Почетна Коментар Ко, о чему…
Ко, о чему…

Ко, о чему…

612
1

Има една стара српска поговорка, која овде и таму различно се интерпретира, односно се разликува во формата, но не и во суштината… Најчесто се користи кога некој обидувајќи се да се правда, толку ќе се заплетка во своите небулози, што на крај најсоодветно е да му речете… „Така е.. прав си… терај!… Небулозно, затоа што во тоа правдање најчесто се користи аргументот на величање на својата чесност…

Е така некако изгледаат и писанијата што веќе во континуитет ги користи јовановата ПОА, кога ќе прочита нешто што не и се допаѓа на „Религија.мк“. Последното правдање на својата чесност е поради текстот “Врнанишковски: Македонија е јуриздикција на СПЦ, Украина не е на Руската црква“, објавен на „Религија.мк“, а информација преземена од “Фактор.мк“.

Тоа писание, кое канцеларијата на Архиепископијата охридска и митрополија скопска (која стои како потпишана на него) го нарекува демант, изобилува со хвалоспеви на својата чесност, и нормално мое сатанизирање.

Но, внимателно кога ќе го прочитате тој демант, всушност ќе видите дека Вранишковски, односно неговата црква, во основа ја демантира формата, а не суштината. Па така Јован пишува: “Марјан Николовски ја презел таа изјава од „Фактор.мк“, но ѝ дал тенденциозен наслов, што воопшто не произлегува од контекстот. Никаде и никогаш Архиепископот Јован не рекол дека Украинската Црква не е под јуриздикција на Руската Православна Црква. Ако се прегледа автентичната изјава дадена за „Слободен печат“, а која со овој напис не ја демантираме, ако се погледа како е таа нецелосно пренесена од „Фактор.мк“, а која исто така не ја демантираме, дури ако се погледне текстот што Николовски го поставил на „Религија.мк“, јасно ќе биде дека насловот што му го дал е типична лажна вест, тенденциозно смислена во главата на споменатиот самопрогласен верски аналитичар.“

Од ова произлегува дека на Јован и ПОА му смета што јас, авторот на веста во „Религија.мк“ сум ставил наслов -“Врнанишковски: Македонија е јуриздикција на СПЦ, Украина не е на Руската црква“, а Вранишковски всушност во таа изјава што „Религија.мк“ ја презема од „Фактор.мк“  рекол: „Треба да биде јасно дека оваа црквена територија, без разлика на тоа дали на неа се наоѓа државата Македонија, официјално ѝ припаѓа на СПЦ. Едноставно, за ова си постои документ, нешто што, на пример, го нема Руската црква за територијата во Украина.“

И сега, ако зборуваме за формата, до која ПОА се држи како „слеп за стап“, тогаш веројатно конструкцијата на насловот „Врнишковски две точи… итн… треба да подразбира цитат на кажан збор… И од тој аспект, еве „Така е.. прав си… терај!“… иако секаде во светот во новинарството формулација на наслов со име на личност и две точки подразбира и парафразирање на суштината, пред се поради технички и просторни услови за пишување наслов… но, еве јас признавам, не е најпрофесионален наслов… И сега што? Тоа ја менува суштината?

Но, сега сакам одговор, па макар и во форма на ново станизирање, дали евентуалниот насловот „Вранишковски: Оваа црквена територија, без разлика на тоа дали на неа се наоѓа државата Македонија, официјално ѝ припаѓа на СПЦ. Едноставно, за ова си постои документ, нешто што, на пример, го нема Руската црква за територијата во Украина.“ е коректен наслов или пак и тој може да биде предмет на демант?  Толку за формата, сега малку за суштината.

Јован Вранишковски многу добро знае што кажал и која суштина ја имаат зборовите. Ако некој има дилема дека јас на веста сум „ ѝ дал тенденциозен наслов, што воопшто не произлегува од контекстот“, како што вели Јован, тогаш некој навистина има проблем со логичното и здраворазумско расудување, а јас за тоа сум подготвен да дебатирам јавно со целата ПОА, нејзините владици, членови, па дури и нивниот ментор Иринеј Буловиќ од СПЦ, сите заедно, само нека одберат медиум и новинар и нека ме повикаат…

Тогаш Јован веројатно ќе има доблест да одговори дека документот за кој зборува во изјавата има само едно црковно име, а тоа е терминот „Томос“, а само со тој документ се дефинираат граници на една црква, а тоа подразбира јуриздикција, или како што тој вели припаѓање. Со други зборови, сакал Јован да признае или не, или пак сега се обидува тоа што јавно го кажал да го сокрие, поради гневот кој веќе се има појавено во Руската црква, и тоа благодарение на веста од „Религија.мк“ (инаку медиум редовно читан и во Русија и дел од редовните патријаршиски прес-клипинзи) го кажал токму тоа што јас го имам акцентирано во насловот, а тоа е дека „Македонија е јуриздикција на СПЦ, а Украина не е на Руската црква“.

И сега повторно за суштината…

Во демантот ПОА вели дека веста на „Религија.мк“ била лажна вест и упатува на моментот изјавата на Јован Вранишковски да се прегледа автентично -„ Ако се прегледа автентичната изјава дадена за „Слободен печат“, а која со овој напис не ја демантираме, ако се погледа како е таа нецелосно пренесена од „Фактор.мк“, а која исто така не ја демантираме“.

Ок… ајде да видиме што пишува во изјавата нецелосно пренесена на „Фактор.мк“. Насловот на веста е – „Се јави Вранишковски, објасни зошто МПЦ не може да бара автокефалност од Софија и Цариград“, а во цитатот лесно се гледа дека е автентичен до буква од оној на „Религија.мк“.

Ок. Одиме понатаму. Јован тврди дека таа вест на „Фактор.мк“, од каде „Религија.мк“ ја презел била нецелосна пренесена и упатува на „Слободен Печат“ каде што всушност и била дадена автентично изјавата, но апострофира дека таква изјава во електронска форма не може да се најде.  “Споменатиот текст го презел од изјавата на Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, која ја дал за печатеното издание на „Слободен печат“ (23.02.2019) и таа изјава која е автентична не може да се најде во ниту едно електронско издание освен на „Фактор.мк““.

Е сега дали таа изјава е автентична или не и зошто ПОА вели дека таа изјава не може да се најде на ниту едно електронско издание? Тоа е клучното во целиот циркус што ПОА го прави.  Многу просто, затоа што е избришана од електронското издание на сајтот на „Слободен Печат“. Зошто и поради кои причини таа вест е избришана од тој медиуми, најдобро знаат во редакцијата на тој медиум, или поточно знаат инсталациите на ПОА во тој медиум…

Но, за нивна несреќа, а треба да знаат кога се занимаваат со интернет медиуми, дека денес за се постои трага, па така за жал на Јован на интернет може да се најде и оригиналната негова изјава, и тоа токму во електронското издание  на  „Слободен печат“ и тоа под наслов: „Владика Јован: МПЦ-ОА единствено преку СПЦ може да добие автокефалност“ и тоа објавена на 22.02.2019 во 14 часот и 24 минути, а не како што тврди ПОА на 23.02.2019 година во печатеното издание на весникот.

Но, што таму Јован Варнишковски изјавил, а сега вели дека е вон контекст и лошо пренесена изјава. Таму како цитат на неговата изјава е наведено следново: „– Треба да биде јасно дека оваа црквена територија, без разлика на тоа дали на неа се наоѓа државата Македонија, официјално ѝ припаѓа на СПЦ. Едноставно, за ова си постои документ, нешто што, на пример, го нема Руската црква за територијата во Украина.“.

И што сега од ова не е јасно? Кој шири лажни вести? Дали Јован сака да сокрие дека кажал оти Македонија е јуриздикција на СПЦ, а Украина не е на Руската црква?…

Одиме понатаму… Следниот ден на 23.02.2019 во печатеното издание на „Слободен печат“ има опширен текст на темата, но и изјава на Вранишковски пренсека во антрафиле (или рамка како го викаат во МКД новинарството). И види мајката, пак идентично од збор до збор…

Една македонска стара поговорка вели, „ако баба лаже… “ Толку за суштината и формата за она што Јован кажал, и за тоа што сакал да каже…

Сега малку за суштината на изјавата на Вселенскиот патријарх Вартоломеј, дадена за српска „Политика“, која предизвика општа радост во ПОА и СПЦ…

Како реално стојат работите…

Добро е да се знае дека ова последно интервју на Вартоломеј е со јасна цел и намера и тоа иницирано од црковните кругови во Белград. Било реализирано во Истанбул, во Фанар – седиштето на Вселенската Патријаршија. Интересно е да се знае дека освен новинарот на српска „Политика“ на тоа интервју присуствува и еден теолог од Српската Православна Црква. Неговото име е Дејан Ристиќ. За мене како новинар е интригантен моментот што бара теолог на СПЦ како дел од делегацијата на „Политика“ која прави интервју со Вселенскиот Патријарх? Според мое слободно толкување, тоа само укажува на организираност од страна на СПЦ да биде реализирано такво интервју, наменето токму за српската јавност.

Како и да е, СПЦ со објавувањето на интервјуто на крај успеала во својата црковно-дипломатска активност и го постигнала она на што таа и ПОА подоцна воодушевено воскликнуваа.

Тоа што пак, македонската јавност останува покуса со едно вакво интервју во еден ваков клучен период, кога сите надежи за автокефалноста се полагаат на Вселенската Патријаршија, е слабост на македонските медиуми, но можеби и на самата МПЦ. Ако добро се сеќавам, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј има дадено само едно интервју за македонски медиуми и тоа чинам негде 1999 или 2000 година, за месечникот „Премин“. Ако добро ме држи меморијата автор беше Марјан Ѓуровски, но сосема добро се сеќавам на насловот од тоа интервју – „Вартоломеј: Јас го потпишувам Томосот за автокефаност“.

Зошто го потенцирам тоа интервју? Заради суштината, која и денес е иста. Томосот на автокефалноста на МПЦ треба да дојде и најверојатно ќе дојде преку Вселенската патријаршија. Токму тоа е и стравот во СПЦ, за чие ублажување беше потребно Вартоломеј да каже нешто што треба да ги разбие надежите овде во Македонија, дека еден ден, кога тогаш, ова парче земја ќе има своја автокефална црква, далеку од влијанието на Белград.

И сега ако се гледа само формата, тогаш веројатно е јасно дека српската црковна јавност го прочита тоа што сакаше да го чуе… Вартоломеј вели дека границите на СПЦ нема да се менуваат без согласност и соработка, а тоа секако подразбира согласност и соработка на СПЦ. И како што е редот, токму оваа реченица од целото интервју на Вартолмеј, СПЦ ја вади и создава вест, која преку интернет страниците на една од своите митрополии ја пласира во јавноста како суштинска, а подоцна таа вест, напишана во патријаршијата на СПЦ, се шири во Македонија, без притоа ниту еден новинар во Македонија да посака изворно да го прочита интервјуто на Вартоломеј во „Политика“. А, таму има една клучна реченица, која СПЦ во својата вест вешто ја избегнува… Вартоломеј всушност кажува дека „Вселенската Патријаршија нема да ги менува границите и Уставот на СПЦ ако за тоа нема согласност и соработка и додава дека Вселенската Патријаршија никогаш не ги пречекорила границите на другите цркви, освен единствено кога за тоа не постои конкретно барање и поголема црковна потреба…

Што значи тоа конкретно барање и поголема црковна потреба? Тоа значи дека во случајот со МПЦ, ако СПЦ не се согласи на промена на границите, Вселенската Патријаршија тоа ќе го направи токму поради поголемата црковна потреба.

И што овде не е јасно, пријатели од ПОА? Мене како „самопрогласен“ аналитичар, како што велите, ми е работа да читам меѓуредови, а Вам да го прочитате она што сакате да го чуете…

Пишува: Марјан Николовски

Коментар(1)

  1. Зошто толку значење им придавате на невидливи и проѕирни разорувачи кој помеѓу народот и во мак медиуми се невидливи.
    И уште нешто да појасниме дека српските црковни граници запираат кај еден манастир над Куманово.можеби на тие граници се смета…

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *