Почетна Верски буквар Историјат на правењето молитвен спомен за починатите
Историјат на правењето молитвен спомен за починатите

Историјат на правењето молитвен спомен за починатите

151
0

Првиот век не ни дава јасни сведоштва во поглед на молитвите за упокоените, но знаеме дека молитвите, давањето храна на сиромасите за спасение на нивната душа и причестувањето извршувани во спомен на упокоените, уште во древноста влегуваат во богослужбениот поредок на Црквата од Истокот. Спомнувањето на обичните упокоени е во тесна врска со споменот извршуван за мачениците, зашто до третиот век не се правела некоја голема разлика помеѓу нив. Во Светото Писмо постои само едно сведоштво во Второто послание на ап. Павле до Тимотеј. Нешто појасни сведоштва имаме од II век, во писмото кое Смирненската Црква го пишува за мачеништвото на св. Поликарп Смирнски. Таму се зборува дека неговите земни остатоци ќе бидат положени на чесно место, каде Црквата се собира за да изврши спомен на мачеништвото на светиот. Самите изрази во писмото зборуваат дека молитвата е надополнета со евхаристиска агапи. Исто така и св. ап. Јован се молел над еден гроб во третиот ден после нечија смрт и правел „прекршување на лебот“ (евхаристија). Св. Перпетуа Го молела Бога за својот брат, за тој да премине од место на жалост во место на радост. Тертулијан дава податоци дека за упокоените се принесува Евхаристија на денот на нивниот погреб и на годишнината од нивната смрт. И во Дидаскалија се спомнува за извршување на молитва за упокоените. Кон крајот на IV век Евсевиј сведочи дека после смртта на царот Константин Велики, неговото тело било поставено во храмот, и свештениците и верните извршувале молитви за покој на неговата душа. Св. Кирил Ерусалимски вели дека во црквата каде тој служел се правел молитвен спомен за упокоените епископи, отци и за сите оние кои меѓу нив починале. Кон крајот на истиот век и св. Јован Златоуст препорачува молитви за починатите. Истото го сведочи и Блажени Августин. Во Лавсаикот, пак, се наведува дека молитвен спомен за починатите браќа се прави не само во првиот ден од упокојувањето, туку и во третиот и четириесеттиот ден после неговата смрт.

Треба да се разликува споменот за новопретставените од општиот годишен спомен за починатите. За новопретставените Црквата се моли во третиот, деветтиот, четириесеттиот и годишниот ден од смртта, а се прави токму тогаш бидејќи секој ден има своја символика. На пример: во третиот ден Црквата се моли над починатиот во слава на Света Троица од Која потекнува нашиот живот и битие, а Која после смртта нѐ повикува во нов живот; во третиот ден и Спасителот воскреснал; во деветтиот ден заради деветте ангелски чинови кои се застапуваат за душата на починатиот; во четириесеттиот поради свештеното значење на бројот четириесет итн.

Освен молитвите за новопретставените Црквата се моли и за сите починати воопшто. Според богослужбениот поредок (Типикот), Црквата тоа го практикува во секоја сабота. Саботите, пак, како што се: 1. Месопусната сабота; 2. Втората, третата и четвртата недела од Великиот Пост; 3. Понеделникот или вторникот од Томината недела; 4. Саботата пред Педесетница; и 5. (Митровденска задушница), односно саботата пред празнувањето на споменот на св. вмч. Димитриј (26 октомври/08 ноември), се нарекуваат Вселенски родителски саботи, зашто се одредени со уставот на Вселенската Црква.

Во врска со Митровденската задушница, треба да се знае дека таа е востановена во XIV век и најпрвин била руска традиција, од каде што преминала и во повеќето Православни Цркви. На оваа задушница, во прво време биле спомнувани само православните војници, меѓу кои биле и двајцата монаси Александар Пересвјат и Ослабја од Московската обител на Живоначалната Троица кои паднале на браникот за верата и татковината. Димитриј Јованович Донски, откако ја извојувал победата во битката со Мамаите на Куликовското поле во 1380 година, во која погинале и двајцата гореспомнати монаси, ја посетил нивната света обител за таму да учествува во извршувањето на поменот за нив. Притоа тој предложил Црквата да го прави овој помен секоја година во Митровденската сабота, односно во онаа сабота која е најблиску до празнувањето на св. вмч Димитриј (26 октомври/08 ноември). Од тоа време Црквата ја приброила оваа задушница во вселенските родителски саботи, а нешто малку подоцна востановила во оваа сабота да се ивршува помен не само за паднатите за верата и татковината војници, туку и за сите починати воопшто.

/Бигорски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *