Почетна Анализа Како украинскиот конфликт ги менува односите меѓу црквите
Како украинскиот конфликт ги менува односите меѓу црквите

Како украинскиот конфликт ги менува односите меѓу црквите

388
1

Единството на Украинската Црква во одбраната на нацијата може да се види уште во февруари, уште од првиот ден на инвазијата. Митрополитот Онуфриј, претстојател на УПЦ – МП даде помалку изненадувачка изјава: Бранејќи ја сувереноста и интегритетот на Украина, апелираме до претседателот на Русија и го молиме веднаш да престане со братоубиствената војна. Украинскиот и рускиот народ се родија од крштелниот купел на Дњепар и војната помеѓу овие два народи е повторување на гревот на Каин, кој го уби својот брат од завист. Ваквата војна нема оправдување ни кај луѓето, ни кај Бога.

На 28ми февруари, синодот на истата црква го упати следниот апел до Московскиот Патријарх Кирил: Ваша Сесветост, ве молиме да ги засилите вашите молитви за многустрадалниот украински народ и да го кажете вашето претстојателско слово за прекин на братоубиственото крвопролевање на украинското тло, повикувајќи го раководството на Руската Федерација веднаш да запре со непријателството кое веќе се заканува да прерасне во светска војна. На втори март, клирот на Ивано-франкевската епархија објави дека ќе престане да го спомнува Кирил за време на литургиите. Овој чин значеше дека неговиот авторитет веќе не е признаен. Московската патријаршија плаќа скапа цена за неосудувањето на руската инвазија.

Во изјава од 24ти февруари, првиот ден на нападот, Кирил нагласи дека „тој е патријархот на цела Русија и претстојателот чиешто стадо се наоѓа во Русија, Украина и други земји“ и ги повика сите страни во конфликтот да направат сè што е можно да направат за да се избегнат цивилните жртви.

Тој додаде дека „рускиот и украинскиот народ имаат заедничка, векови долга историја којашто датира уште од крштението на Русите од страна на Рамноапостолен Владимир. Сметам дека ова богодадена поврзаност ќе помогне да се надминат поделбите и несогласувањата што се разбудија и што доведоа до сегашниот конфликт“. Оваа изјава не содржеше никакво осудување на руската агресија, туку напротив изгледаше како да го потврдува убедувањето дека Украина е руска канонска територија.

Ставот на патријарх Кирил е осамен во рамките на Православието. СПЦ, традиционално пријател на Москва, на 28ми февруари изјави дека ќе испрати помош на црквата предводена од митрополит Онуфриј. Овој значаен гест не ги сруши традиционалните мостови на пријателство, но беше сепак очигледен.

Патријархот Даниил од Романија, во меѓувреме не се двоумеше да го дефинира конфликтот во Украина како „војна на Русија против суверена и независна држава“.

Патријархот Илија Грузиски на 24ти февруари напиша: „Врз основа на горчливото искуство на Грузија, знаеме колку е важен територијалниот интегритет на една земја. Затоа, со болка ја следиме тензичната состојба во Украина. Забележавме дека настаните од претходните денови веќе наговестуваат сериозно крвопролевање, иако сè уште постои можност за регулирање на ситуацијата. Ова е исто така, шанса да се сочува светскиот мир“.

И епископите на Финската православна црква остро ја осудија руската инвазија: „Нема оправдување за војната. Украинскиот народ мора да биде поддржан на секаков начин, и финансиски и духовно преку молитва“. Тие исто така, апелираа „до епископите и свештениците на Московската патријаршија, за промовирање на мирот“.

Архиепископ Јероним Атински ја изјави својата запрепастеност, велејќи дека „неговите мисли и молитви се упатени кон нашите украински браќа, особено младите деца и постарите кои го искусуваат ужасот на војната, и секако, кон илјадниците наши соборци во земјата“.

Најголемото изненадување, сепак, дојде од самата Русија: 233 свештеници и ѓакони на РПЦ ја оплакуваа братоубиствената војна и побараа веднаш да запре огнот. Тие го упатија својот апел после неделата на Страшниот суд, а недела пред Прочка, односно две недели пред Големиот Пост. 233те потписници изјавија дека се надеваат за тоа и Русите и Украинците да се вратат неповредени на своите фамилии. Во пресрет на Прочка, тие нагласија дека „небесните двери ќе бидат отворени за секој, па дури и за тие што тешко грешеле“, но „нема алтернатива за обостраното помирување.

Меѓу првите кои го осудија нападот беше и Вартоломеј Константинополски. Доделувајќи автокефалија, Вселенскиот патријарх ја призна Украина како нација со свое право и со документ што беше особено ценет од страна на украинскиот претседател Владимир Зеленски. Во август 2021 година, Патријархот Вартоломеј беше почесен гостин на настаните што означија 30 години од украинската независност.

Зеленски го повика Вартоломеј да му се заблагодари со овие зборови: „Украинците ја чувствуваат духовната поддршка и силата на вашите зборови, се надеваме на најбрз можен мир“. Според сето ова, се чини дека има префрлање на Православниот свет кон Киев, а настрана од Москва. Претходните тензии исчезнаа со чувството на заедничка припадност на еден народ и со идејата за делење на заедничката судбина. Православните Цркви, најпосле, беа сите зад железната завеса: тие претрпеа религиозно гонење, и не сакаа да се вратат на таквото искуство. Се избориле за независност на нивните нации и затоа не можат да прифатат дека таа повторно се става под знак прашалник.

ПЦУ останува активна во позадината. Таа служи според византиски типик и ја признава Патријаршијата на Константинопол како своја Мајка Црква, но иста така поврзана е и со Рим. Таа исто така е и чувар на украинскиот идентитет кој се запази жив дури и во дијаспората. Ова е нешто коешто и претседателот Зеленски добро го знае. Верските заедници, најпосле, навистина имаат големо значење во Украина, токму затоа помислата дека соборниот храм Св. Софија во Киев би можело да стане воена цел, ја обедини христијанската душа во земјата. Во меѓувреме, се чини дека православниот свет, сè повеќе и повеќе, ја изолира Московската патријаршија. Постои ризик дека Православната шизма нема повеќе да се однесува само за доделувањето на автокефалија на некоја помесна црква. Наместо тоа, нови поделби можат да произлезат од некои политички причини. А секој што ќе ги стави политичките цели на прво место, ќе ризикува изолација.

/Андреа Гаљардучи (новинар и религиозен аналитичар при Ватикан)

Коментар(1)

  1. Интересно и тажно е како наведените митрополити кои ја осудуваат Руската операција во Украина , не најдоа можност ( гласно молчеа) во изминатите 8 години, почнувајќи од ритуално-крвавиот евромајдан и одеса во 2014 до денес, да ја повикаат Киевска власт да го запре убивањето на 14 000 украински државјани во Донбас и да го спроведат Минскиот Договор!

Напиши одговор на Миле Ѓорѓевиќ Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *