Почетна Вести ИВАНОВ: Ако сакаме мир, мора да градиме соживот
ИВАНОВ: Ако сакаме мир, мора да градиме соживот

ИВАНОВ: Ако сакаме мир, мора да градиме соживот

159
0

Меѓурелигискиот дијалог за кој се залагаме има за цел почитување, а не надминување на различноста, бидејќи целта на дијалогот е да ни помогне да живееме со нашите најдлабоки религиски разлики, без да ги занемаруваме или надминуваме тие разлики.

Ова е пораката што ја упати претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Рим, каде учествува на 7. Состанок на високо ниво во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ и Италијанското друштво за меѓународни организации – Иницијатива за Глобален дијалог во мултиполарен свет.

Пред своето обраќање на конференцијата на тема „Одговор на радикализацијата и екстремизмот преку меѓурелигиски дијалог“, претседателот Иванов остварил средба со претседателот на Италијанскиот Сенат, Пјетро Грасо, соопшти денеска неговиот кабинет.

Македонскиот претседател во обраќањето истакна дека доколку сакаме да имаме мир во светот мора да градиме соживот, односно заемно да се почитуваме и да ги прифаќаме своите различности. Иванов порача дека преку искрен дијалог треба да се запознаваме и да го почитуваме различниот.

– Наместо да се придвижиме кон поголема отвореност, кон унапредување на човековите права и слободи ние, во втората деценија на 21 век, се враќаме два чекори наназад. Во страв и затвореност, кои носат уште подлабоки поделби и уште поголем страв, истакна Иванов, додавајќи оти обединета Европа денеска има повеќе ѕидови отколку што поделена Европа имаше за време на Студената војна.

Како причина за ваквата состојба претседателот Иванов ги наведе злоупотребата на религијата, двојните стандарди, игнорирањето на меѓународното право, како и глобалниот непоредок.

Интеграцијата со асимилација, сиромаштијата и отсуството на подлабоко значење и припадност кон западниот свет, се трите главни причини кои ги посочил Иванов за современиот радикализам и екстремизам.

Она што го отежнува меѓурелигскиот дијалог, рекол Иванов, е злоупотребата на религијата од страна на државните актери кои ја користат нејзината моќ за да издејствуваат прифаќање на нивните позиции.

– Наспроти нашите залагања за единство во различноста стојат оние кои сакаат единство преку еднообразност. Нетрпеливоста, ксенофобијата и исклучивоста во светот се многукратно зголемени. Оттука, и потребата за дијалог е многукратно поголема, порача македонскиот претседател.

Претседателот Иванов нагласил дека наместо да се обидуваме различните религии да ги вметнеме во рамка што сами сме ја конструирале, многу подобро е да оставиме простор за слобода на изразувањето на различноста, во кој ќе градиме заемна доверба како еднакви според правата и должностите.

– Во Македонија имаме вековен соживот меѓу христијаните, муслиманите и Евреите. И тоа не ги направи христијаните помалку христијани, муслиманите помалку муслимани, ниту пак Евреите помалку Евреи. Напротив, сите станаа побогати со тоа искуство, потенцирал Иванов  и ги посочил активностите на Македонија на полето на меѓурелигискиот дијалог на регионален и меѓународен план.

Во тој контекст претседателот Иванов потсетил дека Македонија годинава ќе биде домаќин на четвртата Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

Покрај македонскиот претседател Иванов, на конференцијата во Рим учествуваат бугарскиот претседател, Росен Плевнелиев, поранешниот претседател на Италија, Џорџо Наполитано, поранешниот министер за надворешни, Франко Фратини, како и поранешните претседатели на Романија, Емил Константинеску, на Полска, Бронислав Коморовски, на Хрватска, Иво Јосиповиќ и на Србија, Борис Тадиќ.

Вечерва, македонскиот претседател ќе присуствува на приемот кој за учесниците на конференцијата го приредува претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.

На претседателот Иванов ќе му биде врачено посебно признание  од страна на копретседателите на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“, Ваира Вике-Фреибергаи Исмаил Серагелдин.

Учеството на претседателот Иванов на овие настани, стои во соопштението од неговиот кабинет, е резултат на неговата посветеност во остварувањето на целите на Алијансата на Цивилизациите на Обединетите нации како и на одличната соработка со Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ и Италијанското Друштво за меѓународни организации – Иницијатива за Глобален дијалог во мултиполарен свет. Претходно македонскиот претседател има учествувано на конференциите во Баку, Софија и Рим

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *