Почетна Анализа Има ли верска дискриминација во Македонија?
Има ли верска дискриминација во Македонија?

Има ли верска дискриминација во Македонија?

106
0

Има ли верска дискриминација во Македонија, прикриена или отворена и дали верниците се доволно информирани за начинот како да побараат заштита на своите верски права. Статистички, во државата нема голем број претставки по основа на верска дискриминација, но има случаи кога на одредени лица им се скратуваат човековите права само поради тоа што на себе имаат јасни верски обележја. Најчесто тоа се случаи кај муслиманки што го имаат покриено своето тело.
Последниот случај што излезе во јавноста за дискриминација по основа на верска припадност беше кога жена со шамија што ѝ ги покрива главата и косата не ѝ било дозволено да седне во скопски ресторан. Комисијата за заштита од дискриминација потврдила дискриминација врз основа на религија и верско убедување.

Познавачите на оваа проблематика велат дека во земјата сѐ поретко се појавува директна дискриминација поради припадност на одредена вера или неприпадност.

Сепак, сметаат дека таа повеќе се појавува во форма на индиректна дискриминација, во форма кога правилото ви изгледа неутрално, третманот ви изгледа неутрален, но има ефект кон припадници на одредена група.

Комисијата за заштита од дискриминација изминатата година со ова прашање се занимавала во два наврата што се однесувале на обезбедување еднаквост на муслиманките да го покриваат своето лице на јавен простор како облик на верска слобода.

Во едниот случај станувало збор за јавна реакција на комисијата без да има претставка. Во вториот случај, пак, имало претставка. Позицијата на комисијата е дека правото на жената муслиманка да го покрива лицето во секојдневната интеракција е човеково право, односно јавна манифестација на слободата на вероисповед.

Александар Спасеновски, член на Комисијата за заштита од дискриминација, вели дека уставноправната и институционалната рамка на Република Македонија се поставени на начин што ја промовира и ја унапредува еднаквоста помеѓу верските заедници.

– Во оваа смисла, Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, кој беше донесен во 2007 година, ги коригира недостатоците од претходниот закон, од 1997-та, и беше поддржан од страна на меѓународната заедница. Во оваа смисла, исто така, и Законот за спречување и заштита од дискриминација од 2010 година дополнително ја штити еднаквоста, меѓу другото, и врз основа на верска припадност. Секако, тука се и институциите што се задолжени за примена на Уставот и соодветните закони, односно во однос на ова прашање Комисијата за односи со верските заедници, Комисијата за заштита од дискриминација, Анкетната комисија за заштита на човековите права на Собранието, како и Уставниот суд. Истовремено, постојат и меѓународни механизми што се однесуваат и на Македонија, а особено Европскиот суд за човекови права, кој има пресуди меѓу другото и во однос на слободата на вероисповед. Со тоа, можеме да заклучиме дека во државата максимално е стеснет просторот за дискриминација врз основа на верската припадност – објаснува Спасеновски.

Александар Даштевски, претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација, вели дека една од најтешките форми за констатирање е дискриминација на верска основа. Но најголем проблем, според него, е тоа што претставките што стигнуваат до комисијата не се секогаш поткрепени со докази и во тој случај не може да се постапува по нив.

– Граѓаните не се доволно информирани како да препознаат дискриминација по верска основа и како да постапат во моментот кога им се случува. Треба да знаат дека кога ќе поднесат претставка до комисијата, треба да ја поткрепат со докази. Без докази не можеме да установиме дискриминација. Во многу случаи граѓаните се обраќаат и до невладините организации, но и тие не поднесуваат секогаш целосни претставки до комисијата – објаснува Даштевски.

Даштевски вели дека во случаите кога е утврдена верска дискриминација, комисијата дава мислење до конкретниот субјект, во кое наведува дека во следните 30 дена не треба да се повтори дискриминацијата, а во спротивно поднесува прекршочна пријава до Кривичниот суд. Според Законот за спречување и заштита од дискриминација, казните за физички лица изнесуваат 600 евра, а за правни субјекти 1.000 евра.

– Генерално, во Македонија не постои голем процент на верска дискриминација. Сепак, сметам дека има случаи на верска дискриминација што остануваат непријавени или нерасчистени. Во многу случаи и верските заедници не ги охрабруваат своите верници да ги расчистуваат случаите. Во балканските земји состојбата е слична како и кај нас, но во европските земји луѓето знаат како веднаш да препознаат дискриминација и кај нив тоа законски повеќе е регулирано – објаснува Даштевски.

ШАМИЈАТА КАЈ МУСЛИМАНКИТЕ НАЈЧЕСТА ПРИЧИНА ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА

Според податоците на Комисијата за заштита од дискриминација, најмногу претставки за утврдување верска дискриминација има од муслиманки што носат шамија што им ги покрива главата, косата и вратот, наречена хиџаб, а истовремено во некои случаи им било оневозможено да ја носат како дел од облеката.

Според претседателот на комисијата, Александар Даштевски, во еден случај постапиле позитивно, зашто се работело за средно училиште во Струга што не дозволило ученички да носат шамија, нешто што било спротивно на Законот за заштита од дискриминација, а во вториот случај ја одбиле претставката зашто се работело за случај со спа-центар, кој наводно не дозволувал посета на базенот и капење во него во костим за капење наменет за муслиманските жени, но подносителот на претставката немал доволно докази за тоа.

ШТО Е ДИСКРИМИНАЦИЈА?

Според Законот за заштита од дискриминација, секое неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење разлика или нееднакво постапување, односно правење разлика или нееднакво постапување, односно пропуштање во однос на лица или групи што се заснова на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа се нарекува дискриминација.

ДАЛИ ЕВРОПА ИМА ДВОЈНИ КРИТЕРИУМИ ЗА СЛОБОДАТА НА ВЕРОИСПОВЕД?

Голем дел држави-членки на Европската Унија изминатите години вовеле забрана за носење бурки и хиџаб кај муслиманските жени во своите земји.

Последен ваков пример е одлуката на Горниот дом на холандскиот парламент, кој го усвоил законот со кој се забранува носење марами што го покриваат лицето во јавни згради, како училишта, владини канцеларии и болници. Сличен ваков закон е усвоен и во Австрија, Франција, Данска и во Белгија.

Експертите велат и дека Европа секогаш има двојни критериуми кога се работи за државите што ѝ припаѓаат и кога ги критикува државите-аспиранти за членство во ЕУ, од кои бара поинакви законски решенија. Тука се поставува и прашањето кој во суштина ги штити или ги загрозува демократските права и верските слободи во срцето на Европа?

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *