Почетна Анализа Каталонија и нејзините џихадисти
Каталонија и нејзините џихадисти

Каталонија и нејзините џихадисти

306
0

Ден по атентатот, шпанските весници објавија бројки, кои статистички го објаснуваат степенот на опасност – Барселона, заедно со Мадрид и двете шпански ексклави на африканска територија, Цеута и Мелиља, спаѓа во градовите во кои се активни посебно голем број џихадисти. Во овие градови живее околу една третина од вкупното муслиманско население на Шпанија. Помеѓу 2012. и 2016. година, во земјата биле уапсени вкупно 178 џихадисти, четири петтини се од овие четири градови.

Бројноста на муслиманите во Каталонија не е случајна. Каталонската економија бележи процут, а тоа налага итна потреба од евтина работна сила. Каталонската влада, по неуспешните регрутирачки обиди во Полска, во 2003. година отвори биро во Казабланка, каде можеа да се пријавуваат заинтересирани работници. Последица беше зачестеното доаѓање на Мароканци во Каталонија. Во 2015. година таму живееја половина милион муслимани, околу седум проценти од вкупното население.

ПОТОМЦИ НА ДОСЕЛЕНИЦИТЕ

До 2013. година, пишуваат експертите кои го проучуваат теторизмот, Фернандо Реинарес и Карола Гарсиа-Калво, мнозинството од осомничените за џихадизам- 90 проценти, биле странци, мигранти родени во Мароко, Пакистан и Алжир. Од 2013. година наваму, велат двајцата стручњаци, ситуацијата коренито се променила.

Од  пред една година околу половината од уапсените се родени во земјата и се шпански државјани. Најголем број апсења имало во двете ексклави, Цеута и Мелиља. 2013 година маркира пресврт од повеќе аспекти. Од еднастрана, војната во Сирија се брутализираше, што предизвика револт и радикализација кај дел од младите муслимани. Од другастрана, во ова време израсна втората генерација на муслиманските доселеници. Миграцијата на муслимански доселеници кон Шпанија се случи релативно доцна, имено, дури во 1990-те години. Отприлика од 2013. година, потомците на доселениците станаа возрасни луѓе.

МИТОВИТЕ НА ЕЛ-АНДАЛУЗ

Каталонската автономна влада се фали со мултикултурната атмосфера на Барселона, пишува новинарот Инасио Кембреро во својата книга „Шпанскиот Алах“. Но, фактички, каталонската влада многу малку се грижи околу интеграцијата на муслиманските доселеници. Барселона е единствената европска метропола без поголема џамија. Барањата за градење помали џамии во градот, редовно се одбивани. Наместо тоа, градските власти даваат дозволи за градење муслимански верски објекти во помалку атрактивните индустриски зони. Владата избегнува и воведување муслиманска верска настава.

Една од причините е и натамошната егзистенција на митот Ел-Андалуз, од пред речиси 800 години, и тоа на двете страни (Ел-Андалуз, наречена и муслиманска Шпанија или Исламска Иберија е арапски назив за деловите од Пиринејскиот Полуостров кои биле под власта на муслиманите односно под Маврите во периодот од 711 до 1492 година, н.з). Тоа ги објаснува и досегашните одбивања на понудите за изградба на поголеми џамии, кои стигнуваат од богатите заливски држави. „Шпанија, вклучително и Каталонија, е посебно атрактивна во очите на Арапите“, пишува Кембреро. „За нив не е сеедно дали своите петродолари ќе ги вложат во џамија во Берлин, или во Барселона, која од 801. година била дел од Ел-Андалуз.“

ДВОЕН ИДЕНТИТЕТ – ДВОЕН КОНФЛИКТ

Тоа што многумина припадници на втората, а уште повеќе од третата генерација на муслимански доселеници, имаат проблеми со растргнатоста меѓу земјата на потекло на своите родители и новата татковина, меѓу религиозноста во рамките на семејството и претежно секуларното опкружување, уште повеќе го комплицира конфликтот во Каталонија. Каталонија носи печат на ривалитетот меѓу Шпанците и Каталонците. Овој двоен идентитет дополнително ја комплицира интеграцијата на доселениците.

„Во Каталонија не се случува само посебна концентрација на салафистички движења, туку се забележува и посебен расцеп на општеството, условен од идентитетските прашања“, пишува Фернандо Реинарес. Овој двоен идентитет уште повеќе им ја отежнува интеграцијата на мигрантите, тие често не знаат дали треба да се чувствуваат како Шпанци или како Каталонци.

Не случајно, констатира Реинарес, во двата региона се вршат натпросечно зачестено обиди за врбување на џихадисти. Џихадизмот на младите мигранти им ветува јасно дефиниран идентитет, кој инаку не можат да го најдат во комплицираната реалност на Каталонија и Шпанија.

/DW.COM

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *