Почетна Коментар Каде исчезнаа ракописите од нашите манастирски библиотеки?
Каде исчезнаа ракописите од нашите манастирски библиотеки?

Каде исчезнаа ракописите од нашите манастирски библиотеки?

442
1

„Од Бога заборавен и од луѓето, јас јеромонахот Никола го напишав ова дело“. Тоа беше најубавото дело, бисер на монашката литература. Но раката која го напиша е незнајна. „Ве молам, поправајте доколку има грешка, зошто го пишував во темнина. И не споменувајте го моето име, туку името на Оној за чија слава јас пишувам“. Ете вака пишуваа македонските монаси и книжници. За жал, нивните дела, се уништени или однесени од нашите цркви и манастирски библиотеки и денес ги украсуваат универзитетите, академиите и библиотеките во светот.

Неуништливо е она што човекот го носи длабоко во неговата душа. Неуништливи се делата на духот, на подвигот, делата на богољубието и човекољубието. И зборот испишан со мастило, на свеќата догорена, подоцна стана инспирација за целиот христијански свет. Пергаментот е пожолтен и оштетен, страниците скинати, но остануваат во душата на верниците. Нивниот јазик е јазик на ангелите.

Нашите манастирски библиотеки создавани со векови на овие простори денес се исчезнати. Ракописните книги се гордост за нашата генерација, наше најголемо национално богатство. Но, овие, како и сите други наши дела, биле закопувани, спалувани, затрупувани од освојувачите и непријателите на нашето постоење. Овие слова и денес се одвојуваат од нашата колективна меморија, се толкуваат надвор од нивното недвосмислено место и контекст на кој му припаѓаат- македонската црква и македонската вековна вистина.

Нашата наука не располага со точен број колку книги имало во манастирите, но од прекрасните историски и богословски ракописи денес е сочуван значително мал дел. Доколку би се зачувале овие ракописни богатства денес можеби ќе ја имавме најголемата и најбогатата библиотека на словенски ракописи во Европа. Каде и како исчезнаа нашите најголеми духовни богатства од манастирите-ракописните книги?

Постојат бројни примери на грабежи и уништување на книжните богатства во Македонија. Самиот факт што најголемите светски библиотеки денес се гордеат со нашите книжевни дела, што се грабнати на некој начин, ни сведочи дека во текот на неколку векови во Македонија се развивала најголемата култура што ги хранела сите словенски земји со знаења и умеења. Особено е значајна литературната активност во манастирите бидејќи во нив најмногу работеле и престојувале, покрај српските и бугарските монаси, и голем број македонски црковни и литературни дејци. Но, делата на македонските монаси биле разграбани и однесени онаму каде што не припаѓаат.

Ова бесценето културно наследство старо дванаесет века, започна со Свети Климент, втемелувачот на првиот словенски универзитет во Европа, кој во својот манастир Свети Пантелејмон на Плаошник формирал своја библиотека. Подоцна, за време турско библиотеките биле палени и уништувани. Но, сепак, и понатаму во нив цветала книжевната дејност. Монасите со нивната пишувачка и препишувачка дејност не само што ја збогатувале духовната ризница на Македонија, туку и општата христијанска ризница надвор од неа. Од Охридскиот книжевен центар, Лесновскиот, Скопскиот и други, произлегле најголемите македонски книжевни богатства кои биле семе на знаењето на сите словенски народи.

ЛЕСНОВСКИ МАНАСТИР

Лесновскиот манастир негувал исклучително богата книжевна дејност. Бил сврзан со името на македонскиот пустиножител Св. Гаврил Лесновски чие житие било пишувано во самиот манастир, а денес се чува во Бугарската академија на науките во Софија. Поради славата на манастирот во кој биле моштите на светецот, во него доаѓале голем број верници од Бугарија, Романија, Молдавија, Унгарија, и други краишта кои ги дарувале манастирските библиотеки. Манастирот со книги го дарувале и богати Македонци особено од Кратово. Сите тие оставиле писмени податоци како за себе (автографски белешки) така и за времето во кои живееле. За несреќа, ниту една вредна книга не е зачувана од тоа време во Лесновскиот манастир. Пет века биле потребни да се соберат 50 товари ракописни книги, а само во текот на неколку години од 19 и почетокот на 20 век сите биле разграбани од разни странски научни работници и препродавачи на книги. Еден од нив бил и австрискиот конзул во Солун, Михановиќ, кој присвоил три товари манастирски ракописи од Лесновскиот манастир. За ваквите грабежи од странските конзули, македонските верници оделе да се жалат на турскиот паша. Но, и покрај тоа, тие повторно биле изнесувани од манастирите. Во 1930 година од Лесновскиот манастир биле пренесени 38 ракописи во Скопје, а оттаму подоцна биле префлени во Универзитетската библиотека во Белград.

СВЕТИ ПАНТЕЛЕЈМОН-НЕРЕЗИ

Библиотеката на манастирот Св.Пантелејмон во Нерези поседувала еден од најстарите и најбогати книжевни фондови. Во манастирот книжевна дејност развил македонскиот средновековен поп Никола, со свештено име Брата од крајот на 13-тиот и почетокот на 14-тиот век. Неговото многу значајно дело Хлудов Паремејник денес се чува во збирката на Хлудов во Московската библиотека. Во Нерези постоела традиција монасите и сестрите меѓусебно да си подаруваат книги за што постојат и записи. Записите велат дека тука постоеле 30 товари ракописни книги кои претежно биле напишани на пергамент. Кога оваа библиотека би била зачувана, многу светски библиотеки би ни завиделе на староста на ракописите во неа. Но, и таа била разграбана од разни странски и домашни научници и културни работници.

МАРКОВ МАНАСТИР

Манастирската библиотека на Марковиот манастир Св. Димитрија посебно во времето кога во неа игумен бил Кирил Пејчиновиќ-Тетоец, била една од најбогатите словенски библиотеки. Кирил ги чувал книгите многу совесно. Но, во 18-тиот век таа била разграбана. На еден Пролог од тоа време стоела забелешка: „проклетство за оној кој ќе го земе овој Пролог“. Но, тоа не ги спречило крадците и натаму да ги разграбуваат книгите од богатата манастирска библиотека. За ова пишувал Џинот во Цариградски весник во 1855 година. Тој вели дека крадците дури нуделе 100.000 гроша за буквар и псалтир кој бил пишуван на заечки кожи наместо да ги вратат.

БИГОРСКИ МАНАСТИР

Во Бигорскиот манастир твореле и препишувале книги познати македонски писатели и јеромонаси. Еден од нив бил јеромонахот Висарион кој во 1547 ја напишал книгата „Златоуст“ која денес се чува во Софиската национална библиотека. Како и познатиот писател Иван Генадиев кој творел под псевдонимот Јован Хармосима Охридски и кој во 1863 година ја напишал Кодиката на Бигорскиот манастир. Но, кон крајот на 19 и почеток на 20 век и оваа манастирска библиотека доживеала големи пустошења и грабежи. Сепак, благодарение на професорот Владимир Мошин кој го посетил манастирот во 1968 година библиотеката успеала да зачува некои нејзини драгоцени раскописи како и стари печатени книги. Покрај тоа, професорот пронајде и десетина нови словенски ракописи како остаток од некогашната богата манастирска библиотека.

Денес во Источен Палат се наоѓа библиотеката на Бигорскиот манастир која импонира со својот ентериер на два ката, со возобновен библиотечен фонд, храна за трагачите по божјиот збор.

БОГОРОДИЦА ПРЕЧИСТА-КИЧЕВО

Во манастирската библиотека во Света Богородица Пречиста во Кичево постоела една од најубавите библиотеки во 19-тиот век. Особено за време на монахот Јосиф кој бил учител. Јосиф не набавувал само црковни книги, туку и многу други книги од природните и општествените науки. Но, манастирот имал трагична судбина и често бил изложуван на пожари и катастрофи. На крајот, пресудила раката на грчкиот дебарски владика Мелетиј. Тој во 1838 година ги уништил сите словенски книги во манастирот. Сепак, до денес во манастирот се зачувани доста книги. Професорот Мошин тука пронајде седум ракописни книги кои ги опишува во неговиот список.

ЛЕШОЧКИ МАНАСТИР

Познатиот македонскиот преродбенски писател и јеромонах Кирил Пејчиновиќ создал мошне богата манастирска библиотека во Лешочкиот манастир по неговото доаѓање во манастирот во 1818 година. Тој ги собрал книгите од сите претходно разурнати манастири, како од манастирот Свети Ѓорѓија во Волковија, кичевската Богородица Пречиста и ги пренел во манастирот. Но, за жал, неговата ревност и неуморност во собирањето на книгите завршила трагично. По смртта на Пејчиновиќ, неговата библиотека се растурила. Еден службеник во тогашното Лешочко училиште видел како книгите се изнесуваат во дворот на манастирот, собрани во стог и запалени од страна на српските воени власти.

СВ. БОГОРОДИЦА-МАТЕЈЧЕ

Во манастирот Св. Богородица-Матејче работеле голем број писатели, меѓу кои и познатиот Владислав Граматик, духовно поврзан со селото Младо Нагоричане и овој манастир. Ниту една од книгите кои тој тука ги напишал не се наоѓаат во Македонија. Неговиот зборник „Андрианти“ се наоѓа во Рилскиот манастир, познатиот „Панегирик“ во Црковниот музеј во Софија, а „Шестодневот со послесловие“ се чува во Московскиот музеј. Интересен е податокот што во манастирот во село Матејче се чувале многу книги кои биле користени како амајлии за исцелување. Записите велат дека Арнаутите ги однеле и не сакале да ги дадат ни за каква цена зошто со нив лечеле разни болести. Старите жители од овој крај велат дека до пред сто години во манастирот се наоѓале ковчези полни со стари словенски ракописи. Но, сите биле разнесени од странски патеписци, фолклористи и етнографи, меѓу кои и Стефан Верковиќ.

БОГОРОДИЦА ЕЛЕУСА-С.ВЕЉУСА

Уште еден многу значаен манастир од струмичкиот крај е Вељушкиот манастир Света Богородица. Библиотеката на овој манастир изобилувала со историски и црковни ракописи и била вистинска духовна ризница во градот Струмица и околината. Во пописниот инвентар на црковниот имот објавен во 1900 година се опишани сите книги кои биле во сопственост на манастирската библиотека од 1164 година. Но, од некогашните книжни богатства денес нема ни трага.

МАНАСТИР ПРОХОР ПЧИЊСКИ

Во нашата колективна меморија особена важна улога има литературната активност во манастирот Прохор Пчињски нераздвојно поврзан со нашата историја и АСНОМ. Тука се наоѓале книги на многу високи полици толку високо што не можеле да се дофатат, ниту пребројат. На една книга препишана од ѓаконот Никола во 18-тиот век стои забелешка: „Светна и оваа божествена книга во манастирот на нашиот свет отец Прохор, минеј напишан од грешната рака на ѓакон Никола…1747 година“. Библиотеката била растурена од крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век со земање на голема количина на книги од разни луѓе, меѓу кои и грчки владици.

МАНАСТИРОТ СВ.БОГОРОДИЦА-ТРЕСКАВЕЦ

Низ вековите манастирот Трескавец развил плодна литературна дејност. Бројот на ракописите пишувани на пергамент или хартија бил голем. Запишано е дека кон крајот на 19-тиот век биле натрупани купишта томови книги по црковните олтари, по таваните и во ќелијната школа. Грчкиот владика Герасим кога забележал толку многу расфрлани книги по манастирските згради, наредил да се соберат и изгорат, зашто не биле веќе во употреба и било греота да се валкаат по правот. Служителите во манастирот околу две недели ја палеле манастирската фурна со нив. Тие што не биле горени биле разнесувани по прилепските куќи. Од ракописите на богатата манастирска библиотека денес нема ни трага.

СЛЕПЧЕНСКИ МАНАСТИР

Книгите кои се пишувале и препишувале во Слепченскиот манастир денес се чуваат во големите светски библиотеки како најголеми словенски споменици. Таков е случајот со познатиот Слепченски апостол од 12 век кој денес се чува во Ленинградската библиотека, а се смета за еден од најстарите словенски ракописи. Тука пишувал познатиот писател Висарион Дебарски чија книга од 1547 година денес се чува во Софиската народна библиотека. Во овој манастир е пишуван и познатиот Слепченски писмовник кој во 1845 со себе го зел рускиот научник Виктор Григоровиќ и денес се наоѓа во Московскиот музеј. Писмовникот е зборник од обрасци на писма и датира од 16 век. Библиотеката на овој манастир била сместена во една отворена соба над коњушницата и поради негрижата на манастирската служба од средината на 19-тиот век почнала да пропаѓа. Денес, книгите од оваа богата манастирска библиотека се разграбани и уништени, така што од неа не е сочуван ниту еден ракопис.

За да го проучиме нашето македонско национално богатство што ја краселе нашата вера низ вековите и што говори за богатата литературна традиција во Македонија ќе мораме да бараме дозвола од оние кои успеале на некој начин да ги грабнат овие книжевни дела од нашата манастирска ризница. Денес, во современиот глобализиран свет постојат многу начини за тоа, но нели смислата на Црквата е да го слави Бога прифаќајќи го јазикот и словото на другиот, така што тоа слово ќе го обогати, вдахнови со своите духовни богатства и ќе му помогне да се развива, наместо брутално да го присвојува? Ако сме ние дел од телото Христово, според преданието на Црквата, а словото стана тело, зошто потребата тоа тело да се присвои, отуѓи, сквернави?  Монасите пишувајќи за Бога, го славеа Него, и токму затоа македонските ракописи нема никогаш да исчезнат од лицето на земјата.

Доказ за тоа е нашиот жив јазик и нашата жива црква која денес ги воскресна манастирските библиотеки чии изданија го носат истиот оној белег и сила на некогашните наши книжевни дејци.

Пишува: Огнен Коцевски

Коментар(1)

  1. СЕКОЈА ПОЧИТ ЗА ОВОЈ ТЕКСТ!!!
    Изворот на македонскиот народ,зошто долги векови се стремел кон Самостојност и Автокефалност.
    И денес нивните потомци сакаат да ја дограбаат и повторно да ја окупираат нашата Црква.
    И тоа алчноста е толку голема што е Под прикрифката врз каноните на Црквата.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *