Почетна Политичка теологија Какво е влијанието на религијата во македонското општество
Какво е влијанието на религијата во македонското општество

Какво е влијанието на религијата во македонското општество

708
0

Интернет и медиумите се главниот извор за религиско информирање на верниците во Македонија. Истовремено, македонските граѓани за себе велат дека се религиски информирани. Ова го покажува најновото национално истражување што го спровеле Институтот за политички истражувања Скопје, интернет-порталот Религија.мк и фондацијата „Конрад Аденауер“, како дел од проектот „Македонија како мултиконфесионално општество“, со кој се анализира перцепцијата на граѓаните за прашања поврзани со влијанието на религијата во македонското општество.

Анкетата била спроведена кон средината на октомври годинава, а во неа биле вклучени 1.137 испитаници над 18 години.

На прашањето од каде најчесто се информираат за религија, 26,9 отсто од испитаниците одговориле од медиумите, 21,5 отсто од Интернет, а само 8,1 отсто одговориле дека за религија се информираат од своите верски водачи. Верските книги, пак, како извор за религиско образование ги користат 21,7 отсто од испитаниците. Иако најголем процент, или 48,4 отсто од верниците во Македонија за религија се информираат од медиумите и Интернет, тие за себе велат дека се доволно религиозно информирани.

На прашањето дали за себе сметаат дека се религиски образовани, позитивен одговор дале 64,7 отсто. Интересен е и податокот дека граѓаните во Македонија се заинтересирани за религиски теми. Високи 65,2 отсто од анкетираните изјавиле дека ги интересира, или до некаде ги интересира религијата, но кога ќе се направи анализа за тоа што најмногу ги интересира од религија, се добива уште еден интересен податок. Освен 60 отсто од анкетираните што изјавиле дека религијата ги интересира низ верскиот поглед, 21 отсто за религија се интересираат низ филозофски и научен аспект, а 7 отсто од политички аспект.

Граѓаните одобруваат веронаука во училиштата

Ова е прво истражување во Македонија во кое се добива и попрецизна слика за темата на верското образование во училиштата, што во Македонија е актуелна тема од независноста досега. Истражувањето открива дека високи 69 отсто од македонските граѓани поддржуваат во образовниот систем да има предмети во кои се изучува религијата, а само 22 отсто сметаат дека образованието не е место за изучување на религијата. Сепак, најголем процент, или 56,1отсто од испитаниците, сметаат дека предметот кој треба да се изучува во образовниот процес треба да биде факултативен, а само 28,6 отсто анкетирани сметаат дека тој треба да биде задолжителен. Ова истражување открива и уште еден податок кога станува збор за верската поука, а тоа е пристапот по кој би требало да се изучува религијата во училиштата. Иако за оваа дилема сѐ уште има поделеност во јавноста, сепак 36,9 отсто од граѓаните сметаат дека класичната веронаука треба да биде предметот што треба да го изучуваат децата, додека 19 отсто сметаат дека тоа треба да биде Етика на религиите, 17,3 отсто Историја на религиите, а 13,6 отсто дека предметот треба да се однесува на запознавањето на религиите. Многу појасна е сликата за возраста од која треба да се изучува религиското образование. Речиси 70 отсто сметаат дека овој предмет треба да се изучува во основното образование, од кои 29,6 отсто сметаат дека најсоодветна возраст е од петто одделение. Само 18,3 отсто, пак, сметаат дека изучувањето на верското образование треба да биде во средните училишта.

Подигање на воспитната компонента

Иако досега во јавноста владееше дилема дали религиското образование во образовниот систем може да биде корисно или, пак, контрапродуктивно, ова истражување покажува дека над 70 отсто од граѓаните сметаат дека изучувањето на религијата во училиштата ќе има интегрирачки елемент, наспроти 12-те проценти што сметаат дека тоа би имало дезинтегрирачка функција. Повеќе од половината, или 57,3 отсто од испитаниците сметаат дека религиското образование може да ја промени или надгради воспитната компонента кај децата, а со оваа констатација до некаде се согласуваат и уште 23 отсто од граѓаните.

Со ова, истражувањето покажува дека верското образование во училиштата треба да ја има функцијата на еден морален коректив и главниот фокус да биде насочен кон јакнење на моралните вредности кај децата и етичките начела што би требало да ги водат низ животот.
Исто така, со религиско образование децата би се стекнале со една поголема отвореност кон почитувањето на различностите и градењето толеранција кон другите религии.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *