Почетна Анализа Ќе донесе ли Прочка сили за простување? Политичкото помирување меѓу реториката и реалноста.
Ќе донесе ли Прочка сили за простување? Политичкото помирување меѓу реториката и реалноста.

Ќе донесе ли Прочка сили за простување? Политичкото помирување меѓу реториката и реалноста.

54
0

Полни усти зборови за помирување и простување, а во практиката секој ден сѐ поподелени и пораскарани. Вака изгледа политичкиот вокабулар во државата, не само меѓу политичарите туку и меѓу партиските симпатизери. Последната година на македонската политичка елита најомилени зборови ѝ беа помирувањето и простувањето, но во моментите кога се случуваше решавањето на крупните историски процеси во земјата го немаше потребното национално единство, односно немаше ништо од тоа што треба да значи меѓусебно помирување.

Напротив, се разгореа нетрпеливоста, поделбата на партиска и политичка основа, поделбата на „патриоти“ и „предавници“, се подгреваше и говорот на омраза, кој и понатаму е застапен на социјалните мрежи.

Помирувањето и простувањето како политички процес минатата година ги наметна премиерот Зоран Заев, кој во обид да обезбеди поголемо парламентарно мнозинство и поширок консензус за уставните измени за Преспанскиот договор изрази подготвеност за амнестија за дел од учесниците во крвавите настани од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија.

Но тој процес, наместо да го постигне посакуваното помирување, беше оценет како дополнително разгорување на политичката нетрпеливост. Според опозицијата, повикот за помирување беше оквалификуван како евтин политички маркетинг, кој само ја влошил состојбата, зашто амнестијата како основа на помирување, според нив, била селективно изведена и наменета само за оние пратеници што ќе гласаат за уставните измени. Поделбите во општеството продолжија и понатаму, исто како и декларативните политички повици за помирување.

Но во суштина колку политичарите го знаат значењето на зборовите помирување и простување? Постои ли реална основа за политичко помирување и простување во Македонија или и оваа Прочка ќе биде само куртоазно и декларативно изговарање на зборовите „прости“, „простено нека ти е“, без да се сфатат суштински нивната тежина и нивното значење? И, конечно, дали на големиот христијански празник Прочка поимите проштевање и прочистување на гревовите може да бидат злоупотребени и да послужат само за нова политичка манипулација?
Јавноста оправдано ги поставува овие дилеми, особено што и за овој верски празник политичарите ќе бидат тие што ќе повикуваат и ќе бараат простување од граѓаните, но и меѓу себе.

ТРНЛИВ ПАТ ДО ДЕМОКРАТИЈА

Политичкото помирување во Македонија, според аналитичарите, е сложен процес, пред сѐ поради екстремната поделеност на општеството, за што се виновни и самите политичари, но и немањето искрена намера за градење национален консензус по одредени прашања и здрав политички дијалог. Сепак, велат дека македонското општество не се разликува од другите во регионот, особено што нивото на развој на демократската свет е речиси идентично кај сите соседни држави.

Професорот од Факултетот за безбедност, Жидас Даскаловски, вели дека тоа што политичарите и политичките партии повикуваат на помирување не може да се спроведе во практиката и затоа има жолчни реакции во јавноста и поделеност на општеството.
– Нема владеење на правото, нема правен поредок, државните институции не функционираат, затоа немаат ефект повиците за помирување. Сѐ додека не се поправи тоа, нема да има помирување меѓу политичките партии, општеството, граѓаните – посочува Даскаловски.

Аналитичарот Петар Арсовски смета дека кога зборуваат за помирување, за простување, политичарите тоа го кажуваат во една политичка смисла, проследена со етички карактеристики, но без религиски концепт.
– Помирувањето е политички проект, во насока на градење национален консензус и политички дијалог. Особено тоа е изразено последната година, кога се случуваат клучни состојби во пресрет на евроатлантските преговори. Сето тоа нема верски елементи. Негативната кампања постои секаде во светот, па така и кај нас – објаснува аналитичарот Арсовски.

ЗЛОУПОТРЕБА НА РЕЛИГИЈАТА

За верските аналитичари, пак, не е новина во одредени политички концепти да се користат термините „помирување“ или „простување“ токму во насока на користење одредени религиски и етички норми.

Зоран Матевски, професор по социологија на религија, вели дека не е новина да се користи политичкиот концепт на барање или иницирање на помирување во општеството. Според него, секоја година за големите христијански празници, па и сега за Прочка, политичарите даваат изјави во насока на празникот, кои се исполнети со зборови за помирување и простување.
– Во ваквите ситуации многу често се случува политичарите да ја користат религијата за политички цели. Но тоа не е злоупотреба на религијата, туку користење на позитивната функција на религијата. Религијата има општествено интегративна функција и токму таа функција се користи за позитивни цели, за зближување на различните етнички и верски групи и заедници – додава професорот.

Сепак, Матевски вели дека останува да видиме во следниот период дали сето она што го зборуваат политичарите, а се однесува на помирување или простување, ќе го применат во своите програми.
– И верските лидери за Прочка ќе повикаат на политичко помирување, на помирување меѓу граѓаните. И нивните повици се легитимни, исто како и повиците на политичарите – посочува Матевски.

ЗАЕВ: ЈАС ПРОСТИВ, ЗАШТО ЖИВОТОТ ТРЕБА ДА ТЕЧЕ И ПОНАТАМУ

По серијата меѓусебни навредувања изминативе месеци, премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе седнат повторно на заедничка маса на лидерска средба. Но оваа лидерска средба има и специфична симболика, зашто ќе се случи токму на верскиот празник Прочка. Дали и двете страни ќе најдат сили за меѓусебно помирување и простување, особено пред почетокот на претседателската кампања, која се очекува да биде со жесток интензитет?

Премиерот Зоран Заев вели дека, во духот на простување и на помирувањето во државата, е многу транспарентен и секогаш јасно ги кажувал своите ставови.

– Луѓето што држеа пиштол веројатно немаа доволно храброст и чиста цел. Јас простив, зашто животот треба да тече и понатаму. Со Мицковски немаме ништо лично меѓу себе, секако употребата на зборовите на нашите јавни настапи многу кажува за нас самите. Ќе продолжам да негувам позитивен дух. На нашата земја ѝ треба дијалог, кој е ветар во грб во сите наши аспирации, без разлика колку тоа инсинуира лоши зборови во лоши реченици. Нормално е да ме повредуваат некои зборови и јас сум човек, но морам да продолжам и понатаму во работата во политиката – изјави премиерот Заев.

Според него, ако лидерската средба се одржи в недела, тоа е денот Прочка, ден за простување, тогаш можат и меѓусебно сите да си простат.

МИЦКОВСКИ: ПРЕМИЕРОТ СВЕСНО ЈА ПРОМАШУВА ПОЕНТАТА

За лидерот на опозицијата, Христијан Мицковски, постои разлика помеѓу верското толкување на поимот „прочка и простување“ и политичкиот процес за помирување. Како верник вели дека не му е тешко да побара прошка и да му прости некому, но смета дека за политичко помирување не постојат услови, поради односот на власта.

– Јас сум човек што ја почитува традицијата и верува во бога. За мене барањето и давањето прошка е дел од вредносниот систем што треба да го поседува секој поединец. Не ми е тешко да побарам прошка од моите блиски, пријателите и луѓето што ме познаваат и, доколку грешам, да се извинам. Што се однесува до политичкиот контекст на помирувањето како политички процес, сметам дека премиерот свесно ја промашува поентата. Нема помирување со политички монтирани процеси, со политичко зависно судство, со имот што е замрзнат не како резултат на правда, туку како последица на политичка нарачка, со притиснати медиуми, со прогон, со притвори што стануваат затвор, со заевизам што го задушува секој момент на преостаната слобода, со систем на неправда и без владеење на правото – објаснува Мицковски.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *