Почетна Вера МПЦ-ОА Илинденска Доксологија во Бигорски
Илинденска Доксологија во Бигорски

Илинденска Доксологија во Бигорски

320
0

Вчерашното Илинденско торжество од Лазарополе, попладнето се пренесе во Бигорската Обител, каде што како и секоја година беше извршен чинот на Доксологија, во кој се принесуваат молитви „за вечен спомен и блажено упокоение на сите кои се бореле и паднале во светите борби за верата и Татковината, особено во Илинденското востание“.

По благословувањето на празничното коливо, Архимандритот Партениј, во своето пригодно слово, меѓу другото истакна:

„Како што чувме од чинот на Доксологијата, ние се помоливме и за началниците кои се поставени да управуваат. Зашто, навистина, голема одговорност имаат оние на коишто Господ им дал власт да управуваат со државата, за којашто многумина ги дале своите животи, го дале најсветото што го имале…

За нашата Македонија да им добра иднина, неопходно е да има добра дипломатија. Да се води една сериозна политика е многу тешко, затоа што таа бара голема мудрост, внимателност, љубов кон Татковината, далекусежност и пред сѐ, просветление од Бога. Следствено, таа воопшто не треба да биде популистичка, ефемерна и теснопартиска, заснована на лични интереси…

За добрата перспектива на државата, неопходна е не само добра надворешна, ами и внатрешна политика. Господ да ги просветлува сите што имаат одговорни положби и да ги чува особено од страста на среброљубието, бидејќи како што сведочи Светото Писмо, најстрашната и најпогубна страст за човекот е среброљубието, љубовта кон парите и материјалните богатства. Коренот на сите зла е среброљубието, вели Божествениот Апостол Павле (1. Тим. 6,10). Среброљубивиот ги затвора ушите и срцето за другите, се насочува само кон своите ниски егоистични страсти и цели. За такви примери слушаме постојано од јавните гласила – како некои од народните избраници посегнуваат по државата каса. Е, тоа е најголемиот грев, зашто тоа не е само личен грев, туку грев против целата заедница. Таквите нечесни работи најмногу ја уназадуваат државата. Затоа ние треба да се молиме секогаш за оние кои управуваат, бидејќи лесно е да ги критикуваме, но многу потешко е да се молиме за нив, како што и ни заповеда Црквата Божја.

Бог, Царот над царевите и Господарот над сите началства, да им вдахновува на нашите управители љубов кон Татковината, та таа непречено да напредува во доброто, а нашиот народ да застане рамноправно со сите народи под сонцето на оваа наша убава од Бога создадена планета!“

/Bigorski

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *