Почетна Коментар Кога прв пат била возобновена традицијата на фрлање на Богојавленскиот крст?
Кога прв пат била возобновена традицијата на фрлање на Богојавленскиот крст?

Кога прв пат била возобновена традицијата на фрлање на Богојавленскиот крст?

361
0

Постои чудесна радост во срцата на верниците исчекувајќи го празникот на Христовото крштевање во реката Јордан. Но, ние си имаме наш Јордан, македонски, во кој живее оваа црковно-народна традиција. За прв пат, во 1990 година, по изминати 41 година, пред десет илјади скопјани, Архиепископот Охридски и Македонски, г. Гаврил, го поврати прастариот обичај фрлајќи го богојавленскиот (војордански) крст во реката Вардар во Скопје. Пред тоа, во 1949 година, во Велес, го фрли исто така во Вардар, но овојпат како свештеник отец Милошев.

Пред војната, еден познат југословенски теолог кој престојувал во Битола изјавил: „Водици беше прославен толку свечено, што можам да го споредам со Ерусалимскиот, каде што присуствува огромен народ“. Крстот бил фрлан во вир, направен во самата река Драгор, по завршената богослужба во двете големи битолски цркви. Поворките на свештенството и благочестивите христијани од двете цркви се соединувале на едно договорено место во градот и пратени од музика која свирела црковни Богојавленски мелодии од неколку хорови, оделе на самиот вир каде се фрлал крстот.

Не помалку свечено празникот на Христовото крштевање бил одбележуван и по возобновувањето на Македонската православна црква во ликот на Охридската Архиепископија. Секоја црква во својата порта имала сопствен базен, во кој посебно се светела вода и во која се фрлал крстот. Градските цркви биле полни со народ, дури ни половината од присутните не можеле да влезат во храмовите. Во Слатино, Охридско, жителите овие денови ги сочувале како денови за покајание и меѓусебно помирување. Два брата скарани оделе еден кај друг за да се бакнат. Без оглед што нашава земја била пет века под турско ропство, овој обичај е сочуван до денес.

Тоа јавување на Бога на реката Јордан и оваа година ни дава посебна радост да се собереме на водите и во домовите. Подготовките за овој празник се вистински настан, а пријавувањето на учесници кои ќе го фаќаат крстот е исполнето со многу возбуда. На денот кога се отвараат небесата во утрините тргнуваат литиите од сите градови. Биењето на камбаните и пеењето на црковниот хор громогласно го најавуваат доаѓањето Христово на Јорданските води. Народот заедно со свештенството се собира пред реката каде треба да се фрли крстот. На реката голем број момчиња кои со нетрпение чекаат слечени до половина.

Но, прво мора да заврши ритуалот на водоосветување. Да се оживее споменот на јорданското осветување на водата со влегувањето на самиот Христос во неа. Архиепископот говори гласно трипати: „Велик си Господи и чудни се Твоите дела и ниеден збор не е доволен да ги испее Твоите чудеса“, по што продолжува молитвата во која се опева и прославува Божјата промисла и убавините на овој свет. Тогаш, се присетуваме за сите добрини кои ги имаме во нашиот живот. Молитвите треба да ја вратат Божјата благодат загубена поради гревот. По свршувањето на молитвите, се читаат три паримии од книгата на пророк Исаија: „Стани сега, подигни се, засвети, зашто твојата светлина дојде и славата на Господ изгреа и блесна врз тебе. Ете, темнината ја прекрива земјата и густ мрак е врз народите; но тебе те осветлува Господ и неговата слава се појавува врз тебе“.

Архиепископот се моли одделно за народот, за арихереите, за оние што присуствуваат. Со крстот и босилокот во раката прави трипати крст и ја осветува водата. Најпосле, големото исчекување заврши. Крстот е веќе фрлен на пат кон водата. Врева од народ. Во реката плискање. Кој ли ќе го фати ќе биде среќникот оваа година. Возбудата станува уште поголема и кулминира со крстот во раката на победникот. Народот уште повеќе се раздвижува како летно класје жито. И повторно со пеење „Глас господен водах“, влегува во Светиот храм. Архиепископот дели нафора околу половина час, додека од страна пее црковниот хор.

Смислата на традицијата фрлање на чесниот војордански крст на празникот Свето Богојавление е да ни ја врати вербата дека спасението сепак ќе дојде. Да ни даде храброст и надеж дека никогаш човекот не е напуштен од Бога. Туку, Бог се јави за одново да не покрене преку Неговата љубов и да ни помогне кога ни е најтешко. Овој пат сите заедно да влеземе во новоосветената вода и да излеземе облагородени со божјата љубов. Да се сакаме прво себеси, своите обичаи и традиции, бидејќи тие не одржале и духовно не обновувале низ вековите.

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *