Почетна Вести Христијанство Ќе дојде ли папата во Македонија? Посетата засега само желба
Ќе дојде ли папата во Македонија? Посетата засега само желба

Ќе дојде ли папата во Македонија? Посетата засега само желба

81
0

Дали папата Франциск, поглаварот на Римокатоличката црква, ќе биде првиот папа што ќе ја посети Македонија? Оваа вест проструи во македонската јавност откако аргентински медиум објави дека во мај 2019 година римокатоличкиот поглавар ќе патува на турнеја во Европа, при која би ги посетил државите Романија, Бугарија и Македонија. Истата вест беше преземена од македонските медиуми, но без конкретна потврда од Католичката црква во Македонија. Оттаму велат дека засега немаат добиено никаква официјална потврда од Ватикан за евентуална посета на папата на овие држави, но и конкретно на Македонија.

– Посетите на папата во конкретните држави се претходно утврдени, понекогаш и половина година однапред. Ватиканскиот протокол веќе ги подготвува посетите на папата што треба да се реализираат следната година. За негова посета во Македонија немаме најава, иако ние, како Католичка црква во Македонија, имаме испратено покана до Ватиканската палата. Истото тоа во неколку наврати го има направено и државниот врв. Доколку имаме таква најава, македонската јавност ќе биде известена, за да организираме достоен пречек – истакнуваат од Католичката црква.

Најблиску до Македонија каде што папата остварил посета е Албанија во 2014 година.
На официјалната веб-страница на Ватикан единствена официјална информација за предвидени патувања на папата надвор од Италија за 2019 година е онаа за посетата на Панама, каде што во јануари треба да учествува на годишна конференција посветена на младите.

На светиот отец веќе неколкупати досега му се упатени покани од страна на државниот врв и од Католичката црква во Македонија. Конкретно таква покана беше упатена во 2016 година, кога беше одреден датумот за прогласување на Мајка Тереза за светица во Католичката црква.

За посета на поглаварот на Римокатоличката црква во Македонија практично се исполнети сите предуслови. Покрај потребните покани и покажаниот интерес, во Скопје веќе се создадени и услови што ги предвидува ватиканскиот протокол за една таква посета. Пред неколку години се изгради и новата католичка резиденција на Водно, со што се овозможуваат и просторни услови за престој на папата. Според протоколот на Ватикан, папата при посета на некоја држава не престојува во хотел, туку во резиденцијата на својата црква. Сепак, според верските аналитичари, за негова посета на државата е потребна и согласност од доминантната верска заедница, во случајот Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Таквата практика е воспоставена според ватиканските протоколи, што значи дека папата не патува во држава во која Православната црква во таа држава не дала благослов. Во МПЦ засега за ова прашање не дале конкретен став.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *