Почетна Анализа Канонското право на Вартоломеј за апелација е формула за решавање на нашето црковно прашање
Канонското право на Вартоломеј за апелација е формула за решавање на нашето црковно прашање

Канонското право на Вартоломеј за апелација е формула за решавање на нашето црковно прашање

273
0

Што всушност значи писмото на претседателот Пендаровски до вселенскиот патријарх во процесот за решавање на црковниот спор

Писмото на претседателот Стево Пендаровски, со кое бара вселенскиот патријарх Вартоломеј да го реши црковниот спор во Македонија, открива и некои досега нови елементи на патот по кој тој процес треба да се одвива. Пендаровски во писмото го потсетува Вартоломеј дека токму неговото канонско право за апелација е формула за решавање на ова црковно прашање.

А што е всушност апелациското право на Вселенската патријаршија?

Теолозите велат дека тоа е право што произлегува од нејзините ингеренции за решавања внатрешни црковни прашања, кои многу години стојат отворени и кои не можат да ги решат самите цркви или епископи.
Теолозите од богословскиот Факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје посочуваат дека тоа право на Вселенската патријаршија произлегува од древните канони на Православната црква, особено важноста на каноните девет и 17 од Четвртиот вселенски собор.
– Во тие канони лежи фактот дека во цариградскиот патријарх се препознава крајната власт во несогласувањата меѓу епископите и митрополитите. И двата канона се однесуваат на спорови и последователни апели до поголем авторитет – велат теолозите од Богословскиот факултет.

Тие ги посочуваат и суштинските делови од овие канони.
– Делот од канонот девет, кој му го дава тоа право на вселенскиот патријарх гласи: „Ако некој клирик има постапка против свој или друг епископ, таа треба да се изврши на локалниот синод. Ако епископ или клирик има спор со митрополитот од истата провинција, тој треба да се изнесе пред егзархот на епархијата или на престолот на царскиот главен град, Константинопол и да му се суди пред него“. Во канонот 17 клучниот дел е следниот: „Ако некому му згреши сопствениот митрополит, тој треба да биде суден, како што беше кажано претходно, од егзархот на епархијата или од престолот на Цариград“ – објаснуваат теолозите на МПЦ и професорите по канонско право.
Тие велат дека со ова право на вселенскиот патријарх досега се занимавале многу познати светски теолози како што е познатиот теолог Маендорф, кој во својата книга „Современи проблеми на православното канонско право“, за ова напишал дека „Вистинските права на цариградскиот патријарх се нормална последица и израз на тоа што е ’прв‘ меѓу православните епископи: претседателство на сеправославните средби и одредена одговорност (иако не монопол) за иницирање заедничко дејствување. Покрај тоа, каноните девет и 17 од Четвртиот вселенски собор во Халкидон му даваат право да прима жалби против пресудата на локалните синоди “.

Македонската православна црква-ОА ги има сите легитимни права да го поднесе тоа апелациско барање

Според сите теолошки толкувања, Македонската православна црква-ОА ги има сите легитимни права да го поднесе тоа апелациско барање до вселенскиот патријарх, што и го стори со писмо во 2018 година, а подоцна тоа барање вселенскиот патријарх го стави во процедура.
Правото на МПЦ да ја бара таа апелациска постапка произлегува од фактот што повеќе од 70 години нејзините епископи не можат да се договорат со епископите на СПЦ, односно Српската црква и српските епископи не успеваат да најдат решение за деценискиот проблем со канонскиот статус на МПЦ.
– Од таа реална состојба произлегува дека Вселенската патријаршија во овој случај има можност, но и одговорност да го примени ова апелациско право за решавање на проблемите, особено јурисдикцијата што СПЦ ја има врз епархиите во Македонија и е дадена од самата Вселенска патријаршија во 1920 година, кога ѝ ги отстапила на Обединетата Црква на Кралска Југославија епархиите во денешна Македонија.

Вселенската патријаршија го направила тоа поради потребата за подобро управување на црковниот живот, во согласност со новите политички реалности и политички граници на Балканот. Но тоа право СПЦ да управува со овие епархии, повеќе од 70 години суштински го нема и речиси толку години стои отворено ова прашања, што ѝ дава легитимитет на Вселенската патријаршија, како мајка црква, да го реши – велат теолозите.
Претседателот Стево Пендаровски на 16 септември годинава испрати писмо до вселенскиот патријарх, за да ја реафирмира идејата и да поттикне придвижување на процесот за добивање томос за автокефалност на МПЦ, што, според него, е особено важно во ситуацијата на светската пандемија.

– Како претседател на мојата земја, сакам лично да ве информирам дека како држава, изминативе три години, решивме да го искористиме времето во наша полза и да ги оставиме зад нас историските несогласувања. Ви се обраќам во името на голем дел од моите сограѓани што се идентификуваат како православни христијани и чија единствена желба и потреба е да се смират со своите ближни и да се упатат кон заедничката иднина, кон соживотот и кон вистинската слобода. Во оваа насока би сакал да упатам барање до Вашата Сесветост да го уважи повикот на нашиот благочестив народ и на нашата црква да го употребите своето апелациско право, со што нашите граѓани од православна христијанска вероисповед, конечно, ќе ја добијат можноста да бидат еднакви со сите други православни христијани во светот. Ви посакувам здравје среде големата неизвесност со здравствената криза што го зафати целиот свет – напишал Пендаровски во писмото.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *