Почетна Коментар Избор (втор дел)
Избор (втор дел)

Избор (втор дел)

411
0

Мачеништвото, монаштвото и јуродивството (лудост) заради Христос се трите најекстремни начини на одрекување од овој паднат свет, и затоа – начини на живот што најбрзо и најблиску го соединуваат човекот со Бог. Затоа, најчесто кај овие подвижници, како што вели и светиот Јован Лествичник, можеме да ги забележиме изобилно излеани сите дарови Божји на обожението: и непрестајната умно-срдечна молитва, и гледањето на несоздадената светлина, и грабнувањето на умот, и телото духовно, и дарот на чудотворство, и љубовта и кон непријателите.

Овие три начини на христијански живот заемно се проземаат и во суштина се неразделни. Маченикот е речиси секогаш монах (сам) и јуродив. Вистинскиот монах е речиси секогаш јуродив и маченик. Јуродивиот е речиси секогаш маченик и монах. Дали Светиот Дух – Кој го поттикнува и му дава сила на човекот од љубов кон Христос екстремно да се одрече од овој свет – ќе ја преточи таа негова љубов во маченички, јуродив или монашки подвиг, зависи од историските потреби и околности во кои се наоѓа Црквата, како и од човековиот слободен избор.

И житијата на сите свети, а посебно на светите маченици, во основа се само незамолчливи сведоштва на екстремното одрекување од овој свет, кои постојано ја будат заспаната христијанска совест низ вековите. На пример, маченикот, при полна и здрава свест, се одрекува од самиот себе и од сè свое, претпочитајќи ги дури и телесните измачувања и самата смрт, само за да не се одрече од својот Господ Христос и за да не Го изгуби: „Кој се одрече од Мене пред луѓето, ќе се одречам и Јас од него пред Мојот Отец Небесен“ (Матеј 10, 33). Читајте ги и ќе видите.

А што видовме ние во денешното евангелско четиво (види: Лука 14, 16–24)? Видовме луѓе заробени од своите страсти – за човечка слава и власт, за пари и имот, за телесни задоволства, и кои заради задоволување на истите – се одрекоа од Богочовекот Христос и од Неговата Тајна вечера, односно од светата Причест. Зарем не се случува истото одрекување од Христос и денес, насекаде околу нас? Зарем не ја забележуваме истата млака и непостојана борба и со страстите внатре во нас?

Да не ме сфатите погрешно, не ви зборувам против задоволувањето на основните потреби за живот, ниту против законското стекнување имот, ниту против бракот, туку ви зборувам против гревот и против претворањето на даровите Божји во цел сами по себе, во идоли. Богочовекот Христос е целта на христијанскиот живот, а даровите Божји се само средства преку кои се остварува таа цел – како што објаснив и во минатонеделната беседа. Затоа, одрекувањето од задоволувањето на нашите гревовни страсти, а заради влегување во спасителна заедница со Богочовекот Христос – во Црквата, ни останува како единствен избор на покајание и спасение.

И мало потсетување, во пресрет на големите празници, а во контекст на погоререченото. Бадниковите гранчиња не се обичај на МПЦ–ОА, ниту на која било друга Православна Црква, освен на СПЦ. Исто е и со ставањето на паричка на Бадник (се става на свети Василиј или т.н. Стара Нова Година), како и со славата и славскиот колач (наместо тоа, правилно е именден и петолебие). Практикувањето туѓи обичаи е идентитетско прашање, така што – секој сам нека избере што е. Мене тоа не ми пречи, но должен сум да кажам – поради тоа што ние од СПЦ бараме автокефалност.

naumХристовото Рождество не е некаков празник на семејството, туку, нормално, после црква го празнуваме и во семејството. Во таа смисла, и бадниковата семејна вечера нема никаква врска со христијанското предание, ако поради неа ја изгубиме светата Причест. Палењето огнови со нарушување на постот и пеењето недолични песни (меѓу кои и Коледе леде) воопшто не е христијански обичај. Каков е, нека му мисли тој што го прави. Она што сигурно е грев, е да оставиме многу семејства во Р. Македонија без огрев и храна преку зима, а сме можеле да им помогнеме. Помогнете им и ќе видите каква радост тоа дело на милосрдие ќе ви донесе.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *