Почетна Верски буквар Како и кога почнал пост за Божик?
Како и кога почнал пост за Божик?

Како и кога почнал пост за Божик?

900
0

Вториот повеќедневен пост, чијашто цел е да нѐ подготви за достоен пречек на Христовото Раѓање, е Божикниот пост. Тој ни го претставува Стариот Завет и нѐ потсетува на старозаветните патријарси и праведници, кои во пост и молитва го очекуваа доаѓањето на Спасителот.

Бидејќи Црковниот устав го смета Раѓањето Христово за втора Пасха, и Божик, исто како и Воскресение, има пред себе пост од четириесет дена и се нарекува четириесетница, но „мала четириесетница“. Според должината и значењето на празникот за кој се подготвуваме, Божикниот пост е прв после Воскресенскиот, но според строгоста во однос на храната тој се споредува со апостолскиот пост.

post-bozikИсторијата на овој пост е недоволно јасна, односно сведоштвата дека тој започнал да се практикува уште од древноста се многу ретки. Постои основано мислење дека тој започнал да се практикува уште од V век. Така на пр. според едно сведоштво трите четириесетници се развиле најдоцна до VII век, односно Божикниот пост се практикувал во Антиохија уште во почетокот на VI век и почнувал на 1 декември, а додека, пак во Ерусалим (VI век) тој изнесувал 40 дена. Михаил Скабаланович вели дека првите сведоштва за овој пост ги имаме во Коптскиот календар од VIII  век. Од IX век веќе можеме полесно да ја следиме историјата на постот, а тоа се гледа од каноните на Цариградскиот Патријарх Никифор, од Ипотипосисот и Дијатипосисот од IX век, каде што постојат упатства во однос на храната во четириесетницата, како и од одредбите на Цариградскиот Собор за време на Лука Хрисоверг и царот Манојло Комнен (XII век), кои зборуваат дека постот започнува на 15/27 ноември итн.

Во богослужбените особености на постот спаѓа и спомнувањето на старозаветните пророци, праотци и праведници, особено на пророкот Даниил, кој толку точно го прорече времето на Раѓањето Христово, како и на неговите тројца другари, кои во огнената печка беа праобраз на овој настан.

ОСОБЕНОСТИ НА БОЖИКНИОТ ПОСТ

Типикот пропишува на 6 јануари строг пост, односно постои одредба да се прави таканаречен „сочелник“ (каша од сушени зрна) или коливо. Сето ова има длабоко значење. Имено, коливото се благословува заради спомен на мачениците и светиите, како и во деновите за спомен на упокоените. Во овој случај правењето коливо значи дека пред Раѓањето Христово ние се сеќаваме на Божествениот Младенец, Кој се раѓа за да претрпи страдања и смрт заради искупување на нашите гревови, се раѓа за да умре и Воскресне. Точката во која се сретнуваат овие два спомени, раѓањето и воскресението, е неделата. Затоа, доколку Божик се падне во недела, тогаш на утрената се пеат ирмосите на Велика Сабота: „Волноју морскоју“. Оваа на прв поглед необична мисла, уште во раѓањето и раното детство да се укажува на страдања и распетие, најпрекрасно е изразена во Богородичната иконографија, особено во иконите „Страдална“ и „Умиление“. На првата икона ангелите Му Ги покажуваат оружјата на страдањето на Христос Младенецот, а на другата е Богородица Која Го држи Младенецот Христос, прикажана со натажен изглед заради сеќавањето на смртта на нејзиниот Син. Таа Го привлекува кон себе, а Спасителот како Дете ја чувствува болката и тагата на Неговата Мајка, и ја прегрнува и со љубов ја гледа во очите. Најпосле раѓањето беше заради смртта и воскресението.

Затоа, овој пост е идеална прилика да го направиме првиот чекор. Прегрнувајќи го подвигот на љубовта и молитвата, тоа оружје кое го преобразува нашиот внатрешен човек, да се помириме со Бога и едни со други за да ја привлечеме Божјата благодат во нас. Така ќе располагаме со огромна духовна сила, која ни е многу потребна, доколку сакаме да ги извршуваме добрите дела. Тогаш нашето срце ќе стане благопријатно место за во себе да ги прими мудреците, пастирите, Божјата Мајка – ќе се претвори во место на раѓањето на Христа Младенецот.

Св. Симеон Солунски вели: „Божикниот пост символично го претставува Мојсеевиот пост, кој постејќи 40 дена и 40 ноќи, го прими словото Божјо испишано на камените таблици, а ние постејќи 40 дена, Го примаме Словото на Бога Живиот од Дева, не на камен напишано, туку овоплотено и родено“.

/БИГОРСКИ

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *