Почетна Анализа Како се запишани православните цркви во нивните томоси за автокефалност
Како се запишани православните цркви во нивните томоси за автокефалност

Како се запишани православните цркви во нивните томоси за автокефалност

1.45K
0

Именувањето на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) во диптихот на автокефалните цркви, откако вселенскиот патријарх би издал томос за автокефалност е едно од прашањата за кои македонската јавност сѐ уште има дилеми.

Во одлуката на Вселенската патријаршија пишува дека „како име на оваа црква го признава Охридска (имајќи го на ум, како област на нејзината јурисдикција, владението во границите на државата Северна Македонија), како што нејзиниот претстојател писмено ѝ вети на Вселенската патријаршија, која не го употребува терминот македонска или друга изведенка од зборот Македонија“.

Како ќе биде запишана МПЦ-ОА, дали го загуби правото на придавката македонска? Кои се канонските правила за издавање томоси?

Со оглед на тоа дека уставното име на Македонија е Република Северна Македонија, граѓаните го поставуваат прашањето дали тоа значи дека и нашата црква би се преименувала како православна црква на РСМ?! Според експертите, тоа е исклучено, и од формалноправен аспект и како обврска. Тоа е бесмислено и таквото нешто не овозможува никаков правен континуитет со Охридската архиепископија.
Имињата како Македонска, Руска, Српска се народни имиња на црквите и тие се дел од колективната меморија на народите. Според нив, така ќе биде и со МПЦ.

Два избора на именување на црквата

Во историјата на Православната црква, Вселенската патријаршија е таа што ги издава томосите за автокефалност и само тој документ е валиден.

Сите автокефални цркви што се заведени во диптихот и чии поглавари се споменуваат во литургиите како израз на единство на Православната црква носат имиња по древните седишта на црквите или по името на државата во која имаат јурисдикција.

Иако во јавноста црквите се познати како Српска, Руска, Бугарска, Албанска, Грчка, сепак тоа се народни имиња, а во официјалната документација се именуваат сосема поинаку. Најчесто по името на државата или по древните имиња, како што се Ерусалимска, Антиохиска, Александриска, центрите Ерусалим, Антиохија, Александрија. Тоа се и трите најстари цркви што се водат како древни патријаршии.

Сите понови признаени за автокефални цркви се именувани по името на државата, но не со националната придавка. На пример, Албанската црква е Православна црква на Албанија.

Кои се вистинските имиња на православните цркви?

Според истражувањата во контекст на автокефалниот статус на помесните православни цркви, поконкретно нивните официјални титули, на кои е издаден официјален томос, ги наведуваме следниве сознанија:
– Руска православна црква: Томосот е издаден на име Московска патријаршија, од страна на Вселенската патријаршија, во 1589 година, кога бил поставен првиот московски патријарх, Јов.

Името Руска Православна Црква почнало да се користи дури во 1943 година.

Интересно е тоа што во еден период Вселенската патријаршија ги издигнала православните катедри на степен на автокефална архиепископија и сите го носеле името на градот: во Атина – Атинска архиепископија во Кралството Грција, архиепископијата во Белград за црквата во Кралството Србија, во Цетиње за црквата во Црна Гора, во Букурешт за црквата во Романија, во Софија за црквата во Бугарија, а во Русија архијерејскиот престол во Москва е издигнат на степен патријаршија.

– Српска православна црква: Својот томос го добила во 1922 година, од страна на Мелетиј IV, во малку нерегуларни околности, а бил издаден на име Автокефална обединета Православна црква на Кралството СХС, во чиј состав влегле претходно канонски независните митрополии: Црногорската, Српската, Карловачката и двете далматински епархии. Со тој документ истовремено црквата во Кралството СХС е издигната на степен на патријаршија.

– Романска православна црква: Со решението на Свештениот синод од 1925 година, Романската православна црква била издигната на степен патријаршија. Таа одлука била признаена за канонска од страна на константинополскиот патријарх, во 1925 година, со томос што важи на име: Православна црква во Романија. (Забелешка: Како што се гледа, црквата нема национален предзнак, туку само се назначува земјата каде што се простира нејзината јурисдикција. Значи, не стои Романска православна црква, туку Православна црква во Романија. Истото тоа важи и за другите.)

– Грчка православна црква: Првиот документ со кој се уреди автокефалниот статус на Грчката црква е томосот од 1850 година. Сепак, со ослободувањето на Северна Грција во 20 век, вселенскиот патријарх прогласи патријаршиски синодален акт, со кој беше основана нова црковна структура, наречена Црква на Грција, во кој влегоа и митрополиите на Северна Грција. Така што, томосот гласи на име: Православна црква на Грција.

– Бугарска православна црква: На 22 февруари 1945 година, од страна на константинополскиот патријарх Венјамин, доделен ѝ е томос на Бугарската православна црква, кој гласи на име: Света православна автокефална црква во Бугарија.

– Грузиска православна црква: Со томосот на Вселенската патријаршија од 1990 година е прогласен автокефалниот статус на Грузиската црква, која важи како: Света православна црква на цела Грузија.

– Албанска православна црква: Томосот за автокефалноста на Албанската православна црква е издаден во 1937 година, од страна на Вселенската патријаршија, и гласи како Автокефална православна црква во Албанија.

– Чехословачка православна црква: На 8 октомври 1951 година, од страна на светејшиот патријарх Алексеј и Свештениот синод на РПЦ, е потпишан акт за давање автокефалност на Чешката православна црква. Истата година патријархот упатил послание до сите претстојатели на автокефалните православни цркви, соопштувајќи го новиот статус на црквата. Дури во 1998 година, константинополскиот патријарх Вартоломеј издал патријаршиски и синодален томос за автокефалија на име: Света православна црква на чешките земји и Словачка.

– Полска православна црква: Во 1925 година бил издаден томос и за автокефалната православна црква во Полска, кој на 17 септември истата година бил однесен во Варшава од страна на претставниците на Константинополската црква и Романската и свечено прочитан во соборниот храм „Света Марија Магдалена“. Автокефалијата на Православната црква во Полска во тоа време ја признале сите помесни православни цркви, исклучок била само Руската православна црква. Полна автокефалија Православната црква во Полска стекнала дури по Втората светска војна, кога била признаена со одлука на Синодот на Руската православна црква од 1948 година. Под покровителство на Православната црква во Полска влегува и Португалската православна црква.

Што се однесува до нашата помесна православна црква – МПЦ-ОА, особено е важно да се напомене дека нејзиното историски и еклисиолошки исправно име е Охридска архиепископија. Името Македонска православна црква е настанато по аналогија на другите помесни православни цркви и не претставува суштествено еклисиолошко име, бидејќи никогаш во историјата не се среќавала црква со тоа име, како што не се среќавале ни Руска, Грчка, Бугарска, Српска, Романска…

Во моментот, МПЦ-ОА води борба за признавање на нејзината автокефалност и влегување во семејството на другите признаени автокефални цркви. Она што го побара Светот синод на МПЦ-ОА од Вселенската патријаршија е признавање на нејзиниот автокефален статус, а не и промена на името, за кое воопшто не станува збор.

Според она како се признаени другите помесни цркви, беспредметно е да се зборува за името на нашата црква, кога таа веќе е возобновена со своето славно и древно еклисиолошко име – Охридска архиепископија.

Допрва следува процесот на преговори, во кои, се надеваме, конечно ќе биде решен статусот на возобновената Охридска архиепископија.

/Нова Македонија

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *