Почетна Проповеди Јас сум, не плашете се!
Јас сум, не плашете се!

Јас сум, не плашете се!

342
0

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за Деветтата недела по Педесетница, изговорено во манастирската трпезарија, на 18 август 2019 лето Спасителово

Минатата недела, мили мои, светиот евангелист Матеј ни раскажа за Христовото чудо, кога Он со пет леба и две риби нахрани над пет илјади луѓе. Денешното евангелско зачало, пак, е продолжение од тој настан (Матеј 14,22-34). Имено, започнува со епилогот на тоа собитие: И веднаш ги повика Исус учениците Свои да влезат во кораб и да минат на другата страна пред Него, додека Тој да го распушти народот. Останал Господ Сам да го распушти народот. Замислете си само каков метеж се создал тогаш: луѓето гледале како Христос преку Своите ученици им дели храна на сите и таа никако не завршува. Се наситиле над пет илјади луѓе, па дури отпосле се собрале и дванаесет кошеви со остатоци! Народот паднал во занес од овој необичен настан. Си помислил: „Штом Овој може да нѐ храни толку изобилно и тоа без работа, без труд, тогаш Тој е очекуваниот цар на Израилот!“ Во Евангелието од Свети Матеј тоа не е опишано, но затоа четвртиот евангелист, Светиот Апостол Јован Богослов, пишувајќи за истата случка, ни соопштува што помислиле луѓето: Луѓето, кога го видоа чудото што го направи Исус, рекоа: „Овој е навистина Пророкот Кој требаше да дојде на светот!“ Но Исус, штом разбра дека сакаат да дојдат и да Го фатат за да го прогласат за цар, се повлече Сам во гората (Јован 6,14-15). Господ, значи, узнал преку Духот каква намера имал народот и веројатно тоа му го соопштил на Својот ученик, кој се наоѓал најблиску до Него.

За да ги заштити најнапред Своите ученици, кои очигледно биле притиснати од големото мноштво што трчало по нив, бидејќи тие ја делеле храната, Господ Исус ги испратил во кораб да минат од другата страна на морето. Гледаме дека Христос до крај самопожртвувано и непоштедно се давал Себеси за добробит на народот. Ги поучувал, ги лекувал неговите болни, ги хранел, и духовно и телесно. Но, штом го распушти народот, Тој се искачи на планината за да се помоли насамо. И таа вечер остана таму Сам. Со ова Свое повлекување во самотија, Господ сака да нѐ поучи дека е добро и ние да се повлекуваме на молитва, бидејќи среде метежот на овој свет и нашето општење и поистоветување со мноштвото, со толпата, можеме да го изгубиме своето јас, да се дезориентираме, да го изгубиме својот внатрешен човек. Денес човекот, без сомнение, е преоптоварен од сето она што го опкружува. Искушенијата на современиот човек се ужасно големи. Обземени сме од материјалното, од информацијата, робови сме на технологијата. Пред некој ден на момчињата кои привремено живеат тука им зборував за тоа како порано за нас најголемо искушение беше погледот, очите и, се разбира, нашиот разум кој секогаш е склон кон помисли. Доколку не внимававме доволно, можеше да се случи да видиме нешто што не треба, но ако бевме духовно потрезвени, лесно си го запазувавме погледот и на тој начин се штитевме од непотребна соблазна и борба. И со помислите на разумот можевме некако да се справиме. Но сега е сосема поинаку. Порано беше полесно да се подзасолниме од светот, ама сега, преку техниката, преку мобилните телефони и интернетот, постојано си го носиме со себе. Што сѐ нема човек да види денес! Какви сѐ не слики, информации, разноразни соблазни доаѓаат до нас преку современата технологија. Сето тоа го обременува и го пустоши нашиот ум, расејувајќи го на илјадници страни. Токму затоа, денес, можеби како никогаш досега, е особено потребно повлекување на душата во молитвена самотија. Неслучајно Господ ни остави пример, повлекувајќи се Сам на молитва во гората. Тој ни укажува дека е неопходно да издвоиме време во кое ќе се сосредоточиме на молитва, време во кое ќе бидеме сами со себе и со Него. Зашто, само во осамувањето, во молитвеното тихување, можеме да го пронајдеме своето вистинско јас и да го соединиме со Бога, исполнувајќи се така со животна енергија. Молитвата во самотија е насушна храна за нашето внатрешно битие. Треба и ние да се искачиме на висината на молитвата, како што Христос го направил тоа, после сиот тој метеж што настанал од нахранувањето на големото мноштво. Он се повлекол на високо место, со мислите кон Бог Отецот, сакајќи да ни укаже дека и ние треба да се искачуваме во молитвата кон Бога и да го бараме Неговиот мир. На Христос, секако, не Му била потребна молитва, бидејќи Он е едно со Отецот и со Светиот Дух, но преку тоа сакал, исто како што нѐ поучувал со Своите зборови, да ни покаже и на дело што треба да правиме.

Сѐ што правел Господ било премудро осмислено и поучително. Он лекувал и поучувал и со зборови и со дела. Така, на пример, кога видел дека и Неговите ученици биле понесени од толпата што сакала да Го прогласи Него за цар на Израилот и паднале во гордост и суета, па си помислиле дека сигурно ќе бидат некои моќни велможи, многу блиску до Него, ги испратил сами во кораб по морето. Притоа, знаел дека ќе дува силен и спротивен ветер, дека ќе има страшна бура. Господ ги оставил апостолите беспомошни и преплашени до четвртата стража. Во таа доба, ноќните часови се сметале според вечерните стражи. Четвртата стража траела од три часот по полноќ до околу шест часот наутро. Значи, прилично долго време Христовите ученици се наоѓале во една страшна агонија, стравувајќи за своите животи. Погледнете ја сега премудрата Божјата педагогија! Оние кои до пред малку во своите помисли веќе си имале заземено влијателни позиции до земскиот моќен Цар, сега Он ги смирува до крај, до состојба на стравување за сопствениот живот. Суетната помисла: „Навистина, ако нашиот Учител стане цар, ние, како негови најблиски поданици, ќе владееме заедно со Него“, наеднаш отстапува место на беспомошноста и стравот и тие, гледајќи опасност по своите животи, во ужас извикуваат: „Загинуваме!“ Ете такви сме ние луѓето. Денес се замислуваме толку силни, влијателни и непобедливи, а утре толку слаби и беспомошни. Денес сме на престол, утре – во гроб.

Се разбира, човекољубивиот Господ не дозволил да загинат Неговите ученици. Кога бурата била најсилна и неизвесноста најголема, се појавил пред коработ, одејќи по површината на водата. Сите апостоли Го виделе и се преплашиле, мислејќи дека гледаат привидение. Избезумени од ужасот, не Го препознале. Затоа Он веднаш им прозборел: Не бојте се! Јас сум, не плашете се! Интересно, не им се претставил по име, туку само: Јас сум. Исто како што му одговорил и на Мојсеја кога овој Го прашал на Синајската гора, гледајќи го Неговиот блесок во капината што горела и не согорувала: Еве, ќе појдам кај синовите израелски и ќе им речам: „Бог на татковците ваши ме испраќа кај вас“. И ако тие ме прашаат: „како Му е името“, што ќе им речам тогаш? Тогаш Бог му одговорил: Јас сум Оној Кој е, Јас сум Кој вечно постои! (Исход 3,13-14). Он е Истиот Христос, Словото Божјо, Кое зборувало со Мојсеја, Кое го избавил израилскиот народ од египетското ропство и го превел преку Црвеното Море; Истиот Кој накрај стана и човек заради нас. Апостолите, значи, го препознале Неговиот глас, како што овците го препознаваат гласот на пастирот, и се успокоиле. Гласот на Оној Кој ни вели: Во светот ќе имате маки; но не плашете се, зашто Јас го победив светот (Јован 16,33). Тогаш, апостолот Петар, според својот импулсивен карактер, истапил прв пред останатите и Му рекол на Христа: Господи, ако си Ти, заповедај да дојдам кај Тебе по водата! Господ му одговорил: Дојди. И додека Петар гледал во Христа и самиот одел по водата. Станал сличен на Господа – иако човек, чекорел по површината на водата. Тоа според природните закони е невозможно. Сте виделе ли човек да оди по вода?! А ете, Петар одел. Но, кога го оттргнал погледот од Христа и го насочил кон брановите и бурата, тој почнал да се сомнева и да се плаши. Како искусен риболовец, кој добро го познавал морето, ги препознавал ветровите и опасностите од нив, ја препознал реалната опасност, се посомневал и – започнал да тоне во водата. За миг заборавил на Христа и на Неговата божествена семоќ. Исто како што и ние во животот честопати ја забораваме големата поткрепа од нашиот Небесен Татко, Кој е секогаш со нас и постојано ни говори: Јас сум, не плашете се! Ни зборува преку Светото Писмо, ни зборува преку делата на светите отци, преку духовниците во Црквата; најпосле, ни зборува и преку делата што ги прави за нас, во нашите лични животи – кога на чудесен начин нѐ избавува од опасности, нѐ утешува и успокојува. Колкупати сме помислиле дека е готово, ќе пропаднеме, се руши нашиот свет и наеднаш – се појавува Он со Својот успокојувачки глас: Јас сум, не плашете се!

Кога Господ видел дека Петар почнал да тоне и да Го моли за помош, му ја подал раката, го подигнал и му рекол: Маловернику, зошто се посомнева? Впечатливо е тоа што не му рекол „невернику“, туку „маловернику“. Апостолот имал вера, но не доволно. Маловерието е не помалку лошо од неверието, зашто и при најмало испитание ја задушува верата. И Јуда Искариот донекаде верувал, инаку како би постанал апостол? Меѓутоа, не верувал силно, бил маловерник. Дозволил страста на среброљубието да го потопи, да ја погребе неговата вера и да го направи предавник. Значи, маловерието е опасно и погибелно. Тоа се доближува до работ на целосното губење на верата. Затоа е потребно со ушите на нашето срце секогаш да го слушаме и препознаваме гласот на Оној Кој е, на Оној Кој ни вели: „Не плашете се, Јас сум со вас“. Он ја бара нашата вера и ќе ни помогне, нема да нѐ остави.

Видовме како Господ преку стравот и опасноста ги поучил апостолите на смирение. Им покажал дека без Него не можат да направат апсолутно ништо. Оние кои претходно се чувствувале толку моќни и важни пред народот, сега не можеле да си ги спасат ни сопствените животи. А кога Христос, вели Евангелието, влегол во коработ, ветрот се смири. Кога Христос влегува во нашиот живот, во срцето на внатрешниот човек, ветриштата на искушенијата се смируваат.

И нешто особено важно – денешното евангелско четиво завршува со поклонение и славословие: А оние што беа во коработ Му пристапија, Му се поклонија и рекоа: „Навистина, Ти си Синот Божји!“. Апостолите, преку искушението низ кое поминале, преку опасноста и стравот што ги доживеале, преку чудесното избавување од страна на Господа, се смириле, ја утврдиле сопствената вера и Му воздале поклонение и слава на Спасителот. Подоцна, како што знаеме од Светото Евангелие, тие повторно имале падови, пројавувале маловерие, сомнеж и страв. Ете, при распетието на Голгота сите се разбегале, Петар дури трипати се откажал од Него. Повторно маловерие и страв. Но кога Христос на Педесетница им Го испратил Светиот Дух на апостолите, кога Он, Кој е љубов, конечно влегол во „коработ“ на нивните души, стравот сосема исчезнал. Во љубовта страв нема, туку совршената љубов го изгонува стравот (1. Јов. 4,18). Ние, Христијаните, Го добиваме Светиот Дух преку крштението и Го запазуваме во нас преку светотаинскиот живот во Црквата, преку причестувањето со Светите Христови Тајни. Така добиваме благодат која нѐ чува и нѐ држи во верата. Се разбира, таа вера треба постојано да ја храниме, благодарејќи Му на Бога за делата што ги прави за нас и за овој свет, за неговото огромно трпение и човекољубие. Доколку својот поглед цврсто го насочиме кон Него, ќе можеме и ние самите да правиме чуда. Ќе можеме и ние да чекориме над морето на искушенија и соблазни од овој свет, па колку и да се силни неговите бранови. Светот ќе нѐ гуши од сите страни, но раката на Христос е секогаш подадена кон нас за да нѐ избави и подигне. Да се фатиме цврсто за Неговата рака и да не се препуштаме на стихиите од овој свет, на сето она што нѐ опкружува;  да не се оддаваме нерасудливо на технологијата која премногу нѐ заморува и ги троши нашите животни сили. Како духовник сум слушнал многу луѓе да велат: „Оче, ние сме целосно истрошени. Се чувствуваме како мртовци, во нас нема животни сили, немаме мир, немаме сон“. Сето тоа произлегува од големата оптовареност на современиот човек со сѐ што го опкружува, оти тој не бара прибежиште на „високо место“, како што Христос ни покажа денес. Под „високо место“ се подразбира издигнувањето на духот кон Господа, во самотија и молитва. Верувајте, Бог ја услишува таквата молитва и ќе нѐ спаси од искушенијата на овој свет, бидејќи Он го победи светот.

Ви посакувам на сите да сте заедно со Него и така да го победувате светот.

Да сте благословени!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *