Почетна Политичка теологија Како Македонецот на Светиот Павле стана човек од Македонија?
Како Македонецот на Светиот Павле стана човек од Македонија?

Како Македонецот на Светиот Павле стана човек од Македонија?

1.70K
2

Библијата, Светото писмо, не учи за постанокот на светот, за нашиот еден Господ кој не создал. Новите научни сознанија од областа на квантната физика велат дека го потврдиле постоењето на Господ, иако тој податок за вистинските верници и не значи којзнае што.

Библијата е за многу и најфасцинатната книга преведена на 2.000 јазици и дијалекти, но за чудо не постои една и единствена Библија, туку има стотици и стотици кои се разликуваат, ако ништо друго, барем во нијанси. Со вековите Ватикан се задржал на првиот превод на латински јазик – Вулгата, кои со извесни дополнувања и измени и денес е под перницата на папата. И токму папата Франциско пред неколку дена ќе рече – секогаш отвoрете ја Библијата за да се консултирате.

Библијата е потврда за важноста на Македонија, но и постоењето на Македонците како народ и тоа клучен кога се зборува за еднобожјето и за раното христијанство. Но, токму тука се прекршиле многу копја, па во стотици преводи на Библијата, Македонија не исчезнала, туку се погрчува, а таму каде што можело се бришени Македонците. Највидлив пример е со мисијата на Павле (еврејското име му е Шаул), кој во своите 14 писма точно и многу прецизно зборува не само за Македонија туку и за Македонците, но во библиите, како, на пример, Kралот Џејмс, односно Kинг Џејмс, Македонецот станува „некој од Македонија“. Не е исто, ќе се согласиме. Во Новиот завет на Kинг Џејмс библијата Македонија се споменува 26 пати, а професор Ратомир Грозданоски вели дека во Библијата Македонија е спомната 30 пати.

„Во Светото писмо на Новиот завет Македонија и Македонците се спомнати 27 пати во 24 стиха. Македонија 21 пат, Македонец/ци/те 5 пати, македонски еднаш. Низ 7 книги во Библијата – во Новиот завет, од вкупно 27-те книги, запишани од апостол Павле 16 пати во 6 книги и од апостолот Лука 11 пати во 1 книга.

По Израел и Евреите, најмногу споменувани во Библијата се Македонија и Македонците, истакнува Грозданоски.

За да се разбере од која страна дуваат антимакедонски ветришта и во Библијата, значи, некој да се дрзне и да го менува Светото писмо, треба да посочиме еден многу важен момент во историјата, кој ќе ни фрли светлина и врз мисијата на апостолот Павле.

НЕ Е ЛЕГЕНДА, ТУКУ ИСТОРИСКИ ФАКТ

Александар Трети Македонски, син на Филип, во 4 век пр. н.е., како и другите Македонци, бил паган и тој не можел да има директна врска со апостолот Павле, кој живее и чија мисија ја остварува во 1 век од новата ера. Меѓутоа, по освојувањето на Персија, Александар во 331 година (оваа година според последните истражувања се зема како најточна) го издава својот едикт со кој им дозволил на Евреите слободно да ја шират својата еднобожна религија насекаде каде што живеат во Македонската Империја. Со тоа токму Александар иницирал или овозможил да се шири еднобоштвото и во нееврејски култури. Токму поради слободата што им ја дал, Евреите во денешните книги имаат запишано: „Ако воопшто може да се зборува за некакви светци, тогаш Александар Македонски е Светецот над светците за нас Евреите“.

И уште една важен историски момент, кој подоцна ќе стане исто така предмет на фалшливи интерпретации, да не речеме грубо фалсификување. По освојувањето на градот Тир, македонската војска морала да помине низ Израел. Пред да стигнат во Јудеја и Ерусалим, Александар и неговата војска биле пречекани на Мегидонското Поле од процесија од високи еврејски свештеници кои со нив го носеле и Kовчегот на заветот. Евреите Kовчегот го ваделе од Табернакулот во крајно исклучителни случаи кога бил во прашање нивниот опстанок, но овој пат тоа било за да му дадат највисока чест на македонскиот крал. Меѓутоа, наместо тие да му одадат чест, Александар на Мегидонското Поле се симнал од коњот, клекнал и се поклонил пред свештениците и пред Kовчегот на заветот. На тоа неговите 4 маршали реагирале: „Зарем Ти што ја победи и уништи огромната персиска армија и што го освои неосвоивиот Тир, со што се нареди меѓу боговите, се поклонуваш пред овие безвредни свештеници?“ На тоа Александар им одговорил: „Јас не се поклонувам пред овие безвредни свештеници, туку пред нивниот единствен Бог што тие го имаат“!

Ако ова се знае, тогаш многу полесно ќе ни биде да ја следиме и мисијата на апостолот Павле. Во Делата на светите апостоли на апостолот Лука во 16:9 се вели: Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: „Премини во Македонија и помогни ни“!

Во Kинг Џејмс библијата или во Њу американ бајбл стои: Ноќта Павле имаше визија (видение); стоеше пред него човек од Македонија“… Разликата воопшто не е наивна. Во првиот случај станува збор за човек кој се идентификува како Македонец, а не како Евреин, Елин или нешто друго. Во вториот случај станува збор за „човек од Македонија“, кој може да биде и Елин, односно Грк. Интересно, зборот Македонец се среќава во сите библии на источните народи, пред се, православните, но тој збор, тој превод го има и кај Хрватите. Значи, според овие библии на Павле му се јавува Македонец. Наспроти тоа, во библиите од западниот свет, пред се тие на англиски јазик, Македонецот станува „човек од Македонија“.

Единствено во Делата на светите апостоли на евангелистот Лука (27:2) Македонецот е Македонец и во источните и во западните библии: „Се качивме на една адрамитска лаѓа и се оттиснавме сакајќи да пловиме покрај азиските места. Со нас беше Аристарх, Македонец од Солун“.

Интересно е што овде станува збор за Аристарх, кој е Солун.

Во својот напис „Библијата сведочи за Македонија и Македонците“ во книгата „Име и светлина“ на „Македонски манифест“, Грозданоски поставува едно круцијално прашање – дали Павле имал видение или сон во кој Македонецот го моли да дојде? „Прво, многумина, сакајќи или не – знаејќи или не, грешат кога го изменуваат библискиот текст и недопустливо додаваат дека апостолот Павле имал „видение“ во сон. Во ниту еден библиски текст – од најстарите до најновите, буквално во ниту една библија не стои изразот „сон“. Тогаш, од каде тоа, не знам“!, пишува Грозданоски.

Јован Манев, кој повеќе од 40 години ја проучува Библијата и е автор на три книги од таа област, исто така смета дека зборот „видение“ е вметнат за да се „скрие трагата“ на вистината, што би се рекло. Имено, вели Манев, Павле точно знаел каде оди зашто тој како Евреин бил запознаен со едиктот на Александар и за врските меѓу Евреите и Македонците. „Доказ за тоа е што цело време со него биле Македонци, кои го чувале. Затоа Павле ја избира Македонија како клучна за својата мисија, тој бил слободен, почитуван, немал проблеми. Инаку, нека се запрашаат сите – па зошто не отишол првин во Атина“?, наведува Манев.

Во писмата Павле сосема јасно опишува дека Македонците биле пример за сите рани црковни заедници кои полека се создавале. И токму тие тврдења на Павле, смета Манев, се една од причините императорот Kонстантин да одреди кои записи ќе влезат во Новиот завет.

ГРЦИЈА НЕ ПОСТОИ, А ЈА ИМА

Груби фалсификати кога се во прашање Македонија и Македонците има и во Стариот завет за што свој осврт своевремено има направено историчарот Александар Донски.

„Општо е прифатено верувањето дека дел од содржината на старозаветната Kнига на пророкот Даниел, во која тој опишува еден свој сон, се однесува на освојувањето на Азија од страна на Александар Велики Македонски. Овде ќе укажеме на еден голем прогрчки библиски фалсификат, на кој, за жал, потпаднаа многу преведувачи на Библијата, вклучително и некои македонски.

Имено, во стихот (8,21) од Kнигата на Даниел, спомнат е цар (крал), за кого библиските познавачи сметаат дека е Александар Велики Македонски. Во македонскиот превод на Библијата (достапен преку интернет) овој цар е наречен „царот на Грција“.

Kонсултиравме и други преводи на Библијата и во повеќето од нив секаде го пишува истото (веројатно според домино-логиката да се прави превод врз основа на некој веќе претходно направен превод, па ако таму пишува „Грција“, тоа се зема здраво за готово и по инерција се внесува во новиот превод).

Во стариот текст, всушност, воопшто не пишува „царот на Грција“, туку (на хебрејски) „царот на Јаван“. Па кој си дозволил името Јаван да го фалсификува и да го замени со „Грција“ и тоа пишувајќи за време кога ваква држава не постоела?

Јаван не е никакво географско име (на пример, некое поранешно име за Грција и сл.), туку тоа претставува лично име! Kонкретно, тоа е име на еден од синовите на Јафет (кој бил син на Ное). Значи, Јаван бил внук од син на Ное. Ова е посочено во Kнигата за Битието (10 поглавје).

Во Табелата на народите, создадена од свети Иполит (прва половина на 3 век), пишува дека Јаван (преку својот син Kитим) бил предок на – Македонците! Дека Јаван бил предок на Македонците (а не на Грците или на Грција) пишува и во големата дванаесеттомна Еврејска енциклопедија (објавена помеѓу 1901 и 1906 година) каде што Јаван сосема јасно е изедначен со (цитат) „Македонија“, истакнува професорот Донски.

ПРВО ПОСЛАНИЕ НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ПАВЛЕ ДО СОЛУЊАНИТЕ

  1. Благодарност на Бога за благословениот прием на Евангелието во Солун.
  2. Од Павла, Силуана и Тимотеја – до солунската црква во Бога Отецот наш и во Господа Исуса Христа!
  3. Секогаш Му благодариме на Бога за сите вас, спомнувајќи ве во молитвите наши
  4. и непрестајно го помниме делто на вашата вера, трудот на вашата љубов и трпеливоста на надежта ваша во нашиот Господ Исус Христос пред Бога и Отецот наш.
  5. Знаеме, возљубени браќа, за вашиот избор од Бога,
  6. зашто нашето Благовестие кон вас беше не само со слово, туку и со сила и со Светиот Дух, и со голема увереност: сами знаете какви бевме за вас помеѓу вас.
  7. И вие се угледавте на нас и на Господа, кога во големи маки со радост го примивте словото од Светиот Дух,
  8. така што станавте образец за сите верници во Македонија и Ахаја.
  9. Оти од вас одекна словото Господово не само во Македонија и Ахаја, туку и во секое место се пронесе славата за верата ваша во Бога, така што нема потреба ние нешто да зборуваме.
  10. Зашто верниците сами разгласуваат за нас, какво беше нашето доаѓање при вас, и како од идолите се обрнавте кон Бога за да Му служите на живиот и вистински Бог,
  11. и да Го очекувате од небесата Неговиот Син, Kого Он Го воскресна од мртвите, Исуса, Kој не избави од идниот гнев.

/ДНЕВНИК, Христо Ивановски

Коментар(2)

  1. „И токму тие тврдења на Павле, смета Манев, се една од причините императорот Kонстантин да одреди кои записи ќе влезат во Новиот завет.“!?

    Ах тој император Константин… ах тие „теории на заговори“… ах тој неопаганизам кој знае да се провлече како змија…

  2. ДАСЕ ИСПРАВИ ГРЕШКАТА ВО НОВИОТ ЗАВЕТ Во стариот текст, всушност, воопшто не пишува „царот на Грција“, туку (на хебрејски) „царот на Јаван“. Па кој си дозволил името Јаван да го фалсификува и да го замени со „Грција“ и тоа пишувајќи за време кога ваква држава не постоела?

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *