Почетна Анализа Ќе отвори ли 2020 година нови хоризонти за МПЦ?
Ќе отвори ли 2020 година нови хоризонти за МПЦ?

Ќе отвори ли 2020 година нови хоризонти за МПЦ?

324
1

Дали за Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) годината што доаѓа ќе биде пресвртница во битката за признавање на автокефалниот статус? Оваа дилема е присутна во црковната јавност, особено по најавите дека Вселенската патријаршија ја презема иницијативата за решавање на ова прашање. Во МПЦ-ОА има оптимизам дека 2020 година може да биде клучна, но нема официјални сигнали дека нешто наскоро може да се случи.
Во таа насока е и изјавата на претседателот Стево Пендаровски, која ја дал во интервју за бугарската новинска агенција БГНЕС, а се однесува на прашањето за МПЦ-ОА. Тој смета дека по потпишувањето на Преспанскиот договор, за МПЦ се отвораат нови хоризонти, без докрај да објасни кои се тие хоризонти.

– Би сакал да потсетам на состанокот меѓу поранешниот претседател Борис Трајковски и вселенскиот патријарх Вартоломеј одржан во 2002 година. Тоа беше многу интересна средба, која траеше еден час и 45 минути. Се однесуваше на статусот на Македонската православна црква. Што беше невообичаено за оваа средба? Трајковски му рече на патријархот дека иако е протестант, сака да ѝ помогне на МПЦ. Денес имаме напредок во оваа насока и постигнавме одреден напредок со договорот од Преспа. Денес имаме нови хоризонти, не само со можна поддршка на Бугарската православна црква, туку и воопшто во целиот православен свет. Сите знаеме дека против нас е Српската православна црква, а поради спорот за името тоа беше и Грчката православна црква – посочил Пендаровски во интервјуто.

Андреја Богдановски, докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија, кој истражува на темата „Црковната политика во православната црква“, смета дека изјавата на претседателот Пендаровски е конфузна, особено што тој го лоцира проблемот кај ГПЦ, а не кај СПЦ. Богдановски прашува, ако е така, зошто по потпишувањето на договорот од Преспа, ГПЦ не ја признала МПЦ? Богдановски очекувал претседателот во интервјуто да побара БПЦ да биде проактивна за прашањето за МПЦ.

– Претседателот во интервјуто не ја искористил можноста и јасно да ја прозове Бугарската православна црква, имајќи предвид дека БПЦ од 2017 година сѐ уште нема направено исчекор со „братскиот народ“ во Македонија во однос на автокефалноста на МПЦ. Со оглед на последните случувања во Бугарскиот синод, по сѐ изгледа БПЦ побрзо ќе ја признае автокефалноста на Украинската православна црква, отколку да направи какво било поместување во однос на македонското црковно прашање – прогнозира аналитичарот Богдановски.

Што се однесува до самото изјаснување на Пендаровски во однос на оваа тема, познавачите на состојбите во православниот свет велат дека во целиот случај има улога и политиката и потсетуваат дека и во минатото политичарите покажувале интерес за прашањето на МПЦ.

Аналитичарот Цане Мојановски вели дека од осамостојувањето на државата, па досега, сите претседатели на државата имале позитивен став за решавање на македонското црковно прашање. Во таа насока, според него, може да се толкува и ставот на сегашниот претседател.

– Претседателот Пендаровски ја следи таа традиција на своите претходници. И во минатото политичките субјекти имале јасен став дека проблемот со автокефалноста на МПЦ треба да се реши. Генерално сите политички состави давале поддршка во тој план – нагласува Мојановски.

Според него, досега решавањето на црковното прашање било ставено во сенка, но со надминување на големите политички проблеми, може да се очекува скоро решавање и затворање и на ова прашање, кое долго време беше оставено отворено.

Минатата година премиерот Зоран Заев иницира постапка за црковното прашање, со која испрати писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј, како поддршка на иницијативата на Синодот на МПЦ-ОА за барање да ѝ се признае автокефалноста.

Инаку, МПЦ останува на ставот дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

Коментар(1)

  1. Још прошле године у ово време је се причала иста прича. Сви би ми желели да се овај бесмислени спор реши,али биће тешко. Етнофилетизам је опасна јерес,а све помесне Цркве су огрезле у етнофилетизам. Остаје жал што Нишки споразум из 2002 није успео. Оборили су га председник Македоније који је био протестант и премијер Македоније који је сад постао Бугарин.

Напиши одговор на Слободан Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *