Почетна Коментар Јас го победив светот
Јас го победив светот

Јас го победив светот

596
0

Бог толку го возљуби светот што во него Го испрати најскапоценото, Својот Единороден Син, Кој се воплоти од Пресвета Дева и стана Човек – и тоа таков Човек, во чија личност Создателот и созданието, Бог и човекот остануваат засекогаш неразделно соединети во слободна и љубовна заедница. Црквата е сведок во овој свет за таа љубов и за тој љубовен однос.

Она за што денешното евангелско четиво (види: Матеј 2, 13–23) ни дава можност да размислиме е тоа каков е, всушност, односот на светот кон Христос од самиот миг на Неговото раѓање. За Него и за Неговата Мајка сите врати остануваат затворени, и не се најде ниту едно единствено „човечно“ место во Витлеем каде што би можел да се роди. „За нив немаше место…“ (Лука 2, 7).

Поклонувањето на мудреците е исклучителна Божја промисла преку чудото со ѕвездата, и можеби единственото добредојде во тој ден и во следните денови. Евангелието вели: „А штом си отидоа тие, ете, ангел Господов му се јави на Јосиф в сон, велејќи: ’Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет и остани таму дури не ти кажам, бидејќи Ирод ќе Го бара Младенецот за да Го погуби‘“.

Уште првата ноќ по раѓањето, Бог е прогонуван и принуден да бега во светот што Самиот Тој го создаде и доаѓа да го спаси. И на крајот, овој свет навистина Го отфрла и убива Оној што не стори грев и лага не се најде во устата Негова (види: 1 Петр. 2, 22).

Во епохата по Христа, а особено во времето во кое живееме ние, современите христијани, сведоци сме дека не се зборува со воодушевување за Христос, но тоа не ми дава за право да ја наречам антихристијанска, ниту пак, тоа ми е целта во денешнава беседа.

Богооткриена вистина е дека светот се движи кон својот крај и тој е неизбежен. За оние што се Христови, Христос е почеток и крај. Нив светот не може да ги прими, бидејќи не ги препознава како свои. „Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето“, „но не бојте се, зашто Јас го победив светот“ (Јован 15, 19; 16, 33).

Христијанската љубов и победа се крајно парадоксални: преку смрт во живот, преку Крст до Воскресение, дај крв – прими Дух, благословувај ги оние што те колнат итн. Свети Јован Златоуст вели: „Единствено христијаните извојуваа победа дозволувајќи да бидат убивани, а не убивајќи“.

Нашата победа е во Христос, Кој единствен има реална власт и сила, а еве, Го гледаме како смирено и незлобливо отстапува и бега од злото, не спротивставувајќи се со зло. По што ќе нѐ познае светот дека сме Негови ако немаме љубов меѓу себе, и најважно од сѐ – ако не ги љубиме своите непријатели!? Сигурно не по тоа што самите себе се нарекуваме христијани, туку по тоа што нашиот живот во целост е сличен на Христовиот. Само тогаш и само така сме Христови, а Христос наш.

Христос се роди!

Пишува: Викарен Епископ Јаков Полјански

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *