Почетна Коментар Излезе сејач
Излезе сејач

Излезе сејач

605
1

Почвата на којашто Богочовекот Исус Христос го сее своето семе, односно словото, т.е. благодатта Божја, е човечкото срце. Го сее преку оние луѓе кои вистински Го сведочат, во Црквата. А тие, пак, го сеат преку своето, во сила,изговорено или пишано слово. Со своето присуство – во сила. И со своите дела – во сила.

Се сеќавате од една претходна беседа дека ловец на луѓе може да се нарече само човек со просветлен ум, човек со слово кое молитвено извира од неговото очистено срце и кое допира до длабочината на срцето на ближниот, и човек со присуство во сила. Во негово присуство страстите се парализираат, демонот бега далеку, а неговото слово внесува светлина, сила и надеж во срцето на ближниот итн.

Читајќи го денешното евангелие со приказната за сејачот (види: Лука 8, 5–15), иако Богочовекот Христос им го објаснува на Своите ученици, мене најмногу ми привлече внимание делот за семето што паднало во трње, па си помислив: како што трњето е пречка за нивата да донесе добар плод, така и гревовите се пречка за нашето срце да донесе добри плодови на Светиот Дух. Притоа, си велам, боцките од трњето ми личат на грев со сторено дело, листот – на грев со зборови, гранките – на грев со помислите.

Трњето на нивата од нашето срце сигурно има и корен. Што друго би бил коренот на гревот ако не страстите вгнездени во нашето срце (славољубието, среброљубието и сластољубието). Заробеноста на срцето од страстите не ѝ дава на благодатта на Крштението да се пројави и слободно да дејствува надвор од нашето срце – низ целото наше битие и надвор од нас; не му дава простор на словото посеано во нашето срце да пушти корен, да порасне и да донесе плод на покајание, односно преумување.

Ако сакаме зрното да донесе плод, треба земјата да ја очистиме од трњето, а трњето да го извадиме со корен. Но, за да стигнеме до коренот, трњето треба да почнеме да го уништуваме од врвот. Значи, треба да престанеме да грешиме со дело, потоа со збор и на крај со мисла. Христијанинот, освен што е должен да не греши со дело и со збор, должен е да не прима и да не се согласува со ниту една лоша демонска помисла, затоа што за него прифатената помисла има тежина на сторено дело. Зборувам за оние христијани што се трудат да го достигнат степенот на просветлување на умот.

Непрестаjното усно и умно повикување на Христовото име, соединето со внимание и со плач, заедно со исполнувањето на Божјите заповеди, неизоставно ќе ги открие и страстите што се сокриени во нас. Секојпат кога доволно јасно ги гледаме нашите страсти, треба да знаеме дека енергијата на умот е соодветно очистена преку молитвата и преку делата на верата. Тогаш гледаме и колку многу страстите нè оддалечуваат од Бог и уште повеќе сакаме да ги искорениме преку делата на верата и уште поревносно ја кажуваме молитвата, сè додека да биде прифатена од умот, а тој да се наоѓа во постојано прво гледање на несоздадената светлина.

Посебно за молитвата сум ви говорел и порано. Во умот се обидуваме да ја кажуваме молитвата постојано, а таа за тоа време невидливо го чисти срцето од страстите. И кога преку подвигот на молитвата срцето доволно ќе се очисти, се пројавува благодатта дадена на Крштението, а молитвата заедно со умот се симнува во срцето. Тогаш умот во содејство со благодатта може слободно да дејствува внатре во срцето, чистејќи ги страстите (корењата на гревот) докрај.

Не значи сето ова дека во нашето срце, во процесот на очистување од страстите, нема еден дел што е добра земја, друг дел што претставува место покрај патот, трет дел што претставува каменито земјиште, и дел што претставува трње. Делот покрај пат значи дека немаме опит во подвигот. На пример: јас ви кажувам, но вие заборавате, затоа што поуката активно се памти само ако се спроведува во дело.

Лошо е што заеднички крај на сите ситуации со семето кое не паѓа на добра земја е немањето плод. За сите нас тој плод е умно-срдечната молитва. И воопшто, не може да стане збор за православен духовен живот, во права смисла на зборот, без дарот на молитвата во срцето. За православен духовен живот, како потенцијал, можеме да зборуваме и на првиот степен од духовниот развој, но само ако го восогласиме начинот на нашиот живот со тој степен.

mitropolit-naum-2„Кој има уши да слуша, нека чуе!“ Што значи: кој верува, нека го спроведе во дело кажаното и верата ќе ја претвори во знаење! Исто така, народната вели: не си ставај сам трн во здрава нога!

Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментар(1)

  1. Од срце благодарам и ќе се обидам барем ова да го запомнам: „поуката активно се памти само ако се спроведува во дело.“

Напиши одговор на Македонка Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *