Почетна Анализа ИВЗ како темпирана бомба
ИВЗ како темпирана бомба

ИВЗ како темпирана бомба

258
0

Нов обид за превласт врз институцијата што го организира верскиот живот на муслиманите во Македонија, сериозен внатрешен интраконфесионален конфликт или однадвор смислена стратегија за одржување на тензијата во втората најголема верска заедница во земјава?!

Сите овие дилеми повторно излегуваат на површина и бараат одговор на суштинското прашање што, всушност, се случува во ИВЗ и колку овие игри за тронот може да влијаат врз убедувањата, верските чувства и однесувањето на муслиманските верници во земјава?

Дали ваквата наелектризирана состојба може да влијае и на етничката и верската кохезија меѓу граѓаните, па дури и да се прелее и негативно да влијае на севкупните состојби и на стабилноста на државата?!
Изминативе неколку години во ИВЗ, како по правило, во одредени временски периоди се случуваат турбулентни процеси, и тоа речиси по правило во осетливи периоди на крупни политички превирања или одлуки за државата.

Последниот таков случај доаѓа по пауза од неколку месеци, сега повторно се активира барањето за смена на поглаварот Сулејман Реџепи, но овој пат со закани за „бомби“ што треба да откријат тежок криминал, а ги најавува Скендер Бузаку, поранешниот секретар на скопското муфтиство, кој во април тврдеше дека тој е легитимен поглавар на ИВЗ, откако наводно Сулејман Реџепи поднел оставка на функцијата.
Јавноста очекува одговори зошто токму сега се актуализираат повторно овие случувања и за какви докази за криминал станува збор. Од ИВЗ, пак, велат дека ова сценарио многу личи на политичкото сценарио од случајот „Рекет“.

Бузаку се заканува со бомби, ИВЗ препознава рекет

Бузаку, кој пред извесен период тврдеше дека Реџепи поднел оставка на функцијата и дека тој е легитимно избран реис-ул-улема, на денот кога во Јавното обвинителство муфтиите ги депонирале своите изјави за фалсификат на документацијата му постави ултиматум од 72 часа на Реџепи да ја напушти ИВЗ, во спротивно му се закани со објавување скандалозни информации во јавноста.

– зградата на ИВЗ, во спротивно ние ќе објавиме страшни докази, а во нив има тешки кривични дела сторени од него – вели Бузаку.
Тој не прецизира за какви докази и информации станува збор, но вели дека досега не го сторил тоа поради општата ситуација во државата, односно заложбите за влез во ЕУ и во НАТО.

Од друга страна, пак, Исламската вреска заедница препознава случај на рекетирање во оваа последна изјава на Скендер Бузаку, споредувајќи го неговото дејствување со случајот „Рекет“.

– Уште пред да стивнат аферите „Рекет 1 и 2“, во јавноста излезе некојаси афера, „Рекет 3“, која се одвива јавно пред камерите и медиумите контролирани од Владата. Во првата афера, на перфиден начин, Боки 13 рекетираше разни бизнисмени со „полициски“ материјали за да платат тие одредени суми или во спротивно ќе бидат објавени. Оваа афера за која зборуваме е малку пософистицирана. Главен протагонист, како во случајот со Боки 13, е Скендер Бузаку, кој во присуство на медиумите излегува и му се заканува на реис-ул-улема на ИВЗ давајќи му ултиматум дека ако не поднесе оставка, ќе бидат објавени криминални материјали, велат од ИВЗ.

Според нив, на 1 октомври Скендер Бузаку требало да биде приведен, а не да му се дозволи да настапи јавно и да му се заканува на еден верски лидер.
На обвинувањата од Бузаку, за наводен криминал, од ИВЗ велат дека тие им стојат на располагање на институциите да се проверат сите наводни обвинувања.
– Ако има такви работи, има надлежни институции. Ниту не бегаме, ние сме тука, и не бегаме од нашето работење. За сѐ што сме работеле, ние имаме одговорност, можат да одат да проверат и во обвинителството и во МВР, ние сме одговорни луѓе – вели Муарем Вејсели од ИВЗ.

Сомнеж за смислено сценарио

Верскиот аналитичар Бранко Ѓоргевски, пак, смета дека во целата ситуација со ИВЗ, со својата инертност придонесоа и институциите на државата, кои за овој период не успеале да откријат дали има фалсификување документација и да го расчистат случајот. Таквата неажурност на институциите, пак, остава простор ИВЗ да се доживува како општествено невралгично жариште, дури и како „темпирана бомба“, бидејќи, сепак станува збор за најголемата верска институција, која обединува над 99 отсто од муслиманите во државата. Од друга страна, пак, Ѓоргевски вели дека однесувањето на Бузаку преку ултиматуми е неприфатливо.

– Помина подолго време, а јавноста не дозна дали документите што Скендер Бузаку ѝ ги покажа на јавноста и врз основа на кои тој е запишан како претседател на ИВЗ, се вистинити или не? Не можам да поверувам дека државните институции не можат да утврдат што е вистина а што не? Од друга страна, во ситуација кога Бузаку сѐ уште фигурира како претседател на ИВЗ, а што е заведено и во „Службен весник“, гледаме како реисот Реџепи сѐ уште раководи со ИВЗ, како се среќава со премиерот и други државни функционери, се кани на прослава на 8 Септември. Зошто државата има таков двоен однос? На таков начин само се одржува тензијата во ИВЗ, што не е добро. Или, тоа и беше сценариото, да се држи реисот Реџепи во неизвесност дали еден ден може да биде исфрлен од својот кабинет со полициска асистенција врз основа на документите на Бузаку. Такви игри и сценарија не се добри ни за стабилноста на државата, сепак е тоа влијателна, втора по бројност, верска заедница во земјава -вели верскиот аналитичар.

Ѓоргевски смета дека преголем ризик е да се користат верските институции за некаква дневна политика и да се игра на картата на верските чувства.
– Дали државните институции извлекоа поука од овој случај, во смисла дали најдоа механизам за проверка и одбрана од фалсификувани документи? Или утре ќе им дојде некое лице што ќе достави документи дека е поглавар на МПЦ и тие веднаш ќе го запишат во регистарот и ќе го објават тоа во „Службен весник“? Време е случувањата во ИВЗ да добијат свој епилог – ако имало криминал и фалсификати, доказите за тоа веднаш да се објават во име на мирот во општеството, бидејќи верските заедници тешко забораваат и простуваат некои работи – вели Бранко Ѓоргевски.

Состојба на постојани тензии

Ова не е единствен тензичен случај во ИВЗ. Јавноста го памети и настанот кога пред неколку години поранешниот генерален секретар на ИВЗ, Африм Тахири, заедно со раководството на скопското муфтиство упадна во просториите на ИВЗ, тврдејќи дека тие се легитимно раководство. Тензијата траеше неколку дена. Слични вакви состојби имаше и пред повеќе од пет години, кои резултираа и со физичка пресметка во една од џамиите во Скопје. Тензиите во ИВЗ, претежно мотивирани од намерата за превласт, беа најизразени во 2004 година, кога во еден период беа сменети двајца поглавари на ИВЗ, а по изборот на Сулејман Реџепи состојбите еден период беа смирени.
Во јавноста, ИВЗ многупати беше поврзувана и со дневната политика, особено во клучни политички периоди. Последен пат тоа се случуваше за време на референдумот за Преспанскиот договор. Критики на сметка на поглаварот дека прави политички влијанија имаше и за време на неколку изборни циклуси, последните претседателски, но особено за предвремените парламентарни избори во 2016 година.

Хомофобична и неприфатлива изјава на поглаварот Реџепи

На доделувањето халал-сертификати, вчера од поглаварот Сулејман Реџепи беше побаран коментар за ултиматумот на Бузаку.
Првиот човек на ИВЗ имаше краток одговор.
– Ние сме тука за друга работа. Не се занимавам со геј. Гејовите треба да бидат надвор од ИВЗ – порача Реџепи.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *