Почетна Интервју Ќе отвориме ново поглавје во меѓуконфесионалните односи
Ќе отвориме ново поглавје во меѓуконфесионалните односи

Ќе отвориме ново поглавје во меѓуконфесионалните односи

262
0

ИНТЕРВЈУ: ДАРИЈАН СОТИРОВСКИ, ДИРЕКТОР НА КОМИСИЈАТА ЗА ОДНОСИ СО ВЕРСКИТЕ ЗАЕДНИЦИ И РЕЛИГИОЗНИ ГРУПИ

Новиот директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Даријан Сотировски најавува нова страница во меѓуверската комуникација во Македонија, со непристрасна улога на Комисијата како државно тело задолжено за медијација и конекција на државата со верските институции

Сотировски вели дека негов императив е мотивирање на толеранцијата.

– Целокупното идно делување на  Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи ќе го поставиме на три столба, имено ќе работиме на  сеопфатен процес на градење атмосфера на доверба, соработка и компромис меѓу верските заедници и религиозните групи (како прв столб), ќе го штитиме секуларниот карактер на државата и ќе ги унапредуваме верските слободи и права (втор столб) и постојано сервисно ќе одговараме на потребите на верските заедници (трет столб). Одлучно ќе отвориме ново поглавје во меѓуконфесионалните односи, вели Сотировски.

Доаѓате на многу одговорна функција, иако во јавноста Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи не е перцепирана како институција од висока политичка моќ, но сепак ова тело има важна улога во општеството. Кои се вашите основни приоритети за иднината на КОВЗРГ?

СОТИРОВСКИ: Најнапред да Ви се заблагодарам за честа и дадената можност моето прво интервју по стапувањето на должноста да го дадам за вашиот препознатлив веб-медиум. Се надевам дека започнуваме долга и плодна соработка.

Целокупното идно делување на  Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи ќе го поставиме на три столба, имено ќе работиме на  сеопфатен процес на градење атмосфера на доверба, соработка и компромис меѓу верските заедници и религиозните групи (како прв столб), ќе го штитиме секуларниот карактер на државата и ќе ги унапредуваме верските слободи и права (втор столб) и постојано сервисно ќе одговараме на потребите на верските заедници (трет столб). Одлучно ќе отвориме ново поглавје во меѓуконфесионалните односи.

Црквите, верските заедници и религозните групи во Р. Македонија имаат одреден степен на меѓусебна почит и толеранција. Сепак, за општество како македонското од суштинско значење е градење на здрава меѓуверска комуникација. Дали од оваа позиција на која што сте Вие, може да се очекува период на јакнење на таа комуникација? Какви се плановите за почести средби со претставниците на верските заедници?

СОТИРОВСКИ: Сметам дека нашето општество е веќе изморено од формализам, од флоскули, од клише. Ќе се обидам да внесам нов дух во меѓуконфесионалната комуникација, дух, кој ќе зрачи со искреност и отвореност. Да имаме еден реален пристап, да погледнеме на сите отворени прашања во очи и да разговараме, да бараме решенија, точки на врзување. Сепак заложбите се достојни за почит кога се проследени со дела.

Во држава каква што е Македонија, во која над 95 отсто (според сите истражувања), населението се декларира, на еден или на друг начин, како верници и тоа со поделена верска определба, колку е тешко да се одржи суштински важниот баланс на секуларност на општеството?

СОТИРОВСКИ: Верските слободи и права на граѓанинот кои му се гарантирани со домашното и меѓународното законодавство (чл. 9, чл. 16 и чл. 19 од Уставот на РМ, како и  чл. 9 од ЕКЧП) и целокупното нивно ползување во ниту еден случај не треба да биде толкувано како опасност по секуларниот карактер на државата. Индивидуата има право да верува, да практикува вероисповед, да изразува верски чувства. Големиот процент на религиозно население, треба да го набљудуваме како множество на индивидуи со исти, слични или различни верски потреби, но со еднакви права, прокламирани во позитивното право.

Секуларниот карактер на државата не е нешто што треба да биде балансирано, тоа е уставно начело кое мора да го заштитиме. Убеден сум дека тоа е во интерес на сите граѓани, односно на сите верници и сите верски заедници и религиозни групи, но и во државен интерес.

Како Вие ја дефинирате секуларноста, со оглед на тоа што тоа прашање во државава честопати е предмет на дебати?

СОТИРОВСКИ: Се разбира секое дефинирање на поим може да се изврши пошироко и потесно. Секуларниот карактер на државата е показател дека во државата верските институции, лица и правила не се дел од процесот на носење одлуки во државните органи, но и обратно државните институции, функционери и политики исто така стојат настрана од внатрешните прашања на верските заедници. Секуларноста значи и штитење на либералниот и демократски карактер на Уставот, кој не мотивира религиозност на народните маси, туку гарантира широки и неприкосновени верски слободи и права на граѓанинот. Секуларноста спречува злоупотреби на верските чувства како и политизација на оваа сензитивна општествена сфера.

Според Вас, дали и колку верските заедници држат до границите на секуларноста?

СОТИРОВСКИ: Верските заедници во Република Македонија имаат значајно влијание и секогаш истакната улога во општествените текови.  Нивна задача и цел сепак е проповедањето, ширењето на нивното учење, мисионерството. Иницијативите на верските заедници во оваа насока не треба да се толкуваат како нарушување на секуларноста. Нарушување на секуларноста имаме кога државата диктира вакви иницијативи или се меша во внатрешните прашања на верските заедници. Државата треба да ги помогне и да покаже грижа за сите иницијативи на верските заедници, кога се во јавен интерес, но никогаш да не врши диктат. Во основа досегашното однесување на верските заедници во Македонија е на завидно ниво. Тие имаат свои барања, мислења, потреби, аргументации за многу прашања значајни за државата и граѓаните, па ме радува кога своите заложби јавно ги искажуваат. Како демократско општество мораме да дебатираме и да ги вкрстиме различните мислења на поединците, групите, заедниците, за да дојдеме до најдобрите решенија и одговори.

Можете ли за себе да кажете дека ќе бидете непристрасен медијатор во односите меѓу верските заедници?

СОТИРОВСКИ: Роден сум и живеам во градот Тетово, град кој пулсира во различности. Град кој сведочи за последиците од поделбите, омразата, нетолеранцијата, но сведочи и е пример за надминување на минатото и градење нови перспективи за соживот. Со особено задоволство, растоварен од предрасуди ќе работам исклучиво непристрасно.

Ви го поставувам ова прашање поради тоа што досега многупати верските заедници знаеле да кажат дека државата на еден или на друг начин, форсира одредени верски заедници. Тие критики најчесто доаѓале од малите верски заедници. Дали го имате тоа чувство дека државата ги форсира двете најголеми верски заедници во земјава, како МПЦ-ОА и ИВЗ?

СОТИРОВСКИ: Треба да разговараме за причините за ваквата перцепција кај малите верски заедници, доколку таа постои, за да утврдиме зошто тоа е така. Од мој агол на гледање државата не може да форсира верска заедница, кога согласно Закон, сите верски заедници регистрирани согласно важечкото позитивно право се рамноправни во правата и должностите и уживаат еднаков правен субјективитет. Доколку е поистакната улогата на двете посочени верски заедници во јавниот простор тоа може да се должи и на нивната долга историска генеза и вековно опстојување на овие простори, огромното културно наследство под нивна јурисдикција и бројноста на верниот народ.

Дали како КОВЗРГ ќе реагирате кога ќе процените дека некоја верска заедница или претставник на одредена верска заедница го нарушува моментот на толеранција во општеството?

СОТИРОВСКИ: Да, наш императив е мотивирање на толеранцијата. Секој човек и група има свое право да мисли и делува различно, но при реализирањето и прокламирањето на своите замисли сите можеме да зрачиме со толеранција и искрена желба за мирно решавање на евентуалните отворени прашања. Верските заедници и верските лица би требало да бидат свесни за својот општествено кохезивен потенцијал.

Темите за верски радикализам веројатно ќе бидат едни од оние со кои ќе се соочите на оваа функција. Иако државата во последните години нема сериозни проблеми од тој аспект, сепак тоа прашање постојано лебди во општеството. Кој е Вашиот став во поглед на тоа?

СОТИРОВСКИ: Тоа што во моментов немаме сериозни проблеми од тој аспект, не ја исклучува потребата да работиме на навремена превенција. Владата на Република Македонија има формирано Национален комитет како посебно тело за спроведување на Националната стратегија за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам за периодот од 2018 до 2022 година, во чии рамки се предвидуваат повеќе мерки за превенција од појава на верски радикализам. Во реализацијата на стратегијата се вклучени 22 државни институции меѓу кои и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

Иако навидум работите на релација држава-верски заедници се во една коректна состојба, сепак речиси сите поголеми верски заедници имаат некои отворени прашања, со кои претпоставувам дека ќе се соочите веќе на првите состаноци со нив. Сакам да Ве прашам, дали ќе бидете директор кој ќе се обиде да затвори што повеќе такви прашања, или, пак, ќе се случи многу од проблемите да останат на листата на чекање?

СОТИРОВСКИ: Владата на Република Македонија и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи ќе покажат зголемена грижа за сите отворени прашања. Ќе понудиме решение на доста проблеми кои се провлекуваат со децении. Се надевам на соработка со сите верски заедници и со сите државни институции како и со единиците на локалната самоуправа.

Во дел од електронските медиуми на интернет бевте квалификуван како премногу млад за оваа позиција, што може да биде и субјективна оценка. Едно лично прашање до Вас, колку се чувствувате подготвен да одговорите на предизвиците од позицијата на која сте сега?

СОТИРОВСКИ: Јас имам целосно разбирање за загриженоста на поединци во однос на мојата возраст. Сепак не често во Македонија млади луѓе добивале ваква можност да придонесат за својата татковина, иако во последно време имаме неколку позитивни примери во таа насока. Работењето  на Комисијата во следниот период ќе ги разубеди ваквите поединци, ќе сфатат дека нивната грижа била неоснована.

/PRESS24.MK

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *