Почетна Вести Иванов-Паролин: Меѓусебно почитување и искрено пријателство меѓу Македонија и Светиот Престол
Ivanov i parolin 6

Иванов-Паролин: Меѓусебно почитување и искрено пријателство меѓу Македонија и Светиот Престол

154
0

Севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Светиот Престол, како и тековните иницијативи во насока на продлабочување на меѓусебната соработка, биле теми на разговор меѓу македонскиот претседател Ѓорге Иванов и државниот секретар на Ватикан, кардинал Пјетро Паролин, кој престојува во официјална посета на нашата земја.

Претседателот Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, изразил задоволство од реализирањето на посетата на кардиналот Паролин на Република Македонија, во годината кога Македонија одбележува значаен јубилеј, 1100 години од упокојувањето на големиот ученик на Светите Кирил и Методиј, македонскиот патрон Св. Климент Охридски.

– Вашата посета, не само што ми овозможува да Ви го возвратам извонредното гостопримство, кое ми беше укажано за време на мојата официјална посета на Ватикан минатата година, туку претставува и своевидна потврда за силната поврзаност, меѓусебното почитување и искреното пријателство меѓу Република Македонија и Светиот Престол, му пренел Иванов на Кардиналот Паролин.

Македонскиот претседател ја поздравил одлуката на Ватикан за прогласувањето на Мајка Тереза за Светица, нагласувајќи дека овој чин е од особена културна и историска важност за Република Македонија и истакнал дека Македонија ќе се вклучи во одбележувањето на Канонизацијата на Мајка Тереза со повеќе активности. Воедно, како што соопштува неговиот кабинет, претседателот Иванов искажал благодарност за поддршката од ватиканските власти во успешната реализација за поставување на спомен-плочата во чест на Светите Кирил и Методиј, во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим.

-Посочувајќи дека нашата држава има длабока традиција на почитување на различните верски чувства, претседателот Иванов ја истакна плодната соработка со Католичката црква и нејзината конструктивна улога како столб на меѓунационалната и меѓурелигиска коегзистенција, стои во соопштението од претседателскиот кабинет.

Македонскиот претседател искажал задоволство од соработката меѓу Државниот Архив на Македонија и Тајниот Архив на Ватикан, како и од можноста за проучување на архивските збирки на Светиот Престол, а поврзани со историјата на Македонија.

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *