Почетна Вера МПЦ-ОА Илјада поклоници на литургијата на Крчин за 1000-годишнината на Бигорски
Илјада поклоници на литургијата на Крчин за 1000-годишнината на Бигорски

Илјада поклоници на литургијата на Крчин за 1000-годишнината на Бигорски

323
0

Врвот Голем Крчин, над долнореканското село Битуше, по петтипат ги дочека бигорската и раичката обител и многуте поклоници на Боженствена литургија.

Петтата јубилејна литургија се совпаѓа со одбележувањата на 1000-годишнината од основањето на Бигорскиот манастир, а во чест на овој голем јубилеј присуствуваа повеќе од илјада верници, планинари, алпинисти, спортисти, вклучително и неколку од Србија кои допатуваа специјално за овој настан.

-Оваа литургија по Божја промисла соединета со илјадагодишнината од основањето на свештената бигорска обител, повторно привлече голем број народ, кои соединети во една мисла, срце и ум, верно стоеја пред возвишениот крст, барајќи благослов од Бога за нив и за нивните ближни. Направија досега невиден подвиг, покажувајќи огромна љубов, духовна радост и почит кон делото на нашата Обител, која веќе десет века е силен спроводник на Преображенската светлина во срцата на нашиот народ. Нивните насмевки беа најголемото сведоштво за примената благодат, а преку восхитот во нивните срца ја изразуваа благодарноста кон нашиот старец и игумен, Владиката Партениј, кој им овозможи учество во еден ваков необичен настан и доживување, стои во објавата на сајтот на Бигорскиот манастир.

Како монашко братство и сестринство, се додава, им должиме голема благодарност на пожртвуваните членови на Единицата за спасување на планини и непристапни терени при Црвениот крст од Охрид, како и на членовите на Црвениот крст од Битола, кои и оваа година, со верна љубов кон нашиот Старец и игумен, владиката Партениј, но и почит кон секоја личност, максимално се потрудија да одговорат на својата навистина тешка задача, трудејќи се да ја сочуваат безбедноста на рутата.

Од особено значење беше и учеството на водичите од Македонската асоцијација за интернационални водичи во планина (МАИВП) и од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ), чија што професионалност, поддршка и несебична љубов кон секого, беа вистинска поткрепа кон добрата организација на овој настан. Искрено им благодариме и Го молиме премилостивиот Господ да ги исполни нивните срца со небесна радост и да го умножи плодот од нивните трудови, та секогаш да бидат исполнети со божествена сила, која насушно им е потребна во предизвиците со кои постојано се среќаваат, се наведува во објавата.

На врвот Крчин, во 2016 година, првпат по 80 години, беше отслужена Литургијата на местото каде што некогаш имало храм посветен на Преображението Господово, а денес стојат само остатоци од него

Врвот Голем Крчин е највисокиот врв на планината Крчин во западниот дел на Македонија, кој се извишува над долнореканското село Битуше, на надморска височина од 2.341 метар. Планината се протега во продолжение на планината Дешат и е дел од поголемиот венец Шара-Кораб-Дешат-Крчин-Стогово-Караорман.

/МИА

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *