Почетна Анализа Каква е шансата за автокефалност на МПЦ-ОА во новото православно престројување
Каква е шансата за автокефалност на МПЦ-ОА во новото православно престројување

Каква е шансата за автокефалност на МПЦ-ОА во новото православно престројување

164
0

Дали македонската автокефалност досега беше жртва на антагонизмите меѓу двете најголеми православни цркви, како што се Вселенската патријаршија, прва по престол, и најмногубројната Руска православна црква? Дали институтот на групното едногласно одлучување (консензус), наспроти надгласувањето или мајоризацијата на оние што одлучуваат за статусот на Македонија (во меѓународноправни рамки), а во истиот контекст и меѓуцрковни канонски рамки е судбинско прашање, кое со децении ги уназадува нашата држава и нација? Може ли во новото престројување во православниот свет Македонската православна црква – Охридска архиепископија да ја добие шансата за својата автокефалност? Што следува сега кога Руската православна црква одлучи да ја прекине комуникацијата со Вселенската патријаршија? Како ќе се позиционираат другите помесни православни цркви и дали на повидок е вториот најголем раскол во христијанството, по оној од 1054 година, кога црквата се подели на Западна католичка и Православна источна црква?

Ова се дел од дилемите за кои јавноста очекува одговор, откако Руската православна црква возврати со целосен прекин во сослужувањето со Вселенската патријаршија, која на 11 октомври оваа година ја возобнови автокефалноста на Украинската православна црква.

Во Македонската православна црква-Охридска архиепископија владее оптимизам дека токму таа, по Украинската црква, би била следната црква што треба да ја добие својата автокефалност.

Дека одлуката на Вселенската патријаршија за признавање на автокефалноста во Украина може да предизвика признавање нови цркви се согласни и верските аналитичари од регионот. Со оваа одлука најзасегната е Српската православна црква, бидејќи на Балканот има две потенцијални цркви што бараат своја самостојност. Едната е токму МПЦ-ОА, а другата е Црногорската црква.

Оптимизам во МПЦ

Преспанско-пелагонискиот владика г. Петар вели дека засега постојат неофицијални комуникации со Вселенската патријаршија, но многу скоро може да се очекува и почеток на официјалната комуникација за решавање на македонското црковно прашање.

– Ние како црква секогаш сме добронамерни и никогаш не сме постапиле спротивно на божјите канони. Трпеливи сме, човекољубиви и правиме сѐ во согласност со каноните, без да се приклонуваме кон која било црква што сака на поинаков начин да се стекне со автокефалноста. Ние го очекуваме тоа во согласност со светите канони и да дојде од таму од каде што доаѓало и досега, а тоа е Цариградската патријаршија – изјави владиката Петар.

Владиката Тимотеј, наедно и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, вели дека во оваа ситуација неблагодарно е да се биде прогнозер на идните случувања во православието и како тоа ќе се одрази врз МПЦ.

– Засега немаме писмен показател од Вселенската патријаршија за почнување на процесот за признавање на нашата автокефалност. Но наскоро очекуваме да се случи и тоа. Големи сили се во игра, нивните интереси зависат од тоа да се смири состојбата – додава г. Тимотеј.

Верскиот аналитичар Цане Мојановски, пак, смета дека е човечки да се надеваме дека решавањето на црковното прашање во Украина може позитивно да влијае и на моделот на признавање на македонското и другите отворени црковни прашања.

Очекува позитивен исход од целата ситуација, зашто вселенскиот патријарх по неговата положба и по востановената практика во православието е инстанца што ги известува другите православни цркви дека е признаена автокефалноста на одредената нова црква.

Отворена Пандорината кутија?!

Аналитичарите во Србија, пак, сметаат дека најголема корист од конфликтот меѓу Цариград и Москва можат да имаат МПЦ и Црногорската православна црква, зашто, според нив, со ова ќе се наруши вековниот канонски поредок во православието.

Белградскиот социолог по религија Драшко Ѓеновиќ смета дека признавањето на Украинската православна црква од страна на Вселенската патријаршија ја отворило Пандорината кутија. Тоа, според него, ќе ја ослабне моќта на православните цркви, чие влијание смета дека, секако, е послабо од католичките и протестантските цркви.

– Само Бог знае што ќе се случи со Македонската и Црногорската православна црква.

СПЦ сѐ уште треба да жонглира меѓу Константинопол и Москва, зашто само така ќе има можност да ги реализира своите интереси. Особено, зашто во СПЦ има епископи што, како грчки студенти, повеќе се стремат кон Константинополската патријаршија. Се разбира, влијанието на Русија сè уште е присутно во Србија – истакна Ѓеновиќ.

Досега само една црква зазема страна

Последните случувања на релацијата Руска православна црква и Вселенска патријаршија се топ-тема во светските медиуми. Аналитичарите ова го споредуваат со големиот раскол на Христијанската црква од 1054 година и оценуваат дека во целиот случај големо влијание има политиката. Руската православна црква веќе подолго време се обидува да ја наметне својата моќ поради бројноста во православниот свет, додека, пак, Вселенската патријаршија се обидува да го зачува приматот на прва црква меѓу еднаквите.

Засега единствена црква што се определи на која страна ќе биде е Православната црква на Чешка и Словачка.

Архиепископот на Прешов и на Чешка и Словачка, Ростислав, испратил писмо до рускиот патријарх Кирил, во кое го уверува за непроменливоста на позициите на Чешката и Словачката црква против, како што се наведува, „бруталната интервенција на државните власти во Украина во внатрешните работи на црквата“.

– Секој обид за легализација на украинските расколници мора да биде осуден од помесните православни цркви – пишува меѓу другото Ростислав, архиепископ на Прешов и митрополит на Чешка и Словачка.

Западно влијание во православието

Дали СПЦ целосно ќе се приклони кон блокот на Руската црква, кој најверојатно е на повидок, ќе биде појасно ако Вселенската патријаршија го почне процесот за признавање на Македонската православна црква. Црногорско приморски митрополит Амфилохие го обвинува Западот дека прави раскол за да го уништи православието. Смета дека Американците ги поддржуваат обидите за основање нови цркви зашто посакуваат да ја распаднат Православната црква. Предупредува дека Православната црква е последниот механизам на единство на народите од поранешниот Советски Сојуз и поранешна Југославија.

Што значи прекин на комуникацијата меѓу црквите?

Според теолозите, одлуката за прекин на општење меѓу две цркви се смета за излез од заедницата на сите православни цркви.

– Основната смисла на Православната црква е заедничарењето во едниот путир, односно заедницата на сите во Бога. За да нема сослужување меѓу црквите мора да има некоја канонска или догматска пречка. Во овој случај, признавањето на Украинската црква од страна на Вселенската патријаршија, Руската црква го смета за нарушување на каноните – велат теолозите.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *