Почетна Коментар Испеана радост за Христовото Рождество
Испеана радост за Христовото Рождество

Испеана радост за Христовото Рождество

331
0

Имав особена чест да го проследам големиот Божикен концерт на традиционални празнични црковни песни – каланди во организација на манифестацијата „Бадникови поворки“, како круна на тридневното торжество за Христовото раѓање. Во оваа отворена „музичка мапа“, во мене влезе едно време од „Незнамкаде“.

Фатен во мигот на свеченоста, всушност се збогував со самиот себеси барем на кратко – додека траеше концертот. Поетска вечер со црковна наслада што ветува Вечност или насушна потреба од вакви настани, беше мојот краен впечаток.

Колку јасно сега станува тврдењето на Мартин Хајдегер: Поетите не заминуваат во Иднината, тие доаѓаат од неа. Во надоаѓањето на нивните зборови, единствено иднината присуствува!“ Таа законитост на идентификацијата со чинот на надживувањето на времето со крик или со песна, отсекогаш е една од најдлабоките драми на музичкиот хронопис низ неговите епохи. Песните не знаат за смрт! Охридската Архиепископија не успеа да стигне до првиот пејзаж со кого се сретнал духот на Партениј Зографски, Анатолиј Зографски, Крсте Петков Мисирков, не отиде во Белград на гробиштата на комуњарите за да ја провери силата на својот крик, не се сретна со нејзините денешни оспорувачи – особено од нашиот народ, не го сретна ни Блаже Конески, не отиде никаде, а стигна до Христа и Цариград, за да го отклучи срцето за споменот на нашиот народ.

И токму нејзе ѝ беше посветен минатонеделниот Божикен концерт, по повод одлуката од 9 мај од 2022 год. за сослужување во канонско единство со Вселенската Патријаршија, после што следеше и помирувањето со СПЦ. Божикниот концерт не може да биде сведен на студена анализа, оти додека се вгледуваваме во неговото песнотечение, нѐ надминуваше со својата неоспорна убавина. Оливер Јосифовски со Вера од Љубојна (обмислителите на музичкото патување низ Византија), хорот Козма Пречистански и другите гости свиреа, пееја како да пишуваа преписка со себеси, чиниш духовна одисеја по тие условни подѕидоци од Византија; како Света Литургија на животно ингениозно музичко наследство.

На овој свечен акт радосен би бил и духот на молдавскиот принц и композитор Димитриј Кантемир (17-18 век), чие дело беше изведено на празничниот концерт. (Како заложник во Цариград, завршил патријаршиско школо и се посветил на црковната и генерално на народната музика на просторите од Византија). Потоа следуваа божикни каланди (празнични песни – молитви за Рождеството Христово) со прекрасни музички аранжмани, носејќи ја македонската музичка традиција како аманет низ византиските музички ареали. Со многу „тишина“ и кинеска педантерија внатре во музиката, концертот ни ја завеша музиката на една црковна поезија која ќе се обновува во времето што доаѓа како профетски занес, како Литургија на радост за Христовото Раѓање.

Пред нас, како публика, од првите редови се креваше нешто чудно: многу остри камења од незнајни јунаци, тивки пристаништа. И човек сфаќа дека за реализација на вакви торжествени настани во позадина, како дух претходник, стојат тивките незнајни јунаци – монасите. Сношти сонував икони со ликот од мои браќа и сестри и пред секоја икона коленичев и ја бакнував, па затоа токму нив им го посветувам овој коментар. „Ќе погледнам само на оној кој има смирен и скрушен дух и кој трепери пред Моето слово“. Постојат луѓе кои брзо го виделе крајот. Кога прв пат ќе ја видите „смртта“ (кога стариот човек го нема) чувствувате дека некои работи не мора да ги спасувате. Тука спаѓаат: суетата, личната афирмација, самоактуелизацијата итн.

Монасите не знаат за смрт, оти нивното обраќање е од крстот на Воскреснатиот Христос, чија сушност тие ја воспеваат, презирајќи ја смртта низ зборовите: Она што е мртво, не може да умре! Накрај, ќе завршам со Песната на ангелите, во текст на еден современ теолог: „На Рождеството Христово Ангелите прво пееле: ‘Слава на Бога во висините и после тоа на земјата мир, меѓу луѓето добра волја.’ Само што ќе го доживееш првиот дел од тоа песнопение – Слава на Бога во висините – ќе почувствуваш мир во своето срце, ќе исчезне меланхолијата од душата твоја, ќе се умиротвори домот, ќе се помириш сам со себеси, со блиските, со светот, со колегите, и ќе си среќен човек. И бидејќи човекот, јас и ти не Го прославуваме Бога, туку го прославуваме нашето сопствено его, во срцето немаме мир, ниту во домот, ни во светот.

Светот не оди кон добро, светот нема мир, светот тлее и се распаѓа. Бог постои, но ние не учествуваме во Неговата божествена благодат, добрина, љубов. Сите тие нешта постојат, но ние не им се насладуваме, не ги живееме, не им се радуваме, зошто? Затоа што не Го прославуваме Бога, не сме разбрале дека тој постои, та да го прославиме, не сме разбрале дека тоа е целта на нашиот живот. Постојам за да ја одразувам Неговата благодат, слава, радост – за да стане Бог сѐ за мене. И кога ќе стане Бог сѐ за мене и ќе го прославам, тогаш ќе се успокојам, а тоа значи дека сум го разбралсвоето место во светот, во вселената.“

Пишува: М-р Влатко Деловски, Етнолог и културолог (За Фокус)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *