Почетна Анализа Исус пред судот и пред системот
Исус пред судот и пред системот

Исус пред судот и пред системот

230
0

Судењето и распнувањето на Исус Христос, без оглед дали се вистински настани, несигурна (ре)конструкција или легенда, секако, се една од клучните точки во историјата на западната цивилизација, во многу нешта темелни одредници за нејзиниот подоцнежен развој. Оваа тема е долго предмет на истражување и различни гледишта, библиски, антрополошки, општествено-историски, а во тие рамки и од правен аспект, зашто во тој процес се судриле две права – еврејското и римското, домашното со странското. И по кој правен систем, по чие право е осуден со таква казна? Прашањето ги надминува историските, географските, културолошките и други разлики меѓу правниците и теолозите. Деталите за судењето се наоѓаат во Евангелијата од Новиот завет. Не се малку оние што ги оспоруваат вистинитоста и историчноста, не веруваат во чудата опишани во нив, но кој може да тврди дека тие не се случиле, кога и денес се случуваат чуда.

Исус бил обвинуван по повеќе точки, иако ниту една од нив не била докажлива, ниту на крајот докажана. Најнапред бил обвинет за хулење на Бог и кршење на верските закони, потоа за пропагирање лажно месијанство, за критика на верските водачи, за уривање на даночниот систем, проповедање лажно учење (лажен учител и самонаречен пророк), за создавање и учество во тајно злосторничко здружение и формирање илегална организација, за повик и учество во побуна против римскиот цар, за закана за уривање на главниот храм, за недозволено лекување во сабота, за напад врз трговците и некои помалку важни недозволени дела. На крајот, бил обвинет поради тоа што, како одговор на некои од прашањата од судиите, неколкупати рекол дека е цар на Евреите.

На Исуса, по апсењето, за кратко време, во рок од четириесетина часа, му се судело низ два суда, по материјалните норми на два правни система, по традиционалните непишани закони и низ неколку инстанци, што би се рекло со денешниот јазик. Немало назначен обвинител, ниту пак специјален, зашто му се судело како и на секој друг граѓанин. Најнапред, откако бил предаден од Јуда Искариот, Исус бил доведен пред Синедрионот, највисокиот еврејски суд, во чија надлежност биле управните и судските работи од национален интерес и тешките кривични дела. Уште однапред се знаело дека ќе биде осуден, во прашање било со каква казна. Тука од началниците била поставена клучната дилема, преку барање одговор на прашањето: „Дали е подобро еден човек да умре (да биде погубен) за доброто на народот (во име на народот) или е подобро цел народ да настрада ако тој остане жив?‘‘. Таа дилема дали некој да се ликвидира е жива до денес во политичкиот живот при решавање одредени ситуации, особено кога се чувствува загрозеност на националните или државните интереси, од некој поединец или од организирана група.

Од Синедрионот, кој користел и подметнувања и лажни сведоци за да ја спроведе својата крајна замисла, Исус е осуден на смрт поради хулење. По Мојсеевите закони оној што хули на Бог (и кон власта, зашто власта се сметала за дадена од Бог) заслужува смртна казна што би била извршена со каменување. Бидејќи во тоа време Јудеја била под власта на Римското Царство, домашните судови го задржале правото да изрекуваат, но го загубиле правото да извршуваат смртни пресуди. Не постоела таканаречена „капитална јурисдикција“ на врховниот еврејски суд. Од страна на Римјаните бил ограничен неговиот суверенитет и сведен само на надлежности на помалку тешки деликти. Наоѓајќи се во безизлез, еврејските главешини барале друг пат и начин да може да го погубат Исуса.

Бидејќи било неопходно римскиот суд да ја потврди, а потоа и да ја изврши смртната пресуда, еврејските обвинители го однеле Исуса кај Понтиј Пилат, римски намесник во Јудеја, управител и главен судија. Во Пилатова надлежност биле обвинуваните за велепредавство и за поттикнување побуна против Римското Царство, како и за други сериозни политички престапи. Пилат на почетокот не се нафаќал да пресудува, дури рекол дека не гледа никаква вина во искажаните обвиненија, а особено не за смртна казна. Настојувајќи да се извлече, Пилат го пратил Исуса кај царот Ирод Антипа, цар на Галилеја, кој тогаш престојувал во Ерусалим, а можел да суди бидејќи и Исус родум бил Галилеец, од Назарет. Но и Ирод, по долг дијалог со обвинетиот, не нашол никаква вина кај него. Напротив, му облекол светла одежда, во знак на неговата невиност.

Еврејските свештеници, видни луѓе и обвинители не отстапувале од намерата, барајќи правна основа за неа. Повторно се обратиле кај Пилата, кој уште неколкупати се обидел да го „извлече“ Исуса, или да му даде помала казна, но инсистирањата и притисоците од еврејските обвинители биле големи. Сепак, Пилат во своите калкулации гледал да не дојде во судир со нив, сакал на некој начин да им угоди, за да ги зацврсти своите позиции како управител на провинцијата, да ги зачува своите лични, но и римските интереси. Иако знаел дека под секакво достоинство на еден судија е да се спушти толку ниско и да разговара со обвинителите за тоа со каква казна да се казни обвинетиот тој го прифатил тоа.

Понудил компромисно решение: на јавен собир, покрај Исуса, претставен како разбојник, извадил еден обвинет за убиство и побарал насобраниот народ да реши кого од двајцата да ослободи. Насобраната маса се изјаснила да биде ослободен Бараба. Иако Пилат двапати го повторил прашањето, подзапалениот народ ја барал главата на Исуса викајќи: „Распни го, распни го“. Конечно, Пилат ја донел одлуката, но пред тоа зел вода, си ги измил рацете пред народот и рекол: „Јас сум невин за смртта на овој човек“.

На еден или на друг начин, сите учесници во процесот против Исус настојувале да си ги измијат рацете, да се оградат од извршувањето на смртната казна, наоѓале изговори да не го сторат тоа тие, туку некој друг, да не сносат одговорност за крвта на невин човек. Сите невини, никој одговорен, а Исус сепак распнат на крстот, на кој била закачена плочка на која на еврејски, грчки и на латински јазик било напишано: „Исус Назареецот цар јудејски“. По правило на крстот се приковувала плочка на која била испишувана вината. На основа на напишаното, може да се заклучи дека Исус на крајот бил осуден за навреда на царот и за велепредавство. Исус бил осуден врз основа на сопственото тврдење дека е цар, а по римските закони за тој „вербален деликт“ не можело да му се суди, односно би било спротивно на одредбите на римското право. Имајќи ги предвид сите сложени околности од тој процес, до денес траат полемиките кој, всушност, го осудил Исуса – Евреите или Римјаните.

Во рамките на правните и јавните аспекти за текот на судењето на Исус, меѓу другото, останува запишано впечатливото сведоштво за променливоста и лажовноста на јавното мислење, за расположението и однесувањето на народот подложен на дезинформации и манипулации. Познато е дека Исусовата популарност станала голема, од ден на ден добивал сѐ поголем број приврзаници и следбеници. Таа достигнала врв кога тој влегувал во Ерусалим, кога бил пречекан од илјадници како новиот спасител, закитуван со цвеќиња, поздравуван со радосни восклици „да живее, да живее“ и кога секој што му верувал сакал да се поздрави, да го допре.

Само три-четири дена подоцна, истиот народ што го славеше Исуса и тргна по неговиот пат, сега собран пред Пилатовата судница, под влијание на своите лидери и свештеници, кои знаеја да ја искористат психологијата на масата, бесно ја бараше неговата смрт.
Не треба да се докажува дека ниту еден историски настан не повлијаел толку на историските текови како пресудата извршена над Исуса. Парадоксално и речиси необјасниво, неговото распнување стана основа за неговото учење, за новата вера, која се рашири низ целиот свет и чие име и дух живеат повеќе од две илјади години во учењето што го оставил зад себе.

/Панде Колемишевски (Нова Македонија

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *