Почетна Коментар Изгубената сериозност на Православието
Изгубената сериозност на Православието

Изгубената сериозност на Православието

267
1

Во овој момент на целата планета постојат петнаесет Православни цркви. Ако ги исклучиме четирите древни Патријаршии (Константинопол, Александрија, Антиохија и Ерусалим) Кипарската црква, сите останати влегуваат во истиот кош. Тие се „ќерки“ на Константинопол. Русија, Србија, Романија, Бугарија, Грузија, Грција, Полска, Албанија, Чешка и на крај Украина, за првпат во Константинопол „заплакаа“ како автокефални цркви и нивните први „пелени“ беа направени од пергамент, кој започнуваше со фразата „Патријаршиски и синодален Томос…“.

Но, зарем требаше Константинопол да „роди“ толку многу ќерки? И, конечно, овие ќерки се еднакви со Константинопол, Александрија, Антиохија и Ерусалим? Овие се две актуелни прашања со кои можеби во еден момент треба да се позанимава и самиот Константинопол и останатите древни сестри цркви. Но, сега прашањето е друго и се собира во еден збор… сериозност!

Сериозноста, поточно потрагата по неа, е нешто со кое треба да се позанимаваме сите во нашево време, а особено претстојателите на Православните цркви лично, кои – како што им изгледа на многумина во 2019 година од раѓањето Исусово – се обидуваат да го откријат тркалото. Доколку би говореле за некоја институција што е основана пред пет или десет години, би можеле многу работи да ги оправдаме. Да прифатиме дека, поради недостиг од претходно искуство, нема доволно вештина да се соочи со извесни прашања. Логично и фер. Но, кога институцијата е составена пред две илјади години, тешко е да некој да биде милостив.

Го пишувам ова, па нека изгледа и строго, зашто следејќи го сето она што се случува околу прашањето за Украина, чувствувам дека или јас не разбирам што гледам, или Православната црква ја има заборавено својата возраст. Забележувам еден гајтан околу ова прашање, што многу ме жалости, но и во голема мера ме разгневува. И како да не се разгневиш, кога гледаш дека, наместо сериозност и чисти муабети, се игра една „криенка“, под нивото на околностите, а играчи се последните што некој би очекувал да се однесуваат на овој начин.

Се ставивме во ситуација да броиме – како дежурни во класот – кој каде ќе оди, со кого ќе зборува, што ќе каже, како ќе го каже, што ќе мисли, за да разбереме дали конечно ја поддржува новата автокефална црква, Фанар, Москва или не знам кој друг.

Во Бугарија веќе неколку месеци имаат составено комисија која го разгледува прашањето. Во Чешка – една црква на чиј томос мастилото уште не се има исушено (1998 г.) и со паства колку парохјаните на црквата „Свети Пантелејмон“ во Атина – велат дека имале приговор. Во Атина за да решиме треба да се собере Соборот на јерарсите, а во Полска, исто така нова црква, размислуваат. Што се однесува до Кипар… не се плашат дека прашањето ќе се „збајати“. Од друга страна, древните цркви чекаат да видат што ќе направат другите.

Јасно е, значи, дека црквите од нешто се плашат. Но, што е тоа од што се плашат? Некој луд римски император од типот на Нерон, кој се заканува дека ќе ги запали? Се плашат од некој атеистички режим од типот на Хоџа, кој се заканува дека ќе ги руши? Од што се плашат?

Во годината 2019, Православните цркви се плашат да ја признаат новата црква, зашто не сакаат да ја вознемират својата најнервозна сестра, Москва! Црквата која, додека се искачуваше на сопствената Голгота, сите останати побрзаа да ја поткрепат.

Вистината е дека Црквата има поминато низ многу бранови, но после расколот меѓу Истокот и Западот, првпат се случува брановите да не се создадени од некој туѓ ветар, туку од еден член на посадата. А останатиот дел на посадата, наместо да направи нешто за да запре бурата, се има затворено под палубата со надеж во… ни јас не знам што.

Ова не е сериозна слика.

Не е возможно цел свет да се става во ситуација да брои глави на родендените и на јубилеите на светиот Московски, за да види во кој правец оди Православието. Не е можно главна вест да биде дали светогорците ќе одат во Киев, или дали Ерусалимскиот примил или не примил некого. Ако бевме комшивки што собираат материјал за кафе-муабет зад своите подзатворени ролетни, сè ќе беше совршено, но се почитуваме самите себе си и не можеме повеќе да издржиме. Православната црква и претстојателите на помесните Цркви се должни да се подигнат на нивото на околностите. Овде се пишува историја…

Пишува: Андреас Лударос (новинар, главен уредник на orthodoxia.info)

Коментар(1)

  1. Bravos… No Eden problem, konstantinopol bacuva raka na papa rimski… Predavstvo

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *