Почетна Анализа ИВЗ под опсада, во тек игри за тронот
ИВЗ под опсада, во тек игри за тронот

ИВЗ под опсада, во тек игри за тронот

237
0

Втората по големина верска заедница во Македонија повторно се соочува со внатрешен обид за превласт, откако во 2015 година не помина сценариото за смена на поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи. Овој пат во целата ситуација е инволвирана и државата, односно судската власт. Имено, надлежниот суд донел одлука за промена на првиот човек на ИВЗ, врз основа на поднесена документација до судот. Од друга страна, од ИВЗ велат дека се работи за фалсификувани документи.

Актуелниот поглавар на ИВЗ, Сулејман Реџепи, вчера остана во својот кабинет, откако највисокото тело во ИВЗ, Ријасетот, на вонредна седница му даде целосна поддршка. Спротивно, поранешниот секретар на скопското муфтиство Скендер Бузаку, кој според одлуката на судот е нов поглавар на ИВЗ, очекуваше примопредавање на функцијата.

Судот донесе решение по барањето на ИВЗ за промена на поглаварот

Од Основниот суд Скопје 2 вчера соопштија дека сѐ е во рамките на законот и процедурите. Имено, Основниот суд Скопје 2 не изврши промена, туку ги потврди и спроведе одлуките на верската заедница (ИВЗ) што се донесени на вонредна седница на Ријасетот, а врз основа на членот 36 и членот 68 од Уставот на Исламската верска заедница.

– По однос на прашањето на дел од медиумите дали неотповикливата оставка на реис-ул-улема Сулејман Реџепи е фалсификат или не, известуваме дека тоа може да биде предмет на друга постапка. Во постапката, во согласност со Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, судот само врши потврда на одлуките донесени од верската заедница и ги изразува во решение за промена.

Наведеното до толку повеќе што сите одлуки во барањето за промена на реис-ул-улема се со печат на верската заедница и заведени под деловоден број на заедницата – објаснуваат од судот.

Оттаму велат дека врз основа на поднесена неотповиклива оставка на реис-ул-улема на Исламска верска заедница, Сулејман еф Реџепи, примена на 25.3.2019 година и заведена под бројот 15-13/174, Ријасетот на ИВЗ на РМ на 30.3.2019 година одржал вонредна седница на која е прифатена оставката на досегашниот реис ул улема и на истата седница за реис ул улема е избран Скендер Бузаку.

– Врз основа на донесените одлуки на Ријасетот на Исламската верска заедница, на 3.4.2019 година, до Основниот суд Скопје 2 е поднесено барање за промена на лице за застапување на Исламската верска заедница. Постапувајќи по поднесеното барање, Основниот суд Скопје 2 на 17.4.2019 година донесе решение со кое барањето на Исламската верска заедница за промена на вршење на функцијата реис-ул-улема е уважено и врз основа на поднесените документи е извршена промена на функцијата реис-ул-улема, па како реис-ул-улема е запишан Скендер Бузаку. Наведената одлука за промена на вршител на функцијата реис-ул-улема не е правосилна, односно за неа во тек се рокови за жалба од 15 дена – соопштуваат од судот.

Бузаку тврди дека е нов поглавар на ИВЗ и според државата и според Ријасетот

Скендер Бузаку, пак, најави дека нема да прави тензии и дека нема со насилство да ја преземе функцијата во ИВЗ, туку тоа ќе прави по институционален пат.

Бузаку вели дека има решение од судот и дека „е правосилно и објавено во ’Службен весник’“, со што, како што рече, „Реџепи практично нема право на жалба“.

Според Бузаку, моментно објектот на ИВЗ е под окупација. Тој рече дека денеска прво ќе побара асистенција од полицијата за да влезе на своето работно место, а истовремено ќе упати барање до финансиската полиција да изврши проверка во работењето на ИВЗ и да ја утврди фактичката состојба.

Бузаку додава дека ништо не се решава со тензии и дека тој не е тука за да навредува некого, туку да шири љубов, да ги сплотува луѓето и да ја извршува мисијата на ИВЗ.
Тој вели дека ИВЗ не смее да се меша политиката, затоа што ИВЗ не е политичка партија туку верска заедница.

Управата за финансиска полиција вчера добила пријава со барање за финансиска контрола во ИВЗ.

Од ИВЗ најавуваат жалба и тужби за сите постапки со кои е направена повреда на верската институција. Оттаму се огорчени од овој примитивен скандал.
– Не може извршната власт или кој било друг да решава за избор на првите луѓе на Ријасетот. Избор на нов реис се спроведува со избори во Ријасетот, а сѐ друго може да доведе до анархија. На другите верски заедници им е овозможено мирно да работат, а зошто властите не ѝ даваат спокојство на ИВЗ. Бузаку е отпадник од ИВЗ – соопшти поглаварот Сулејман Реџепи.

Комисијата за односи со верските заедници нема став, бидејќи „не располага со
релевантни информации“

Од Комисијата за односи со верските заедници велат дека не се во можност ниту да се осврнат и да кажат став во однос на предметните случувања со Исламската верска заедница, бидејќи не располагаат со соодветни релевантни информации ниту од страна на судот ниту од страна на верската заедница.

– За настанот сме запознаени само преку медиумите. Се работи за внатрешни прашања на верската заедница, за кои апелираме да се решаваат со заемно разбирање, во согласност со позитивноправните прописи и во интерес на верниците – соопштуваат од комисијата.

Оттаму реагираат на изјавата на поглаварот Реџепи, во која го обвинува директорот на Комисијата за односи со верските заедници, Даријан Сотировски, дека е вмешан во последните случувања во Исламската верска заедница, како и на обвинувањата и навредите што биле упатени и за заменик-директорот на комисијата, Зеко Абази.

– Сакаме да упатиме остар демант и јасна порака дека комисијата и нејзиното раководство на ниту еден начин не се вмешани во последните случувања и превирања во ИВЗ. Задржувајќи го личното и институционалното реноме на високо ниво, воопшто нема да се впуштаме во понатамошна комуникација со лични дискредитации и инсинуации. Ова беше непримерен чекор за изнесување клевета – соопштуваат од комисијата.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *