Почетна Политичка теологија ИСТРАЖУВАЊЕ: И Христијаните и Муслиманите поддржуваат членство во ЕУ
ИСТРАЖУВАЊЕ: И Христијаните и Муслиманите поддржуваат членство во ЕУ

ИСТРАЖУВАЊЕ: И Христијаните и Муслиманите поддржуваат членство во ЕУ

124
1

И христијаните и муслиманите речиси подеднакво би гласале ЗА на Референдум за членство во Европската Унија и сметаат дека членството на Северна Македонија во ЕУ нема негативно да се одрази врз практикувањето на нивните верски права и слободи, а во одредени административни сегменти може и да ги подобри верските слободи. Ова го покажува последното истражување на Институтот за политички истражувања – СКОПЈЕ „ИПИС“ и порталот „religija.mk“, поддржано од Фондацијата „Конрад Аденауер, во рамки на  проектот за перцепцијата на граѓаните околу улогата на верските институции и религијата во градењето на меѓурелигискиот соживот.

Доколку има референдум за влез во ЕУ како би гласале вие е едно од прашањата на кое  високи 64% одговориле со ЗА, додека 11% биле ПРОТИВ. Во однос на религиозната припадност сличен процент на православни и муслимани ја поддржуваат македонската евроинтеграција, односно 63% православни и 67% муслимани.

Истражувањето покажува дека граѓаните очекуваат промени за одредени прашања поврзани со религијата и евентуалното членство во ЕУ. Така на пример перцепцијата е дека членството во ЕУ ќе придонесе за решавање на црковниот спор и признавањето на МПЦ-ОА во православниот свет. Ваква е перцепцијата на 42% од православните верници, додека 30% сметаат дека нема да има промени.

И во однос на прашањето дали со членството во ЕУ, Северна Македонија ќе биде обврзана да регистрира други верски заедници, значаен дел, односно 44% од испитаниците одговориле потврдно. Ова е особено изразено кај православните верници, од кои 49% сметаат дека државата ќе биде обврзана да регистрира и други верски заедници по приемот во Европската Унија.

Анкетираните изразиле верување дела влијанието на членството во ЕУ, особено ќе се почувствува во сегментот на заштита на верските објекти, кои се истовремено и заштитени културно-историски споменици. Во тоа веруваат 63% од испитаниците.

Дали во земјите на ЕУ се почитуваат верските права и слободи? На ова прашање, високи 69% од граѓаните одговориле потврдно, додека 14% не се согласуваат дека во ЕУ се почитуваат верските права. Интересни се и одговорите на следното прашање, односно дали во Северна Македонија се почитуваат верските права и слободи. На ова прашање високи 72% одговориле со да, а само 16% со не. Доколку се споредат одговорите на последните две прашања, може да се заклучи дека граѓаните сметаат дека почитувањето на верските права и слободи во Северна Македонија се на еднакво или дури и повисоко рамниште споредено со земјите членки на ЕУ. Одговорите на овој сет на прашања потврдуваат дека перцепцијата на граѓаните околу почитувањето на верските права во земјата е висока и на многу слично рамниште со земјите од ЕУ. Имено на прашањето дали доколку Северна Македонија стане членка на ЕУ, верските права и слободи ќе се подобрат 33% одговориле потврдно, 9% сметаат дека ќе се влошат додека повторно слично, како и на претходното прашање, високи 43% одговориле дека ќе останат исти.

За големо мнозинство испитаници влезот во Европската Унија нема да има влијание врз практикувањето на верата, потоа врз односот помеѓу религијата и општеството како и врз влијанието на религијата во општеството и влијанието кое го имаат двете најголеми религиозни заедници. На прашањето: дали членството во ЕУ ќе го намали, зголеми, или влијанието на религијата во општеството ќе остане исто, 12% сметаат дека со членството во ЕУ ќе се намали, а слични 13% сметаат дека со членството во ЕУ ќе се зголеми влијанието на религијата. Сепак големо мнозинство од испитаниците сметаат дека нема да има промени во однос на влијанието на религијата во општеството по членството во Европската Унија.
Трендот на перцепциите во однос на оваа група прашања, може да се забележи и во следното прашање, односно дали членството во ЕУ ќе влијае на практикување на верата, на кое 17% одговориле потврдно, додека големото мнозинство испитаници или 60% сметаат дека членството во ЕУ нема да има влијание врз практикување на верата. И на прашањето дали со членството во ЕУ, влијанието на двете најголеми верски заедници МПЦ-ОА и ИВЗ ќе се намали, ќе се зголеми, или ќе остане исто, одговорите се слични како и на претходните прашања, односно 10% сметаат дека ќе се намали, 11% ќе се зголеми, а најголемиот дел 57% дека ќе остане исто.

Истражување е спроведено во декември 2019 година, а е користен стандардизиран национален примерок со 1115 испитаници постари од 18 години. Стратификцијата е соодветна со најновите податоци од државниот завод за статистика. Просечната респонзивност во анкетите зависи од самата тема на истражувањето и се движи од 30-60%, а за ова истражување беше 42% од добиените соговорници. Маргиналната грешка е помеѓу +/-2,9% со 95% интервал на веродостојност.

Коментар(1)

  1. Во Р.С. МАКЕДОНИЈА, СЕКАКО ДЕКА ВЕРСКИТЕ СЛОБОДИ НЕ СЕ ПОЧИТУВААТ. Ние немаме верско-религиско дисиденство на јавна сцена па да видиме реално колку верските слободи се погазени. Ако си роден со одредена религија и растеш со таа, нема никој проблем. Но, ако ја промениш религијата тогаш настапува лов на вештерки.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *