Почетна Интервју Исламот е вера, не е идеологија
Исламот е вера, не е идеологија

Исламот е вера, не е идеологија

210
0

Интервју со поглаварот на Исламската верска заедница во земјата, Сулејман Реџепи

Исламската верска заедница е една од верските заедници во државата што најодговорно се однесувале во кризата со ковид-19, а нејзините верници ги почитувале сите мерки и препораки на епидемиолозите. Ова за интервју во „Нова Македонија“ го тврди реисот Сулејман Реџепи, поглаварот на втората по големина верска заедница во земјата, кој посочува дека неговите изјави, иако честопати биле дефинирани како закани, не се политички, туку се пораки испратени до државните власти за решавање на проблемите што ги има самата Исламска верска заедница.

– Искрено, овој Рамазан според надворешноста е малку поинаков. Ковид-19 предизвика многу промени во нашиот секојдневен живот, а мерките преземени од Владата влијаеја на сите сегменти на општеството. ИВЗ многу одговорно ги прифати препораките на епидемиолозите и стриктно се придржуваше кон сите мерки, иако тие директно влијаеја на нашата работа. Од пред некое време нашите џамии се отворени и јавноста е сведок колку сериозно и внимателно се однесуваат нашите верници во божјите храмови – вели поглаварот Сулејман Реџепи.

Во изминатиот период верските заедници на еден начин беа под рестрикции. Во вашиот случај имаше затворени џамии, аџилакот не се организираше. Дали стравот од коронавирусот може негативно да влијае врз верата кај луѓето, или, пак, оваа ситуација ќе ја зајакне верата?
– ИВЗ е тешко погодена од рестрикциите, но се обидуваме да преживееме и ќе преживееме ако даде Бог. Да, рестрикциите предизвикаа тешкотии, ама ние отсекогаш сме опстојувале со тешкотии, без ничија помош и исклучиво од поддршката на припадниците на ИВЗ во земјава. Инаку, стравот и паниката, според исламските верски принципи, треба да се надминат и надвладеат со разум и со верба во Бога, па токму така и се однесуваа нашите верници кон пандемијата предизвикана од ковид-19. Разумно и со строго почитување на мерките, но истовремено со многу вера во Бога и неговата помош. Бидете убедени дека ваквите ситуации, каква што е оваа што ја предизвика низ цел свет пандемијата, ќе ги зајакнат верата и верувањето во творецот и владетелот на световите.

Неколкупати досега бевте критикуван дека давате политички изјави и квалификации од позиција на поглавар на верска заедница. Власта, и оваа и претходната, тоа го дефинира како закани. Какви се сега релациите со државата? Има ли ИВЗ сѐ уште отворени прашања?
– Веќе со години повторувам дека ИВЗ е натполитичка институција, која не се занимава со политика, иако некои сакаат да нѐ прикажат како такви, од само за нив познати причини. Следствено, и моите изјави дефинирани како „закани“ немаат каква било политичка заднина, туку се изјави преку кои ние сме испратиле пораки за што поскоро решавање на нашите тешкотии и проблеми со кои неправедно се соочуваме. Не е место и не е време да ги елаборирам тие мои „закани“, но нагласувам дека ние и во минатото сме соработувале и ќе соработуваме со државата на рамноправно ниво, во интерес на нашите верници и на ИВЗ, како и за зајакнување на дијалогот и толеранцијата меѓу луѓето. Не се мешаме во работите на државата и не дозволуваме ниту државата ниту кој било политички субјект да се меша во нашите работи. Што се однесува до „отворените прашања“ што ги споменувате, тие нема да ги затвориме сѐ додека не бидат решени правно и праведно, како што се очекува од демократска држава што се стреми кон евроатлантските интеграции, а за кои и ние сме придонеле со сиот наш капацитет.

Има ли во ИВЗ сѐ уште внатрешни проблеми?
– ИВЗ немала и нема внатрешни проблеми. Проблемите на кои вие, претпоставувам, алудирате се предизвикани од мала група луѓе поддржани и стимулирани од одредени структури надвор од ИВЗ на кои им одговара слаба и разделена ИВЗ. Но ИВЗ своето работење и организирање ги заснова врз исламските начела и нејзиното внатрешно уредување и поставената внатрешна хиерархија гарантирана со Уставот на РСМ и со Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група на РСМ, од тука на секоја незаконска и неинституционална активност.

Тие луѓе ИВЗ секогаш ги има санкционирано и отфрлено како отпадници од својата средина, така било во минатото, исто така ќе постапи и во иднина. Исламот останува монолитна религија и во одбрана на вистинскиот ислам, на исламот што ги негува куранските правила и принципи, на исламот што е во цврста спрега со своите верници и не дозволува продор на туѓи идеологии, бидејќи исламот е вера, не е идеологија. И тоа без сомнение нејзиното институционално функционирање и негување на исламските вредности останува засекогаш гордост на ИВЗ.

Која е вашата порака за Рамазан-бајрам?
– Мојата порака за Рамазан-бајрам содржи најубави желби до исламските верници, за кои Фитр Бајрам е круна на нивниот пост и на ибадетите што ги чинеа во изминатиот месец во името на Бога. Луѓе, почитувајте се и сакајте се меѓу себе, бидете солидарни и помагајте им на сите што имаат потреба за вашата помош, подарете им насмевка на вашите соседи, пријатели и роднини, бидете толерантни кон вашите сограѓани, значи чинете го сето тоа што Алах го бара од вас.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *