Почетна Вести Христијанство Иванов: Jа празнуваме потврдата на постоењето на црквата во Македонија во ликот на народната Охридска архиепископија
Иванов: Jа празнуваме потврдата на постоењето на црквата во Македонија во ликот на народната Охридска архиепископија

Иванов: Jа празнуваме потврдата на постоењето на црквата во Македонија во ликот на народната Охридска архиепископија

192
0

Претседателот на РМ и покровител на манифестацијата за одбележување на илјадагодишнината од формирањето на Охридската архипепископија, Ѓорѓе Иванов, истакна дека славајќи го големиот јубилеј треба да сме свесни на фактот што самата новела на византискиот император Василиј II посветена на славната Охридска Архиепископија ја констатира историската реалност дека во Македонија веќе постоела организирана црква со црковна ерархија, црква која произлегувала од верниците христијани, црква произлена од народот и која постоела заради народот.

– Охридската архиепископија во 11. век не била нова садница на македонската почва, туку само една гранка на постарата народна црква на Самоиловата држава. А таа народна црква ја сочинувале учениците на првиот словенски епископ, свети Климент Охридски. Тој најголем ученик на светите Кирил и Методиј го заокружил неколкувековното ширење на христијанството во македонските склавинии. Но, и тоа не е почетокот на црквата во Македонија. И тоа е само една гранка од разгранетото христијанско стебло – рече меѓу другото Иванов.

Претседателот уште посочи дека сите историски збиднувања многу јасно укажуваат на фактот оти Христијанството во Македонија не го донел ниту Василиј, ниту Самоил, ниту Климент и Наум Охридски, ниту Кирил и Методиј, ниту Јустинијан, ниту Еразмо Охридски…Христијанството во Македонија го донел апостолот Павле.

– И сето тоа не враќа на стеблото што ги држи сите гранки, од апостолите во првиот век, па се до нас во 21 век. А тоа стебло, таа вистинска лоза е Исус Христос. И токму поврзаноста и зависноста на гранките од лозата ја објаснува издржливоста, жилавоста и истрајноста на Христовата црква во Македонија до ден денес – истакна тој.

Претседателот Иванов уште потсети дека низ вековите црквата во Македонија се соочувала и со прогони и со просперитет, носела различни имиња, нејзиниот статус бил унапредуван и смалуван, епархиите и биле придодавани и одземани, нејзината диецеза била проширувана и стеснувана, разни владетели ја потврдувале и ја забранувале, опстојувала и во време на императори-пагани, цареви-христијани и султани-муслимани.

– Но, без разлика на сето тоа, таа била и останала плодоносна гранка на вистинската лоза, на Исус Христос. Гранка која низ вековите ја пренесувала надежта за вечност со Бог. И токму поради таа надеж, луѓето, независно од нивната етничка, социјална, јазична припадност биле толку многу приврзани кон својата црква. Толку приврзани што ниту најмоќниот човек на најмоќната империја на 11. век, византискиот император Василиј II, не се осмелувал да ја укине. Туку ја потврдил, ја проширил и ја заштитил. И тоа е чинот што ние денес го празнуваме. Денес ја празнуваме потврдата на постоењето на црквата во Македонија во ликот на народната Охридска архиепископија, рече Иванов.

Што се однесува на актулните околности и современието, Иванов рече дека од денот на независноста, Македонската православа црква го преживува сето она низ што минувала и низ што се уште минува Република Македонија, години исполнети со блокади, изолации и непризнавње кои создаваат кризи, кризи што предизвикуваат поделби наместо сплотеност, цинизам наместо добронамерност, сеирџиство наместо солидарност и омраза наместо љубов, губење на умереноста, трпеливоста, чесноста, добрината, човечноста.

– Во вакви сложени услови Македонската православна црква се соочува со двоен предизвик, првиот да остане верна на изворната христова порака и вториот да биде општествено релевантна…Во услови на девалвација на човековите права и слободи и вроденото човечко достоинство црквата е исправена пред огромна задача. Таа треба да биде гласна совест на општеството и конструктивен критичар на државата. Да биде промотор на социјална правда, квалитетно здравство и воспитание и образование кои се мерило на успешноста на една држава. Црквата треба да биде втемелувач на добрите навики на срцето, да ја брани светоста на бракот и уникатноста на семејството. Во време на морален релативизам, Црквата треба бескомпромисно да опстојува на моралните и етичките апсолути. Во период кога се обезвреднува човекот, Црквата треба да се стави во заштита на непроценливата вредност и неотуѓивото достоинство на секој човек – рече меѓу другото претседателот Иванов.

/Plusinfo.mk

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *