Почетна Анализа Ќе биде ли успешен обидот за дискредитација на Вселенската патријаршија и на МПЦ?
Ќе биде ли успешен обидот за дискредитација на Вселенската патријаршија и на МПЦ?

Ќе биде ли успешен обидот за дискредитација на Вселенската патријаршија и на МПЦ?

213
0

И во православието се водат специјални војни

Дали на агендата од телефонските разговори водени од страна на „руските комичари“ стои и целта да се дезавуира вистината за македонското црковно прашање? Дали двајцата комичари се инструирани од црковен центар со намера да се дискредитираат Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Вселенската патријаршија во врска со прашањето за автокефалноста на нашата црква? Ова се некои од клучните дилеми што се наметнуваат во јавноста, откако пред неколку дена излегоа телефонските разговори на премиерот со руските комичари.

Кон ваков заклучок води и уште еден интересен момент, а тоа е фактот што речиси сите руски медиуми, кои објавија за овој случај, фокусот го ставија на делот од разговорите што се однесува на црковниот спор, со акцент дека „премиерот Заев сакал со сто илјади евра да го купи (?!) томосот за автокефалност на МПЦ, откако претходно лажниот Порошенко му посочува дека тој платил 150 илјади евра во кеш за томосот на Украинската црква“.

Токму моментот што руските медиуми го акцентираат ова прашање како суштинско, според верските аналитичари, укажува на можноста целата операција да е инструирана од црковен центар, во случајот црковна Москва. Дека Заев бил цел и жртва токму за црковното прашање укажува и фактот што тој јавно и храбро се заложи за признавање на автокефалноста на МПЦ од страна на Вселенската патријаршија.

Премиерот минатата година испрати и писмо до Вселенската патријаршија, кое беше проследено заедно со писмото на МПЦ, по што патријархот Вартоломеј го почна процесот за разгледување на прашањето за признавање на нашата црква.

Интересна е и временската коинциденција. Заев го испратил писмото до Вартоломеј во мај 2018 година, а руските комичари првпат со него стапуваат во контакт во август 2018 година, период во кој во Македонија е актуелно и црковното прашање, откако во јуни 2018 година, Вселенската патријаршија објави дека го става во процедура прашањето за автокефалноста на МПЦ-ОА.

И од самите разговори со руските комичари се дознава дека македонскиот премиер и во контактите со странските политичари лобирал за МПЦ, а добивал ветување за помош и од сега веќе поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас.

Верските аналитичари велат дека ништо не треба да биде изненадување, ако се знае дека Вселенската патријаршија и Руската патријаршија во овој период се во битка за превласт во православието. Според нив, таа битка меѓу овие две цркви е значи и битка за МПЦ, во насока Руската црква со намера да спречи признавање на автокефалност, а Вселенската патријаршија со мотив да демонстрира дека таа е црквата што има право да потпишува томоси за автокефалност.

Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека целта на насочувањето на разговорите во контекст на црковното прашање била да се оцрни вселенскиот патријарх.

– Во периодот пред признавањето на автокефалноста на Украинската православна црква од страна на вселенскиот патријарх постојано од Москва доаѓаа изјави дека таа автокефалност е платена со пари. Тоа, познато е, многу го налутило и вселенскиот патријарх, кој на средба со патријархот Кирил и Иларион Алфееев од РПЦ им кажал дека таквите обвинувања многу го навредиле. Поради сето тоа, целта на разговорот со Заев беше да се навлече и тој да каже дека е подготвен да му плати на вселенскиот патријарх за автокефалност на МПЦ. Со тоа ќе се покаже дека Вартоломеј е подложен на корупција, дека нема никаков углед како вселенски патријарх, како и дека ВП не може да ја има таа позиција што ја има сега и дека треба да се создаде нов православен центар. Не знам каква ќе биде реакција на ова на вселенскиот патријарх, но се плашам дека нема да биде „како ништо да не се случило“ – објаснува Ѓорѓевски.

Според него, сево ова е чиста намера и планирана умисла за дискредитација и на МПЦ и на Вселенската патријаршија.

МПЦ е на страната на традицијата и каноните

Бидејќи Македонската православна црква стриктно ги почитува каноните и традицијата, аналитичарите велат дека во оваа битка засега МПЦ јасно го избра патот преку Вселенската патријаршија да го бара признавањето на својата автокефалност. Ако дојде до тоа, според верските аналитичари, сосема е јасно дека МПЦ-ОА ќе ја избере, условно кажано, страната што ја застапува Вселенската патријаршија.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *