Почетна Анализа Кои се жените кои и покрај забраната биле на Света Гора?
Кои се жените кои и покрај забраната биле на Света Гора?

Кои се жените кои и покрај забраната биле на Света Гора?

3.93K
0

Планината Атос, која всушност е полуостров со површина од 335 километри квадратни, популарната Света Гора е можеби единственото место во светот на кое е забранет пристап за жени, па според преданијата и за животинки од женски род, освен за мачките кои се сметаат за корисни при лов на штетните глодари.

Но, дали навистина никогаш женска нога не стапнала на Света Гора? Многу преданија и настани велат дека тоа не е така.

ОБИД ЗА УПАД ВО ЗАБРАНЕТАТА ЗОНА

Последните два случаи се од 2008 година. Едниот е поврзан со украински шверцери кои на Света Гора оставиле четири Молдавки. Грчката полиција ги привела, но по одлука на монашките братства, тие биле помилувани.

Истата година е забележан и случајот кога околу 500 демонстранти, меѓу кои и неколку жени влегле на просторот на автономната грчка област Света Гора во знак на протест затоа што манастирите ги присвојувале јавните површини.

Демонстрантите влегоа неколку метри во територијата на „манастирската република“ чиј автономен статус почнува од пристаништето во Уранополис, но полицијата спречила понатамошно нивно движење.

-Тоа беше симболичен чин, ја прекршивме забраната за влез на жени, која потекнува од 1045 година. Нашата цел е да Европа интервенира и да ги оневозможи манастирите да бидат над законите. Мисијата на монасите е религиозна, а не бизнис со јавниот простор, изјавија тогаш претставници на женската група демонстранти.

ДОАЃАЊЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА НА АТОС

Приказната за забраната за влез на жените на Света Гора е врзана со типикот од 10 век. Според него требало да се спречи на Света Гора присуство на жени и женски животни. Христијанското предание се поврзува со настанот кога Пресвета Богородица, Мајката на Исус Христос, сосема случајно се нашла на брегот на полуостровот. Тоа се случило по Воскресението Христово, кога таа во придружба на Свети Јован тргнале кон Кипар во посета на Лазар од Витанија, кој таму бил епископ.

Патот бил проследен со голема бура, па бродот бил  однесен во сосема друг правец и завршил на источниот брег на Атос, каде денес се наоѓа пристаништето Иврион. На тој дел од Атос, тогаш се наоѓало познатото светилиште на Аполон. Преданијата велат дека стапнувањето на Богородица на тлото на Атос, предизвикало рушење на тогашните пагански храмови, вклучувајќи го и храмот на Зевс, на врвот на Атос.

Тоа бил и почетокот за христијанизација на дотогаш паганскиот народ. Приказната продолжува со изградбата на „Богородичната градина“, па населувањето на првите монаси-пустиножители, па монашките пештерски ќелии, па манстирите… и така се развива историјата на Света Гора до денес.

ПРВАТА ЖЕНА НА СВЕТА ГОРА

Машкиот свет на монасите, сепак низ историјата не останал недопрен од женската природа.

Според преданијата, меѓу првите жени кои дошле на Света Гора е ќерката на императорот Теодосиј. Таа и покрај забраната за пристап на жени одлучила да отпатува на Атос, а монасите од страв дека земските власти можат да им наштетат, организирале и свечен пречек и ја внеле в црква.

Според преданието на манастирот Ватопед, царицата влегла преку мала врата од левата страна на храмот. Но, одеднаш слушнала глас од чудотворната фреска на Богородица:  „Застани! Не оди понатаму, ќе настрадаш“, по што царицата од страв, паднала и со плачење му се молела на Бог да и опрости.

Римскиот цар Василиј Први во 885 година издава и указ, според кој Атос им припаѓа исклучиво на монасите.

СРПСКИТЕ ЦАРИЦИ НАЈЧЕСТИ ГОСТИ

Царицата Јелена. Била носена на специјални носилки

Во преданијата на манастирите на Света Гора е запишан уште еден случај, за кој се верува дека со благослов на Богородица, во српската царска Лавра и бил дозволен влез и на Јелена, сопругата на деспотот Душан Силни. Тој во Хиландар ја донел Јелена за време на епидемијата што била раширена во тоа време.

Српската царица отседнала на хиландарското пристаниште, а на копното била пренесувана со специјални носилки, што пак се смета дека не е кршење на строгите правила. Во знак на благодарност, таа станала голем ктитор на Хиландар.

Мара Бранковиќ, за која Света Гора тврди дека не стпнала на Света Гора

Со Света Гора се врзува уште една српска царица, но за нејзиното присуство на Атос има спротивставени позиции меѓу српската и страната на монашката заедница. Имено Манастирот Свети Павле од темел го изградил Деспотот Ѓураѓ Бранковиќ. Српската историја, која се темели врз турски записи,  запишала дека неговата ќерка Мира, лично го посетила манастирот и донела специјални дарови, а истовремено пак посетила и неколку други манастири.

Светогорското предание пак не го орекува нејзиното криторство, но категорично тврди дека таа никогаш не стапнала во манастирот, бидејќи Чудотворната Икона на Богородица проговорила и потсетила дека за жените пристапот е забранет.

ТАЈНИТЕ ЖЕНСКИ ПОСЕТИ НА СВЕТА ГОРА

Марија Поимендоу, маскирана како маж влегла на Атос и таму останала три дена

Во текот на 20 век почнуваат процесите на феминистички аспирации за влез на Атос. Голем број жени успевале влезат на тло на „монашката република“ преку земјени превлаки кои го спојуваат полуостровот со копното. Тоа се главно авантурстички илегални премини мотивирани од „слободоумни жени“, борци за женските права. Грчките власти тоа го спречуваат, поставувајќи високи огради на тие места и строго забранувајќи влез на пешаци, вклучувајќи и забрана за земјен влез и за мажи. Од тогаш е воведена и казна затвор од една година за оние кои ќе го прекршат тоа правило.

Во тајните влегувања на жени на светогорска територија, најкарактеристичен случај е сепак оној од 1953 година, кога гркињата Марија Поимендоу, маскирана како маж влегла на Атос и таму останала три дена.

На сличен начин запишан и случајот од 1932 година со протераната Гркиња, мис на Европа во 1930 година. Таа маскирана сакала да се искачи на едно од манастирските пристаништа.

Книгата на французинката што тврди дека еден месец

Во педесеттите години на минатиот век наводно се случил и настанот кој практично треба да биде со најдолг стаж на женско присуство на Атос. Иако нема официјална потврда дека тоа е вистина, сепак една Французинка, Марис Чоеси – писателка,  тврди дека била еден месец на Света Гора и дека „монашкото царство“ го прошетала од крај до крај. За тоа објавила и книга „Еден месец меѓу мажите“. Членовите на монашката држава, тогаш и одговориле на нејзината книга дека тоа е невозможно и нереално.

-Таа Света Гора веројатно ја видела само од бродот, изјавиле тогаш монасите.

Во седумдесетите години била откриена и една италијанска новинарка, која незабележано влегла, но сепак не успеала во својата крајна цел незабележана и да излезе од Света Гора.

Во историските записи е наведено и присуството на сопругата на британскиот конзул во Атина во 1850 година. Има приказни дека на Атос тајно присуствувале Оријана Фалачи и грчката актерка Мелина Меркури.

СВЕТА ГОРА ЗАСОЛНИШТЕ

Сепак во историјата на Света Гора се запишани и други настани кога жени дошле на копното. Најголем број такви случаи се регистрирани за време на грчката граѓанска војна од 1946 до 1949 година, кога Света Гора дозволува згрижување на бегалци, меѓу кои имало и жени. Една од жените кои присуствувале била бремена и таму и се породила. Се зборува дека детето кое таму се родило, подоцна станало монах на Света Гора.

И за време на Октомвриската револуција, меѓу руските бегалци кои нашле засолниште на Света Гора, наводно била и една руска принцеза, за чие име сепак нема официјални сведоштва.

Се случувало и многу туристки да залутаат на бреговите на Атос, но денес тоа строго се контролира со постојани полициски бродски патроли.

Според црковните правила, на жените туристи им е дозволено со бродови да ја разгледуваат Света Гора, но на оддалеченост од 500 метри од брегот.

/М. Николовски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *