Почетна Uncategorized Како правилно да бдееме – и над себе
Како правилно да бдееме – и над себе

Како правилно да бдееме – и над себе

413
1

Пред почетокот на секое бдение, добро е да се потсетиме на две духовни правила што треба да ги оствариме за време на бдението, како и општо во нашиот живот, за да не ни излезе повеќечасовното стоење во црква напразно, а и нашиот духовен живот.

Прво, на бдението дојдовме да им дадеме на Бог и на блиските тоа што можеме – пред сѐ, молитвено, а не да бараме да добиеме тоа што ние мислиме дека е нужно за задоволување на нашите потреби. Потребите за нашето спасение најдобро ги знае само Бог и тие сигурно ќе бидат задоволени: видливо – преку послушание кон духовниот отец, и невидливо – преку Божјата несоздадена благодат. Сето тоа Бог го промислува и раководи, и тоа не е наша грижа – ние за тоа не се молиме. Наше е да ја откриеме убавината на духовниот православен живот,  односно  да одбиеме да бидеме робови на своите барања, а да станеме слободни деца Божји на давањето.

Меѓу другото, на бдението, во своите молитви посебно ги спомнуваме оние што во овие претпразнични или празнични денови се болни, оние што се во затвори, оние што се сиромашни и сите оние што на некој начин страдаат. Кога ќе можеме, не смееме да ја пропуштиме можноста и конкретно да им помогнеме. Без конкретно милосрдие кон страдалниците не само што напразно одиме на црква, туку не можеме ни христијани да се наречеме. Да го запаметиме ова добро – нема конкретно милосрдие, нема христијанство!

Второ, да внимаваме сите да не ни се поткрадне некоја демонска мисла од типот: еве, ние сега овде се подвизуваме, се воздржуваме и се молиме, а таму некои неверници, на пример, дочекуваат и слават некаква измислена Нова Година со многу надворешни ефекти и надразби, а со празни души, или, на пример, незаинтересирано спијат. Вистина ви велам, тоа е една од полошите помисли со коишто можеме да застанеме пред Лицето Божјо. Да го запаметиме добро и ова – нема конкретно смирение, нема христијанство!

И другпат сум ви рекол: без оглед на тоа на која функција се наоѓаме, кои таланти ги поседуваме, какви добри дела сме направиле и која Божја промисла треба да исполниме, ние сме должни секогаш во срцето и умот да го чуваме последното место, односно не смееме да помислиме дека сме подобри и повредни од кој било човек. Кога суштински би прифатиле таква помисла, тоа би било крај – едно бесплодно падни-стани на првиот степен од духовниот развој или една религиозна невротичност, а и полошо (зависи каде сме), до крајот на животот.

Како на самото бдение и во православниот духовен живот – воопшто, ќе знаеме дека ги остваруваме овие две духовни правила? По плачот и солзите. Нема ли барем внатрешен плач и солзи поради нашата отпаднатост од Бог – нема христијанство! Ако не ми верувате мене, читајте го свети Симеон Нов Богослов, кој вели дека без солзи не смееме ни на Света Причест да пристапуваме.

naumМожеби од разни причини не можеме да имаме солзи токму за време на Светата Причест, но внатрешниот плач не смее да изостане од нашата душа во тој момент. Можеби и во текот на целото бдение нема да ни капне ни солза, но не смееме да го прекинеме внатрешниот аскетски подвиг на принудување на плач. Ова е повеќе теоретски, оти кој го негува овој внатрешен подвиг секако ќе го добие дарот и на надворешните солзи. Има и лажни солзи – на барањето и гордоста.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, дарувај ни солзи на покајание и помилуј нѐ!

Пишува:Митрополит Струмички Наум

Коментар(1)

  1. Му благодарам на Бога затоа што ми даде ваков учител.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *