Почетна Верски буквар Како да правиме разлика помеѓу идол и икона?
Како да правиме разлика помеѓу идол и икона?

Како да правиме разлика помеѓу идол и икона?

1.54K
1
  1. Откако човекот, како создание Божјо, сериозно се отклони, односно, отпадна од начинот и вредностите на постоењето кои му беа промислени и благословени од Неговиот Творец, тој се повеќе го забораваше она што го поврзува со Творецот и духовниот свет (Царството Божјо).
  2. Човештвото, и она пред потопот, и она по потопот – по отклонувањето или “падот” – веќе стекнатото познание на вистината го внедруваше во симболични материјални форми и истите ги праќаше низ времето како еден вид на потсетник и насока за следните генерации. Овие симболични пораки ги има во сите древни религиозно – философски системи, како на исток, така и на запад (за повеќе информации: Мирча Елиаде, Историја на религиозните верувања и идеи). Но, како што човештвото се одалечувало од своите најдревни претци, така и најдревните симболични пораки се повеќе ја губеле својата првобитна порака и суштина и од огревовеното човештво, а особено под влијание на отпаднатите ангели (демони), добивале ИДОЛОПОКЛОНИЧКА обредна форма, односно, форма испразнета од содржина, па дури и со сменета содржина.
  3. На овој начин настанале сите МНОГУБОЖЕЧКИ (политеистички) религии во нашиот свет кои денес ги нарекуваме пагански (погано – нечисто – односно религии кои ја изгубиле првобитната чиста порака и се извалкале со човечки измислици, суеверие, окултизам, магизам, па и демонизам). Тие се, исто така, и НЕЗНАБОЖЕЧКИ – затоа што не го сведочат вистинскиот Бог и Творец на се што постои и Неговата Објава (Откровение).
  4. Еден од најстарите симболи на поврзаноста на човекот со својот Творец, но и најстар симбол – првообраз за ОТКУПИТЕЛНАТА жртва Христова, се жртвениците, односно, жртвувањето. За нив имаме сведоштво уште на самиот почеток на Светото Писмо. Во првата книга Мојсеева пишува:

– “По некое време Каин му принесе на Господа дар од плодовите земни, а и Авел исто така принесе од првината на стадото свое и од маста.” (1. Мојсеј. 4, 3 – 4)

– “И му се јави Господ на Авраама и му рече: Оваа земја ќе му ја дадам на твоето потомство. И направи таму Авраам жртвеник на Господа, Кој му се јави. (1. Мојсеј. 12, 7)”

Како што во историјата на човештвото, а особено во историјата на старозаветниот народ Божји – Израилот, се разоткривало откровението Божјо, така и симболите на поврзувањето ја менувале својата форма. По ослободувањето од египетското ропство, а особено во периодот од четириесет годишното патување на Израилот до ветената земја, во животот на еврејскиот народ стануваат препознатливи следните нешта како пројава на Божјото присуство и сила:

– “Му рече Бог на Мојсеја, велејќи: Ќе бидам со тебе и ова нека ти биде знак дека Јас сум те испратил – кога ќе го извадиш народот Мој од Египет, помолете му се на Бога на Оваа планина. (2. Мојсеј. 3, 12) ”

– “А ако не ми поверуваат и не го послушаат гласот мој, туку ми речат – Не ти се јавил Господ? – што ќе им речам? А Господ му рече (на Мојсеј): Што ти е тоа во раката? А тој одговори: Стап! И му рече: Фрли го на замјата! И го фрли на земјата, а тој стана змија. (2. Мојсеј. 4, 1 – 2) ”

– “Кажи му на целиот собор на синовите Израилеви и речи им: На десетиот ден од овој месец (нисан) секој нека земе јагне шилаже според бројот на челадта – значи, по едно на дом. (2. Мојсеј. 12, 3)”

– “Направи ковчег на сведоштвото . . .” (2. Мојсеј. 25, 10)”
И направи два херувима (ангели од највисоката ангелска хиерархија) од злато . . .” (2. Мојсеј. 25, 18)

– “Направи и скинија (шатор) од десет платништа, од ткаен висон, од сина, црвена и темноцрвена ткаенина; да направиш и херувими – извезана изработка.” (2. Мојсеј. 26, 1)”

– „И направи светилник (свеќник) од чисто злато . . .” (2. Мојсеј. 25, 31)“
– “И направи му свети одежди на Арона, братот твој, за чест и слава.” (2. Мојсеј. 27, 2)

– “На вториот ден влезе Мојсеј (и Арон) во скинијата на собранието, и ете, Ароновиот жезол, од Левиевиот дом, беше напупил, расцветал и родил бадеми. (4. Мојсеј. 17, 8)”

– “Му рече Господ на Мојсеј: Направи змија (од бакар) и закачи ја на стап, и ако некого го касне змија, каснатиот, штом ќе погледне (во бакарната змија), ќе остане жив. (4. Мојсеј. 21, 13) ”

i dИма уште многу нешта кои како симболи на поврзување, праобрази, пројави на Божјата сила и богослужење можеме да ги најдеме на страниците на светите книги на Стариот завет. И таму, конкретно како втора, од десетте Божји заповеди, може да се прочита и следното:

– “Не прави за себе (од себе за себе, без Божји благослов и промисла) идол (материјален симбол, претстава за божеството, за духовниот свет, тотем), ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е доле на земјата и што е во водата под земјата . . . ” (2. Мојсеј. 20, 4)

  1. Некаде околу 1445 година пред Христос еврејскиот народ, предводен од пророкот Мојсеј, по 400 годишно ропство го напушта Египет. Во периодот на долговековното ропство многу од египетските религиозни обичаи навлегле во умот и срцето на еврејскиот народ, а особено претставувањата на многуте божествата во разни животинско – човечки форми (за повеќе информации: Митологија, во издание на Младинска книга, Љубљана, 1982).
    Затоа, веднаш по излегувањето од Египет, множество од народот му врши притисок на Арона да се направи форма на божество во вид на златно теле (2. Мојсеј. 32, 4) И затоа Господ на старозаветниот народ строго му забранува да се поклонува и да им служи на разните измислици на човековиот ум и раце, но и на демонските вдахновенија.
    Оваа заповед има духовна важност и за членовите на новозаветниот народ Божји – Црквата. Односно, и членовите на новозаветниот народ – Црквата треба сериозно да ги избегнуваат сите пројави на суеверие, идолопоклонство и магизам. Секогаш, кога на било кој начин, некој член на Црквата се одава на суеверие, идолопоклонство и магизам, тој отпаѓа од присуството на благодатта Божја и Неговото водство и заштита и се отвара за делувањето на отпаднатите духови и нивното злоисполнето вознемирувачко присуство.
    ——
    6. По воплотувањето (примањето на човечка природа од пречистата девојка Марија – Богородица и преку Светиот Дух) на Единородниот и Совечен Син и Логос Божји многу од старозаветните симболи, како првообрази, добија свое исполнување. Најдобар пример за тоа е пасхалното јагне! Како невино јагне Божјо (Јован. 1, 29), Исус од Назарет – очекуваниот МЕСИЈА (Христос) – ги зема гревовите на светот врз Себе и преку ОТКУПИТЕЛНАТА жртва на крстот го измири човештвото со нивниот Творец и Отец Небесен и засекогаш ги победи и разобличи злото, гревот, смртта и нивниот првоизворник – сатаната.
    ——-
    По востанувањето на Новиот завет од страна на Месијата, како плод и завршеток на Стариот завет, многу од старозаветните симболи, обреди и пракси добивајќи свое исполнување се укинуваат или добиваат свое новозаветно исполнување. Во овој контекст апостолот Павле во своето послание до Црквата во Колоси ќе го напише следното:

– “Па така, никој нека не ве осудува за:
– јадење или пиење (во однос на старозаветната забрана за чиста и нечиста храна),
– или за некој празник (непочитување на старозаветни празници),
или за млад месец или саботи;
– тоа е само сенка (праобраз) на она што доаѓа, а телото (исполнувањето, реалноста на новозаветниот народ Божји – Црквата – како Тело Христово) е Месијата (Христос). (Колос. 2, 12 – 19)

  1. По денот на Педесетница кога апостолите (јадрото на новозаветниот народ Божји – Црквата) исполнети со силата на Светиот Дух започнаа да ја сведочат вистината (евангелието) за спасението и Царството Божјо, личности од многу народи влегуваа во прегратките на новозаветниот народ Божји – Црквата. Сите тие, освен својата вера, надеж и љубов, во Црквата ги внесуваа и своите личносно – народни особености, темперамент, карактер, дарови, доживувања. Како последица од тоа, но и од внатрешниот живот на Црквата во Светиот Дух, уште на самиот нејзин историски почеток нејзините членови како материјални симболи за изразување на својата вера особено ја користеа формата на:
    – КРСТОТ (Филипјаните. 3, 18) и
    – РИБАТА,
    а во катакомбите изобразуваа сцени од Стариот завет, сцената на Добриот пастир, кораб, сцена на молитва (оранта) и многу други.

Формата на крстот ја симболизираше ОТКУПИТЕЛНАТА и сеослободувачката жртва Христова, а формата на рибата (од елински – ИХТИС – риба, (И) Исус (Х) Христос (Т) Божји (И) Син – (С) Спасител) го симболизираше најдревното исповедање на верата.

  1. Како што се нижеа годините, па и вековите, од присуството на ЦРКВАТА во нашиот свет, така се зголемуваше и бројот на нејзините пастири и учители (свети оци) и исповедници (маченици, мартири – сведоци) кои имаа огромен углед кај нејзините членови. Поучени од апостолот Павле:
    ——-
    „Помнете ги и вашите учители, што ви го проповедаа словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна. Исус Христос е ист вчера, и денес, и во веки. (Евреите.13, 7 – 8)
    ——-
    членовите на Црквата го гледаа исходот на нивниот живот, ја подржуваа верата нивна, го запишуваа нивниот живот за сведоштво (житија) и започнаа од почит да ги изобразуваат нивните ликови.

Така, за литургиско – богослужбена употреба започнаа да се користат икони (слики). Во тој контекст и симболичното изобразување (рибата, добриот пастир) на Христос, па и на Дева Марија (Богородица), постепено преминуваа во нивно “реално” претставување. Мора да се признае дека сите овие нешта предизвикуваа и реакција кај некои членови на Црквата, но и злоупотреба од други кои не беа до крај очистени од паганството. Како последица на сето тоа, а особено за време на владеењето на императорот Лав Исавријанин (717 – 741) избувна сериозна иконоборечка криза. За повторно во Црквата да се поврати мирот, но и да се утврди вистината и праксата за почитувањето на иконите, во Никеја во 787 година се собираат епископите на Црквата на Вселенски Собор. На тој, седми Вселенски Собор, епископите на Црквата, според Светото Писмо и древното предание, искуство и пракса – како на Старозаветниот народ Божји – Израелот, така и на Новозаветниот народ Божји – Црквата, а во Духот Божји, го донесуваат следното вероопределување за иконите:

+++
– “Ние ги чуваме без новововедувања сите пишани или непишани востановени за нас црковни преданија. Едно од нив ни заповеда и за делото на иконописта, како согласно со евангелската проповед и ни служи за уверување во вистинското, а не во привидното воплотување на Бог Логосот. Ова нам ни служи за полза, затоа што тие нешта кои взаемно се објаснуваат, без сомневање, заедно и се докажуваат. Врз основа на тоа ние, одејќи како по царски пат и следејќи го од Бога вдахновеното учење на светите оци и преданието на Католичанската (Соборната) Црква, во која присуствува Духот Свет, со полна верност и грижливо проучување определуваме дека светите и чесни икони нацртани со бои, или направени од мозаик или од некое друго вештество, да се поставуваат така како и изобразувањата на чесниот и животворен крст, во светите Божји цркви, врз свештените сосуди и одежди, на ѕидовите и на даски, по домовите и патиштата – како што се иконите на Господ и Бог и Спасител наш Исус Христос, на непорочната Владичица наша, света Богородица, на чесните ангели и на сите свети и праведни мажи и жени.

i k isusЗашто, колку по често, со помош на иконите, тие ќе претставуваат предмет на нашето созерцание, толку повеќе оние кои ги гледаат иконите ќе се потикнуваат на спомен кон самите првообрази, придобивајќи кон нив поголема љубов, ќе добијат повеќе потик истата да им ја возвратат преку целив, почит и поклонување.
Но НИКАКО тоа не е’ вистинско служење (поклонување), кое, според верата наша и ПРИЛИЧИ САМО НА БОЖЈАТ ПРИРОДА, туку таква почит, која ние ја воздаваме на изобразувањето на чесниот и животворен Крст, на светото Евангелие и на другите светињи.

Почитта ја изразуваме преку кадење на тамјан и поставување на свеќи, како што и во древноста овој обичај бил благочестив. Зашто честа, која се одава на иконата (на оној кој е насликан на неа), се однесува на првообразот. И кога се поклонуваме на иконата, ние всушност се поклонуваме на личноста која на неа е изобразена. Такво учење е содржано кај нашите свети оци, такво е преданието на католичанската (соборната/ ортодоксната) Црква.”
——-
Од времето на седмиот Вселенски Собор до денес Ортодоксната (Православна) Католична (Соборна) Црква својата вера и пракса кон иконите ја обликува според горенаведеното вероопределување (догмат). Секоја пракса што не е опфатена со ова вероопределување, а денес се практикува од некои членови на Црквата, треба да биде отстранета од пракса по силата на овој канон и, над се, по силата на заповедите Божји како врвен критериум во Црквата!
+++

  1. Појавата на чудотворни икони воопшто не е во спротивност со искуството на народот Божји од времето на Стариот завет. Веќе погоре спомнав за чудотворниот стапот на пророкот Мојсеј, за бакарната змија, за жезлот на Арон, ковчегот на заветот . . . во сите овие примери очевидна е пројавата на Божјата сила (благодат/ несоздадените Божествени енегрии/ дејства) преку материјата.
    При што секогаш треба да знаеме дека материјата од која се направени иконите, чесниот крст, како порано бакарната змија, ковчегот на заветот и жезлот на Арон НЕМА СИЛА самата по себе туку преку неа се ПРОЈАВУВА силата на ДУХОТ СВЕТ по промисла на Небесниот Отец во име Христово и по искрените молитви и отвореност на оној кој ја бара во себе таа сила за исцеление или духовно водство – просветување!
  2. На самиот крај на овој текст би сакал да бидам и малку пастирски критичен кон некои пракси кои се препознатливи кај одреден тип на недоволно воцрковени, односно, недоволно воведени во Божјото Откровение, православни христијани.
    Прво, кое е во спротивност со догматот за иконите од седмиот Вселенски Собор, е користењето на иконата како место за принесување/ оставање на разни дарови (пари, разна облека, предмети). Исто така крајно е неприфатливо иконата да се користи за разни суеверни, па дури и магиски пракси од разни гатачи, јасновидци и бајачи.

Ние како членови на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква треба итно да ја искорениме оваа пракса затоа што истата е во спротивност со Божјото Откровение запишано во Светото Писмо и со преданието на Црквата. Во исто време оваа пракса е крајно соблазнителна и опасна во однос на формирањето на здрав духовен христијански живот кај еден голем процент на недоволно евангелизирани членови на Црквата.
Своите дарови верниците, како помош за својата црковна заедница, можат да ги носат во црквите (молитвените домови), но тоа треба да го прават во духот на заповедите Божји! Дарот треба да се остави тајно, како што заповеда нашиот Господ:
“А ти кога даваш милостиња (дар), да не знае твојата лева рака што прави десната, за да биде твојата милостиња тајна, и тогаш, твојот небесен Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно”. (Матеј.6. 1 – 4).
За таа цел во молитвените домови (црквите) се поставени црковните каси за помош.

Ivica TodoorvИсто така треба да се внимава во црквите (молитвените домови) иконите да се користат ИСКЛУЧИВО во контекст на нивната литургиско/ богослужбена функција, како образи (симболи) на Царството Божјо кое е присатно во овој наш свет во сила, но кое го очекуваме во полнота – по воскресението на мртвите, по второто Христово доаѓање и Страшниот суд. Пренатрупаноста со икони и разните невкусни (кич) малограѓански елементи треба да се отстрануваат од храмовите (молитвените домови) за истите во сета своја полнота да послужат и да засведочат за тоа за што се и промислени, осветени и изградени, а тоа е – сведоштвото на убавината, харомонијата и присуството Божјо и на Неговото Царство, како на симболичен, така и на благодатен план во овој свет и век. (за повеќе информации: В. В. Бичков, Византиска естетика, Просвета, Белград, 1991)

Пишува: презвитер Ивица Тодоров

Коментар(1)

  1. Изгледа Неговото Блаженство почнал да го точи бричот. 🙂 Ако чита го подржувам во намерата да го наточи и тоа убаво.

Напиши одговор на Преспанец Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *