Почетна Коментар Како да ја зачуваме Божјата благодат во нас
Како да ја зачуваме Божјата благодат во нас

Како да ја зачуваме Божјата благодат во нас

416
0

За денешното евангелско четиво (види: Лука 8, 41–56) битно е да се запамети следново:

Како што крвта е потребна за животот на телото, така и благодатта Божја е потребна за вистинскиот живот на душата. И како што телото умира ако крвта истече, така и душата се умртвува ако благодатта Божја отстапи од неа.

На првиот степен од нашиот духовен развој, чистење на срцето од страстите, ние сме во постојана борба да го сопреме тоа истекување и губење на благодатта од нас. На првиот степен, нашиот духовен живот е непостојан и често се случува духовно да паѓаме и да стануваме, но во тој процес ние учиме и како да ја задржиме благодатта во нас. Уште учиме како, и кога благодатта се крие од нас, да живееме исто како кога е таа присутна и кога нескриено ни помага. Во овој подвиг, во ова аскетско принудување на самите себе се состои тајната на нашето духовно растење. Расеаноста на нашиот горд и затемнет ум е главна причина за губење на благодатта. Ете зошто свети Никола Кавасила некаде вели: „Затоа се причестуваме на секоја неделна Литургија, односно така често, за да го обновиме Христовиот печат во нашата нестабилна природа“.

Дури на вториот степен, просветлување на умот, откога ќе го познаеме местото на срцето и ќе го добиеме дарот на умно-срдечната молитва, ние внатре во нас го запознаваме непресушниот извор на Божјата благодат. И бидејќи имаме вистински допир до Христос, престанува процесот на постојано губење на благодатта, исто како што кај крвоточивата жена престанало течењето на крвта. Ја добиваме онаа постојана радост и светлина.

Значи, треба да го најдеме вистинскиот начин за допир до Христос, затоа што многу од луѓето се туркаа до Него и Го допираа, но Он само крвоточивата жена ја посочи како некој што вистински се допрел до Него. На првиот степен од духовниот раст, вистинско допирање до Христос е очистувањето на срцето од страстите преку исполнувањето на Неговите заповеди, но само во рамките на целосрдечно послушание кон духовниот отец. На вториот степен, вистинско допирање до Христос е повеќечасовното молитвено пребивање на умот во срцето и љубовта кон непријателите.

Вистинскиот допир до Христос ни ја открива тајната на Царството Небесно внатре во нас, во нашето срце, и ни ги открива силата на преобразувањето и радоста на Христовото воскресение. Тајната на Христовото воскресение ќе остане недостапна и неоткриена за сите оние што не го прифаќаат и што го негираат начинот на вистински допир до Христос на секој од степените на духовниот развој; и ним, како на такви што се потсмеваат и не веруваат, ќе им биде забранет влезот и ќе пропуштат да го видат воскресението на душата и телото уште во овој свет и век, исто како што им се случи на оние што не го видоа воскресението на Јаировата ќерка.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува:Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *