојата професионална проценка беше маестрален потег на македонската црковна дипломатија кој вроди со посакуваниот плод  – интерес кај Цариград кој објави дека „поради појавата на конфликт околу конкретното црковно прашање, но и во меѓувреме добиеното барање за апелативност од МПЦ, согласно канонските принадлежности го презема решението за спорот“.

Значи, Вселенската Патријаршија се вмеша во решавањето на македонското црковно прашање уште пред СПЦ да биде свесна што ѝ се случува со „одделените епархии на југ“.

Да биде втората лага поголема, Раковиќ, иако добро знае, се обидува очајнички да го сокрие познатото – неспоменувајќи го, но тоа го сметам како лична и навреда кон македонскиот народ зашто нè смета за недоветни. Па добро, г. Раковиќ, не паметиме дека МПЦ уште во 2018 упати барање за Еклитон до Цариград? Не паметиме за посетите на нашите политичари на Фанар (двајца Премиери и Претседателот) и нивните писма, коишто согласни со барањето на Црквата, ја изразуваа истата молба – Цариград да го реши црковното прашање, согласно волјата на верниот народ за своја, автокефална Црква? И помеѓу – сите други дописи на МПЦ, коишто сигурно постоеле, и сета тимска работа на црковните дипломати, па и на државните. Но како што кажува народната – лагата го  обезличува тој што лаже, вие самите на крајот од изјавата признавате дека Вселенската Патријаршија испратила на СПЦ писмо како тоа што ѝ го испратила на Руската Црква. Е тука е вашиот пропуст: Вселенската Патријаршија ѝ испрати писмо на Руската Црква за да ја извести за намерите со Украина, па се случи она помпезно слетување на Кирил со свитата во Истанбул на „последно убедување“ на Патријархот, па неговата мека изјава на аеродромот, која по слетувањето во Москва и соочувањето со Путиновата агенда се претвори во воинствен вокабулар. Постојат и објавени стенограми од последната средба на овие двајца поглавари. Е такво писмо доби и СПЦ – пред 9 мај, пред објавата за прифаќањето во канонско општење на МПЦ под древното име –  Охридска Архиепископија и под ерархијата околу Архиепископот Стефан.

Но, да ја известиме целосно и доследно јавноста, зашто Вие нема да го направите тоа – СПЦ почна со својата пресметливост уште порано, иако во почетокот мислеше дека со својот авторитет ќе успее да го одложи процесот. Имено, СПЦ беше посетена од страна на делегација на Фанар, по мои информации двапати: еднаш при патријархот Иринеј, а потоа и кај патријархот Порфириј. ЦП не сакаше новиот српски патријарх да не биде испочитуван и запознаен. На една од средбите со Цариградската делегација, која ја водеше познатиот Јован Зизиулас, со несоменен авторитет меѓу многу српски владици, еден од вашите ментори се обидел да пренесе лоша слика за ерархијата на МПЦ – нарекувајќи ги несеризони.

Значи на СПЦ добро ѝ беа познати намерите. Тоа што епископот Фотиј „издаде“ во јавноста за преговорите меѓу делегации на МПЦ и СПЦ, по писмото со „добри“ намери што, како што објави тогаш порталот „Религија“ стигнало до СПЦ до МПЦ во февруари 2022 г., веднаш по писмото, што Вие го спомнувате, на Цариград до Белград по Божик 2022, не беше случајно, иако митрополитот Тимотеј изјави неодамна на едно тв гостување дека било „непотребно“. Фотиј, истурен и лојален играч на патријархот во сенка, не би толку случајно направил такво нешто, зашто потоа го видовме на сите Литургии со МПЦ – ако згрешил, немаше да го биде.

Значи г. Раковиќ – не го потценувајте македонскиот народ за тоа што добро го знае: дека Вселенската Патријаршија прва ја презема иницијативата за решавање на статусот на МПЦ и дека СПЦ се вклучи мошне подоцна, откако ја виде извесноста на исходот. Веројатно Вселенската Патријаршија и порано ќе го објавеше актот за каноничност, а на тој заклучок право ми дава едно соопштение на Фанар, некаде пред 9 мај, дека седницата на Синодот е ставено на дневен ред. Веројатно процесот се одложи поради смртта на патријархот Иринеј, ковид пандемијата, кога се упокоија и некои српски архијереи, не маргинални во црковниот живот на СПЦ, што ја доведе СПЦ до системски и кадров предизвик (може купувале време со некој допис до Цариград да се почека до изборот на Патријарх, за да се консолидираат).

Во меѓувреме, СПЦ  смисли тактика и еве сега ние сме таму каде што остана, и не се помрдна, Вранишковски со неговата ПОА од 2002. СПЦ не ѝ даде на ПОА томос за автокефалност, нели? Знаеше дека не може, како што не може ни на МПЦ! Затоа, молим лепо, не се китите со туѓи перја, особено зашто не може маќеата (или сестрата) да биде мајка и зашто, како што ќе покаже иднината, намерите се нечесни.

Часовникот чука, а времето немилосрдно тече – ќе помине една година, и што потоа? Еуфоријата можеби сега дава замаглена слика… Ама некој ќе преспие, па…? Затоа ли ве фаќа паника, па почнавте со очајнички потези – вакви популистички и манипулативни интервјуа и новиот лов на вештерки по македонскиот црковен простор, со помош на сенилни шизици и second hand репутација момци? Демек ќе држите актуелност и ќе ништите неистомисленици за да нема кој вистина да говори? Абе, све и свашта… али заборавили су да има и Бога, велеше една српска игуманија.

Пишува: Алтер Его (авторот познат на редакцијата)

Коментар(2)

  1. Многу добар текст! Навистина, каде беше СПЦ од 2015, кога Алфеев бараше ослободување на Јован за да продолжат преговорите? Ни трага ни глас! Секако, откако ВП се заинтересира им текна за нас. Никој паметен нема да помисли дека случајно, после 55 години станаа добри. Освен оние што се заболени од Стокхолмскиот синдром, кои по секоја цена одбиваат да го видат злото што СПЦ ѝ го нанесува на македонскиот народ, и покрај нивните бројни изјави и интервјуа, како на пример ова, или оние на Буловиќ, на Патријархот Порфириј и ред други. А па, за „томосот“ да не зборуваме – празна амбалажа, полна со сопки и зборови што ништо не значат. Каде ќе ни биде крајот кога ќе почнат сите да ни кумуваат и да ни даваат имиња и титули? Ни Охридска ќе се види, ни Македонска! Бегајќи од волкот, му влеговме во устата. Но, што да се очекува од луѓето што еднаш потпишаа Нишки договор, не понесоа одговорност, па ни срам ни перде, си останаа во истата комисија за србоманија…

Напиши одговор на Збунет Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *